Јованоски: Состојбата со коронавирусот е сериозна, да не се доведуваме во ситуација од воведување нови рестрикции

„После денешниот состанок на Кризниот штаб на општина Прилеп, за жал, неизбежна е констатацијата дека состојбата со вирусот Ковид-19 се влошува. За разлика од месеците јуни и јули, кога успеавме подолг период да имаме по ниту еден или по еден заболен дневно, во изминатите два месеца бројот на заразени во нашата општина е зголемен. Во моментот, состојбата со коронавирусот е сериозна, но сеуште не е алармантна“, изјави градоначалникот Илија Јованоски после завршувањето на состанокот на Општинскиот кризен штаб, на кој се дискутираше за состојбата во општина Прилеп со Ковид-19.

Градоначалникот Јованоски нагласи дека во периодот кој следува, со отворањето на училиштата, работењето на градинките и доаѓањето на сезонскиот грип, можно е бројот на заболени со коронавирус уште повеќе да се зголемува. Затоа, како што рече Јованоски, секој поединец и секоја институција треба максимално да ги почитуваат мерките за заштита, со цел да не се дозволи преполнување на болничките капацитети и да не им се отежнува работата на здравствените работници.

Во таа насока, во договор со директорот на Градскиот пазар, а во соработка со полицијата и комуналната инспекција, ќе се засилат контролите на влезовите во пазарот и ќе се спречат групирањата  во него. Секој граѓанин кој влегува во пазарот и секој продавач, мора, без исклучок, да носи заштитна маска и да ги дезинфицира рацете.

Градоначалникот Јованоски констатираше дека после состанокот на Советот за превенција, засилени се полициските контроли и зголемен е бројот на изречени казни за неносење заштитни маски, но сеуште се чести случаите на групирање на граѓани. Тоа е особено изразено кај младите лица кои во вечерните часови се збираат во парковите низ градот, како и кај пензионерите кои се дружат без да ја почитуваат задолжителната дистанца.

„Евидентни се и дружбите во локали и ресторани, семејни прослави со поголем број на присутни, групирања пред банки, маркети. Заедно со полицијата, пазарната инспекција мора да ги засили контролите. Никој нема право со својата неажурност да ги изложува на ризик критичните групи на граѓани и сите останати кои можат да бидат жртви на вирусот. Со цел лично да се уверам во начинот на кој поголемите стопански субјекти ги спроведуваат мерките за заштита од Ковид-19, денеска ќе ја посетам компанијата ‘Гентерм’, а истовремено, комисијата од локалната самоуправа ќе врши засилена контрола врз институциите за спроведување на мерките за заштита од коронавирус. Упатувам уште еден апел до граѓаните, институциите и приватните субјекти, да ги почитуваме мерките и протоколите за заштита од коронавирусот. Да не дозволиме да ескалира ситуацијата, да не се доведеме во ситуација на нови рестрикции, полициски часови и повеќедневни карантини, кои би ја закочиле економијата и би не’ затвориле дома“, потенцираше градоначалникот Јованоски.

Директорката на Центарот за јавно здравје Прилеп, Драгица Николоска, напомена дека е забележително што бројот на заболени во последните два месеца, е значително поголем во однос на претходните месеци.

„Ако направиме една споредба, почнувајќи од 1 август па до денеска, 24 септември, вкупниот број на позитивни изнесува 313, за разлика од јули кога тој број изнесувал 70, а во јуни 51. Во работните организации во моментов има еден активен кластер, а друг кластер е фабрика која се наоѓа во друг град, а во која работат голем број граѓани од нашиот град. Сите останати се семејни кластери. Епидемиолошката анкета покажува дека вработените во фирмите немаат поврзаност меѓу себе, што значи дека вирусот го донесле однадвор, бидејќи голем дел од нив во анкетата кажале дека присуствувале на семејни веселби, на слави, имендени и други групни собирања“, изјави Николоска.

Мирјана Крстеска, раководител на Инфективното одделение во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, рече дека капацитетот на одделението изнесува 30 пациенти, додека во моментов во него се хоспитализирани 23 пациенти, од кои 10 се на кислородна поддршка.

„Сите тие се на возраст над 50-60 години. Денеска примивме момче на 24 годишна возраст, чиј брат во многу тешка состојба е испратен на Клиника во Скопје. Старосната граница се повлекува, хоспитализираме и многу помлади пациенти со потешка клиничка слика, што досега беше вообичаено за повозрасните. Имаме терапија, проблемот е со централниот довод на кислород и доколку тоа се реши, би ни било големо олеснување. Резултатите од тестирањата кои ги правиме преку МАНУ ни стигнуваат за 24 часа, проблем се јавува за време на викенди и празници, бидејќи тие не работат тогаш. Меѓутоа имаме одлична соработка со Центарот за јавно здравје, па со нивна помош, за итните пациенти резултатите ни стигнуваат за 24 часа, со цел да знаеме што понатаму со терапијата“, нагласи д-р Крстеска.

Како што информираа од Центарот за јавно здравје, денеска во општина Прилеп има 4 нови случаи на коронавирус, а од заразната болест оздравеле 6 лица. Бројот на активни случаи изнесува 125, од кои 103 се наоѓаат на домашно, а 22 на болничко лекување. Од последици на коронавирусот, досега починале 38 лица. Во домашна изолација и самоизолација се наоѓаат 249 лица, а вкупниот број на заразени од Ковид-19 од почетокот на пандемијата изнесува 644.

Прочитајте повеќе

Хрватска: Претседател на конфронтациски курс

Зоран Милановиќ повеќе би сакал да биде премиер отколку претседател на Хрватска. Уставниот суд веќе …