Со премиерната изведба на претставата „ Лажговци“ во режија на Коле Ангеловски, од понеделник 17 февруари започнува одбележувањето на 70 години од формирањето на театарот „Војдан Чернодрински“. По тој повод, ќе се одржи манифестацијата „Недела на театарот“, со која освен премиерата на „Лажговци“ и проектот „Move the beat with  Actors and The Hounds“, ќе бидат прикажани уште 5 други претстави од тековниот репертоар.

„Во понеделник, првиот ден од одбележувањето на 70 годишнината, ќе ја отвориме манифестацијата ‘Недела на театарот’ со премиера на ‘Лажговци’, по текст на Антониј Нелсон а во режија на нашиот долгогодишен соработник и пријател, човекот кој што направил многу претставиво нашиот театар, Коле Ангеловски. Во рамките на одбележувањето на 70 годишнината од постоењето и кревањето на првата завеса на театарот на 18 февруари 1950 година, дозволете да истакнам еден мал историјат на она што се случувало пред 70 години. Имено, градскиот Народен одбор, есента 1948 година донесува одлука со која се формира градскиот Народен театар – Прилеп. За неколку месеци, со десетина ентузијасти од Прилеп, кои што главно работат во театарската група на КУД ‘Мирче Ацев’ и други ентузијасти кои уште пред војната работат во културно просветните друштва, како што е ‘Коста Абрашевиќ’, ‘Трезвената Ложа’, каде што има театарски секции, и со тие ентузијасти се формира прилепскиот театар. Првата завеса е подигната на 18 февруари со претставата ‘Кир Јања’ од Јован Стерија Поповиќ, а во режија на Аце Михајловски. Покрај премиерата, оваа недела која што ја нарековме ‘Недела на театар’, од 17 до 23  февруари секојдневно ќе имаме настани“, истакна Рубин Белчески, директор на НУЦК „Марко Цепенков“.

Режисерот Ангеловски, на кого ова му е 36 претстава, истакна дека „Лажговци“ е комедија во која дејствието се случува на ден пред Нова година, каде двајца полицајци пред пензија треба да појдат кај некои стари луѓе да соопштат една многу лоша вест. Прашањето е, кој од нив двајца да ѕвони на врата, да тропне на врата и да им ја соопшти веста. Хуморот и ситуациите се темелат врз едно недоразбирање, една трагична ситуација во која се преплетуваат лаги, измислици, недоразбирања.

„Оваа претстава е сосема поинаква од сите други претстави што сум ги правел до сега. Тоа биле комедии на ситуации на брканици на маши и жени. Ова е една сосема друга, друг тип на комедија, ова е една црна комедија. Исто така се договаравме да направиме една претстава каде што постариве глумци ќе ја водат претставата. Мислам дека публиката ќе ужива и ќе гледа. Ете веќе резултатите на Facebook се продаде и генералната проба“, рече режисерот на „Лажговци“, Коле Ангеловски.

Во вторник, 18 февруари, љубителите на театарската уметност ќе можат да го проследат музичкиот перформанс „Move the beat with Actors and The Hounds“, каде што актерите покрај тоа што знаат да глумат, ќе покажат дека знааат и да пеат и заедно со групата The Hounds ќе приредат една музичка вечер.

„Ќе се случи нешто за прв пат. Една комбинација на уметниците од градот, ако можам така да речам. Мислам дека нема ништо поубаво од тоа кога самите ќе се поддржиме и ќе создадеме нешто неповторливо и уникатно. Насловот на овој настан е ‘Move the beat with Actors and The Hounds’, да се помрднеме од ова наше денешно живеење, проживување, живуркање, битисување и едноставно да го славиме животот. На наше големо задоволство и среќа, овој проект го правиме во соработка со веќе добро познатите The Hounds. Нашата цел беше да покажеме нешто што го носиме како генерација, еден поинаков сензибилитет. Неделата на славење започнува со премиера каде што се дава на значење и благодарност до повозрасната генерација, која на ваков или онаков начин успеала да го одржи во живот овој наш таканаречен театар. Во вторник стартуваме со нешто експлозивно, со нешто опуштено, каде што едноставно сите треба да се забавуваме и да уживаме во сето тоа. Јас само можам да кажам дека сум пресреќна, радосна дека се случува вакво нешто, синергија на уметниците од овој град која се надевам дека ќе разбуди нешто кај сите луѓе“, истакана Даниела Иваноска, актер во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински.

Од среда до недела ќе бидат прикажани претставите од тековниот репертоар: „Семејни Приказни“, „Ништо без Трифолио“, „Пиреј“, „Глембаеви“ и детската претстава „Приказна за ветерот и месечината“.

Во изминатите 70 години, театарот „Војдан Чернодрински“ кој сега е дел од НУЦК „Марко Цепенков“, прикажал околу 350 премиери и 7.000 претстави, кои ги гледале над 1,5 милиони луѓе.

Најгледани и најиграни претстави низ годините се „Од кол на кол 1“, во режија на Коле Ангеловски и „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, исто така во режија на Коле Ангеловски.

Голем успех постигнале и претставите „Цена“, „Од главата си патиме“, „Силјан Штркот“, „Лулка“, „Медеја“, „Кумови“, „Собирен центар“, „Туѓо сакаме, свое не даваме“, „Молам за секс“, „Градење црква“, „Коста Саруфте“ „Глоговиот џбун“ итн.

Белег во повеќедеценискиот растеж на театарот дале и претставите „Спиро Црне“ од Благоја Ристески Платнар, во режија на Владимир Милчин, „Колобан“ од Блаже Алексоски во режија на Љубиша Георгиески, „Арсениј“ од Благоја Ристески Платнар, „Полковникот птица“ од Христо Бојчев и „Опера за три гроша“ од Б. Брехт, и двете во режија на Владо Цветановски.

Во досегашното постоење, претстава која најмногу го привлече вниманието не само на македонската, туку и на балканската публика, е „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, која се крена до димензии на бренд на македонскиот театар. Со оваа претстава, театарот се вивна високо не само во земјава, туку и надвор. Освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Не помалку наградувана е и „Кавкаскиот круг со креда“, која што во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот „Екс Понто“ во Љубљана, Словенија, а потоа и за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“.