ЈСП

ЈСП да ја продолжи важноста на бесплатните билети до крајот на февруари, бараат студентите

Продолжување на важењето на картичките „Скопска“ за бесплатен јавен превоз за сите студенти до крајот на февруари, како што беше случај и минатата година, бара Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ) од Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП Скопје).

Студентските претставници го упатија ова барање поради ситуацијата со зголемениот број случаи позитивни на „омикрон“ сојот на ковид-19, со што студентите би имале повеќе време за да ја завршат оваа процедура и не би создавале гужви во билетарниците.

„Со оглед на епидемиолошката слика во моментов, особено со брзината на ширење на новиот сој на корона вирусот, сакаме да преземеме сè што е во наши раце да го заштитиме здравјето на студентите. Искуствата говорат дека во процесот на вадење на потребните документи од факултетите и поднесување на документите до ЈСП секогаш се создаваат гужви, кои претставуваат сериозна закана за јавното здравје“, стои во барањето до ЈСП Скопје.

Универзитетското собрание бара и поништување на казните на оние студенти кои од почетокот на годината биле казнети, незнаејќи дека за оваа година не важи правилото од изминатата, односно дека овојпат бесплатните билети важеле заклучно со 31 декември 2021 година.

„Мета.мк“ веќе објави дека неколку студенти добиле казни од страна на контролорите во градските автобуси, додека други поминале само со „предупредување“.

Студентите се жалат и на неинформираноста на вработените во билетарниците на ЈСП Скопје, затоа што на некои студенти не им било дозволено да ги продолжат картичките бидејќи немале запишано летен семестар. Согласно упатствата на ЈСП Скопје, студентите можат да ги продолжат бесплатните билети со запишан зимски семестар во академската 2021/2022 година, потврда за редовен студент и лична карта.

Од Универзитетското собрание на УКИМ бараат известување на службениците за овие критериуми како би се избегнале непотребни проблеми.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

пожари стрништа ниви

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Од обвинителството за Мета.мк брифираат дека во државата нема регистар на шуми и обвинителството тешко може …