Јованоски и Макрадули: Инвестирањето во заштитата на животната средина штеди пари и емисија на ПМ 10 честички

Реализираните проекти од областа на заштитата на животната средина во општина Прилеп, беше тема на денешната средба на градоначалникот Илија Јованоски и заменикот министер за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

Градоначалникот Јованоски напомена дека на јавниот повик за Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година, кој го спроведе Секретаријатот на Владата во соработка со Министерството за животна средина, Општина Прилеп доставила две апликации.

„Општина Прилеп аплицираше за набавка на котлара за Гимназијата ‘Мирче Ацев’, за што беа одобрени 5.400.000 денари и за 13 инвертори за потребите на средните училишта ‘Орде Чопела’ и ‘Ѓорче Петров’ и за Детските градинки ‘Наша Иднина’. Вториот проект беше за енергетска ефикасност, за кој што добивме околу 3.500.000 денари, со кои се изврши промена на дограмата и столаријата во Домот за стари лица ‘Киро Крстески-Платник’ и во некои од градинките на ‘Наша иднина’, а беа набавени и 7 прочистувачи на воздух за потребите на детските градинки“, истакна градоначалникот Јованоски.

Јованоски потсети на мерките за заштита на животната средина кои Општина Прилеп ги реализира во текот на минатата година, меѓу кои беа и четирите автобуси на метан, а ги акцентираше и средствата во висина од 6.000.000 денари кои Советот на општина Прилеп ги издвои за субвенционирање на 400 инвертори и велосипеди за граѓаните на прилепската општина. Градоначалникот Јованоски истакна дека јавниот повик за субвенционирање на инвертори и велосипеди ќе биде распишан откако ќе бидат одредени критериумите за нивно добивање.

Заменикот министер за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, не го криеше задоволство од мерките кои Општина Прилеп ги презема за заштита на животната средина.

„Прилеп е една од ретките општини која има донесено Програма за енергетска ефикасност, што е комплементарно на планот на Владата за чист воздух. Општина Прилеп доби средства во висина од околу 9.5 милиони денари за повеќе објекти. Она кое што постојано го нагласувам, е дека овие проекти им штедат пари на општината, на Владата, на граѓаните, но и штедат емитување на ПМ честички во воздухот. Јасна е пораката која ја добиваме и од изведувачите и од децата во градинките каде е интервенирано со инверторите, бидејќи во просториите е и потопло, и почисто. Со градоначалникот разговаравме и за приоритетните проекти за 2020 година. Сите податоци покажуваат дека инвестициите во енергетска ефикасност носат заштеда од 25% до 30%, а да не споменувам за заштедите таму каде се користат 35-40 тони нафта кои чинат околу 30.000 евра и кои генерираат 22 килограми ПМ 10 честички и 20 килограми ПМ 2,5. Нема друг начин да се справиме со загадувањето, освен елиминирање на изворите и затоа ги поздравувам сите овие заложби кои се прават во Општина Прилеп“, потенцираше заменикот министер Макрадули.

Во текот на денешниот ден, градоначалникот Јованоски и заменикот министер Макрадули, посетија неколку објекти во кои беше поставена дел од опремата и машините кои Општина Прилеп ги доби од Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …