На денешниот отчет за работењето на ЈП за ПУП во текот на изминатата година,
в.д. директорката Марија Цветаноска истакна дека одделението за јавен градски
превоз располага со 13 крајно амортизирани автобуси, со просечна старост од
над 22 години и изминати 3 милиони километри.
„Моментално во функција се 7 автобуси, кои исто така се во лоша кондиција и
континуирано ги зголемуваат трошоците на претпријатието за нивно одржување.
Поради сериозноста на дефектите, финансиски е неиздржано да се изврши
оспособување на останатите автобуси. Превозот на патници на трите линии се
врши со 4 автобуси, а вршиме превоз и на ученици од 3 основни и 5 средни
училишта за кои се обезбедени 2 автобуса под наем. Со други 2 туристички
автобуса, вршиме и превоз на работници во фабриката ‘Гентерм’. Со помош на
субвенции од Општина Прилеп, во тек е постапка за набавка на 4 нови автобуси
на метан, што е во согласност со заштитата на животната средина и современите
економски закони. На тој начин, граѓаните на Прилеп ќе добијат градски превоз
каков што заслужуваат, а претпријатието ќе ги намали трошоците за нивно
одржување и за гориво“, изјави Цветаноска.
ЈП за ПУП е вклучено во изработка на сообраќајни проекти за потребите на
Општина Прилеп, додека во одделението за урбанизам и проектирање се
изработуваат повеќе плански документации, урбанистичко-проектни документации
и проекти за инфраструктура. Цветаноска рече дека во фаза на изработка се 8
Детални урбанистички планови, меѓу кои и двата плана за потребите на новата
градинка и новиот театар.
„За потребите на Општина Прилеп се изготвува техничка документација и се врши
надзор при реконструкција или изведба на објекти од нискоградба, високоградба,
инфраструктура, како што се градинки, училишта и други капитални проекти. Исто
така, во фаза на изработка се основните проекти за спортски сали во ООУ ‘Кире
Гаврилоски’ и ‘Блаже Конески’, идејно решение за спортско-рекреативниот базен и
базен за рехабилитација, како и реконструкција и примена на мерки за енергетска
ефикасност во Гимназјата ‘Мирче Ацев’ и основен проект за реконструкција на
канализационата мрежа и изградба на нова канализациона мрежа на истата“,
нагласи Цветаноска.