Пишува: Зоран Милошески

Во чест на Светскиот ден на дијабетесот 14.Ноември, градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски денес оствари средба со членови на Здружението на граѓани со дијабетес „Светлост за нас“.

Како човек од здравството кој ги разбира проблемите со кои секојдневно се соочуваат лицата со дијабетес, градоначалникот Јованоски рече дека прилепската локална самоуправа и финансиски и просторно ќе го помогни здружението „Светлост за нас“.

„Општина Прилеп на Здружението ќе му додели на користење просторија во старата општинска зграда, а ќе го помогнеме и со одредени финансиски средства. Процентот на лица кои страдаат од дијабетес е скоро 3 пати поголем од оние регистрирани 5-6% од нашата популација. Овие лица имаат посебен начин на живот и затоа ние ќе им помогнеме да функционираат како сите останати“, рече градоначалникот Јованоски.

Мирјана Димеска, претседателка на Здружението на граѓани со дијабетес „Светлост за нас“ од Прилеп кое брои 3.960 членови, е пријатно изненадена од поканата за средба од страна на градоначалникот Јованоски. Таа вели дека сѐ до денес локалната власт останувала “глува“ на нивните иницијативи за остварување средба на која би разговарале за проблемите на дијабетичарите.

„Среќни сме што ќе имаме просторија во која ќе може да се среќаваме и да ги вршиме нашите секојдневни активности. Изминатите две години имавме големи проблеми поради лошиот квалитет на инсулинот. Многумина од нашите членови преживеаја тешки моменти со хипогликемија и хипергликемија, а како последица на тоа повеќемина од нив и починаа. И покрај нашите укажувања, не наидовме на разбирање кај Комисијата за дијабетес во Министерството за здравство, од каде ни велеа дека инсулинот кој го користиме е со многу добар квалитет. Меѓутоа настанатите последици го кажуваат спротивното“, изјави претседателката на „Светлост за нас“, Мирјана Димеска.

Здравствениот дом од Прилеп се вклучи во одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот, преку бесплатно мерење на шеќер во крвта на граѓаните на Прилеп на градскиот плоштад „Методија Андонов-Ченто“. Свој пункт за бесплатно мерење на шеќер во крвта имаше и „Лајонс“ клубот.

Светскиот ден на дијабетесот, 14. Ноември, се празнува во чест на роденденот на д-р Фредерик Бантинг, кој заедно со д-р Чарлс Бест, е заслужен за откривањето на инсулинот во 1921 година.