Денеска се одржа онлајн седница на Општинскиот кризен штаб, на која се разговараше за актуелната состојба со вирусот Ковид – 19 во државата и во општина Прилеп.

Во изјавата за медиумите, дадена после завршувањето на седницата на Кризниот штаб, градоначалникот Илија Јованоски истакна дека за време на претстојниот продолжен викенд Општина Прилеп како и досега ќе продолжи со реализација на мерките за заштита на здравјето на граѓаните, како и уредбите на Владата донесесени на последната седница.

„Игнорирањето на коронавирусот и негирањето дека тој постои, нема да помогне во надминување на состојбата и намалување на бројката на заразени. Впрочем, бројките на новоинфицирани со Ковид-19 во неколку општини во нашата држава, покажуваат дека вирусот е присутен и дека е опасен.

Секаде во светот постојат истите мерки за заштита на населението и намалување на ширењето на заразата. Почитувањето на мерките, носењето заштитни маски, држењето дистанца, личната хигиена и дезинфекцијата, остануваат единствениот начин, единствениот механизам со кој може да се заштитиме како поединци и како општество. Граѓаните кои се одговорни и доследно се придржуваат до мерките треба да бидат пример за останатите.

Здравствените работници не можат сами да се изборат со коронавирусот. Само преку доследно почитување на мерките, ќе може да спречиме ширење на вирусот и да ја задржиме состојбата под контрола. Тоа е единствениот ефикасен начин и зависи само од нашето однесување.

Затоа, апелираме до сите граѓани да ги почитуваат мерките за лична заштита, да ги почитуваат протоколите за движење и држење дистанца. Ги повикувам надлежните институции, поодговорно да го контролираат почитувањето на мерките – тоа е начинот да го спречиме ширењето на вирусот и да се заштитиме.

Како и во изминатиот период од прогласувањето на пандемијата, Општина Прилеп ќе продолжи со спроведувањето на сите неопходни мерки за заштита на здравјето на граѓаните.

Во таа насока, во соработка со ЈКП „Пазари“ саботниот пазарен ден, ќе биде спроведен согласно сите протоколи за заштита од коронавирусот. Работното време на пазарот ќе биде од 7 до 14 часот, на секој од петте влеза на пазарот ќе бидат поставени средства за дезинфекција, ќе има редарска служба и на сите купувачи кои немаат заштитни маски, ќе им бидат поделени на влезовите. На ниту еден граѓанин без заштитна маска, нема да му биде дозволен влез во Градскиот пазар.

Имајќи ја во предвид одлуката на Владата за забрана на посета на гробиштата на територијата на цела држава, која ќе важи од денеска од 21.00 часот, до понеделник до 05.00 часот, во координација со ОВР – Прилеп и ЈКП „Комуналец“, ќе ги преземеме сите неопходни активности за во целост да биде испочитувана и спорведена владината мерка.

Што се однесува до останатите мерки кои треба да бидат реализирани во текот на продолжениот викенд, сакам да ги информирам земјоделците дека е дозволено движењето во рамки на територијата – атарот на селата, исклучиво за земјоделски активности.

Забраната за движење не важи за полицијата, армијата, здравствените работници во Јавните и приватните здравствени установи и институции, како и за матичните лекари, за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи.

Остануваат на важење сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.

Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.

Што се однесува до денешната состојба со коронавирусот, од Центарот за јавно здравје Прилеп информираат дека на територијата на општините кои ги покрива Центарот, регистрирани се 4 нови случаи на инфицирани со КОВИД-19. Од нив, тројца се од населеното место Десово, во општина Долнени. Денеска, нема оздравени од оваа заразна болест.

Вкупниот број на заболени од коронавирус изнесува 217, додека бројот на активни случаи изнесува 32, од кои 20 лица се наоѓаат на домашно, а 12 на болничко лекување. На Инфективното одделение во прилепската болница се наоѓаат 4 лица. Досега 170 лица оздравеле од коронавирусот, а бројот на починати изнесува 15.

Сакам да информирам дека од извршениот скрининг на вработените во детските градинки, сите 192 вработени се негативни на КОВИД-19.

Во Центарот за јавно здравје Прилеп земени се 1.322 примероци и дополнителни 140 во Инфективното одделение во болницата „Борка Талески“.

Во самоизолација се наоѓаат 42 лица, а заради неносење заштитни маски, вчера против 3 лица биле поднесени прекршочни пријави“, изјави градоначалникот Јованоски.