Јованоски: По примерот на Дневниот центар, работиме на подобрување на условите за престој на сите ранливи категории

По повод 25.Март, Светскиот ден на лицата со церебрална парализа, денеска во Дневниот центар за лица со церебрална парализа во Прилеп беше изведена пригодна програма, во која учествуваа и лица кои ги користат услугите на Дневниот центар.

На одбележувањето на Светскиот ден присуствуваше и градоначалникот Илија Јованоски, кој го истакна значењето од постоењето на Дневниот центар, чии резултати во работата со лицата со церебрална парализа во изминатите 9 месеци, колку што постои Дневниот центар, се евидентни. Градоначалникот рече дека локалната самоуправа размислува за понатамошно зголемување на просторните капацитети и на овој центар, но и на другите простории на здруженијата на лица од ранливите категории на граѓани.

„Ќе ги искористиме сите можности за да создадеме подобри услови и да ги зголемиме капацитетите на овие центри, како на овој Дневен центар, така и на другите за лицата со посебни потреби. Имавме соработка и со здружението „Порака“, нивните простории двојно ги зголемивме. Но и тоа не е доволно, така што размислуваме во иднина да отвориме и нови простории. Општина Прилеп врши промена на Деталниот урбанистички план за изградба на нова детска градинка во населбата ‘Точила’, каде постои можност да биде изграден и Дневен центар за лицата со посебни потреби“, истакна градоначалникот Илија Јованоски.

Директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Прилеп, Живко Сиљаноски напомена дека она што некогаш било сон кога е во прашање функционирањето на еден ваков Дневен центар, сега е реалност.

„Задоволство ни е што после 9 месеци можеме да евалуираме одредени резултати. Во фаза сме на кадровско доекипирање, треба да бидат издадени и лиценци за вработените за работа со оваа категорија. Се надевам дека искуствените знаења од овој Дневен центар ќе ги искористиме во некое идно време. Онака како што овој центар стана како еден вид посебна организациона единица на Центарот за социјална работа, ќе овозможиме тоа да биде и некој трет и четврт, согласно афинитетите и проблемите на соодветната ранлива категорија“, нагласи Сиљаноски.

„Во однос на тоа што церебралната парализа е сериозно нарушување на централниот нервен систем, станува збор за последици кои што можат да бидат минимални, но и трајни или премногу сложени. Церебралната парализа опфаќа еден вид на пречки со кои децата можат да се вклучуваат во редовното образование, но и други кои не можат да бидат таму вклучени. Овие центри се посебно важни за оние деца кои не можат да бидат вклучени во редовното образование, каде имаат целодневен третман – од физикална терапија, социјална згриженост, едукација и храна“, потенцираше Бранка Пројческа, едукатор во Дневниот центар за лица со церебрална парализа.

Задоволството од функционирањето на Дневниот центар го искажаа и родителите чии деца ги користат услугите кои тој ги нуди, кои рекоа дека нивните деца со големо задоволство доаѓаат тука и дека кај нив е видлив напредокот од престојот во центарот и работата со стручните лица.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …