Јованоски: Почитувањето на советите и препораките на здравствените работници, е главен услов за да се избориме со пандемијата

Јованоски: Почитувањето на советите и препораките на здравствените работници, е главен услов за да се избориме со пандемијата

Заради влошувањето на ситуацијата со вирусот Ковид-19 во општина Прилеп, градоначалникот Илија Јованоски денеска свика седница на Општинскиот кризен штаб, на која се разговараше за сите понатомошни чекори кои, неминовно треба да се преземат, со цел намалување на ширењето на заразната болест.

Граѓаните, институциите и правните субјекти, доследно и без исклучок да ги почитуваат мерките и препораките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, нагласи Јованоски, осврнувајќи се на новите одлуки за заштита од Ковид-19 донесени од Владата на Република Северна Македонија.

„Угостителските објекти, своето работно време треба да го ограничат до 23часот. Капацитетот на патници во јавниот превоз се ограничува на 50 отсто, мерка која стриктно ќе се почитува во општина Прилеп, а до неа да се придржуваат и стопанските субјекти, чии вработени на своите работни места одат со организиран превоз. Потенцирам, дека полицијата ќе врши строга контрола на возилата и за секое непочитување на мерките ќе изрекува строги санкции и казни. Исто така, да нагласам дека целата државна и јавна администрација, вклучувајќи ги и судовите, работниот процес ќе го организираат во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации во зависност од карактеристиките на работата која ја извршуваат“, истакна градоначалникот Јованоски.

Првиот човек на општина Прилеп потенцираше дека во изминатите триесетина дена, Комисијата за вршење контрола над спроведувањето на мерките и препораките за заштита од Ковид-19 врз институциите од општинска надлежност, изврши повеќе контроли во основните и средните училишта, како и во детските градинки.

Заклучок на Комисијата е дека во најголем дел од овие институции, доследно се спроведуваат протоколите за заштита од вирусот, а онаму каде што беа констатирани пропусти во работата дадени се напатствија за нивно итно коригирање.

„Општинскиот кризен штаб донесе одлука со која му наложи на раководството на ЈП „Пазари“ да врши строга контрола на сите влезови од пазарот, да не се дозволи влез на ниту едно лице без носење на заштитна маска и претходна дезинфекција на рацете. Истовремено, продавачите во пазарот се обврзани да носат заштитна опрема, односно заштитни маски и визири, а после крајот на работното време на пазарот, да се врши негова целосна дезинфекција. Се скратува работно време на градскиот пазар, според што од утре, петок 23 октомври, пазарот ќе работи од 07 до 15 часот“, информираше градоначалникот, на прес конференцијата по завршувањето на средбата на Кризниот штаб.

Дополнително, во пресрет на носењето буџетот за 2021 година, Општинскиот кризен штаб одлучи да не се одржуваат состаноци со физичко присуство на жителите од урбаните и месните заедници. Наместо тоа, претседателите и советите да ги изнесат прашањата и проблемите кои се од приоритетна важност за нивните локални заедници, на онлајн состаноци со градоначалникот.

„Ширењето на вирусот кај нас исто како и во поширокиот регион и во светот, зема замав. Од тие причини, сите ние како граѓани мораме да покажеме поголема одговорност. Да се откажеме од некои воообичаени навики, нашето однесување и нашето секојдневно живеење да го прилагодиме на новата нормалност. Сакам да истакнам дека сите ние, треба имаме доверба во докторите и здравствените работници не само кога имаме некакви здравствени проблеми, туку и кога сме здрави. Да ги слушаме нивните совети и препораки, бидејќи тоа е еден од главните услови да се избориме со пандемијата. Со нашето однесување, да не им ја отежнуваме нивната исцрпувачка работа и секојдневна битка со вирусот Ковид-19“, изјави Јованоски.

Прочитајте повеќе

Венко Филипче

Д-р Филипче од Струмица: 30.000 денари просечна и 20.000 минимална пензија во следниот мандат (ВИДЕО)

„Секогаш е пријатен муабетот со пензионерите, затоа што тие се мудри, искусни и нивните совети …