„Оваа година, најмалку бебиња во поновата историја на Србија!“ – гласеше неодамнешниот наслов во српскиот таблоид „Блиц”. Има сè помалку новороденчиња, а сè повеќе стари лица, пишува весникот. Во исто време, просечниот животен век се намалува. Во 2024 година, тој во Србија беше само 76 години – околу пет години помалку од просекот на Европската Унија.
Србија, може да се заклучи, има големи проблеми на двата краја од индивидуалниот демографски циклус: на неговиот почеток (раѓање) и на неговиот крај (смрт). А и ситуацијата помеѓу нив не е добра: силната емиграција го забрзува опаѓањето на бројноста на населението и неговото стареење. Српските медиуми без исклучок се согласуваат со соседите околу ова.
Кога станува збор за демографскиот развој, медиумите и на други места во Југоисточна Европа користат алармантен тон: „Цела Хрватска ќе биде на грбот на старите луѓе“, „Демографската криза во Бугарија може да се претвори во демографска катастрофа“; „Намалувањето на бројот на жители на Романија алармира“ се примери за медиумски наслови од други земји. Кога ќе се објават новите резултати од пописот на населението, медиумите, експертите и политичарите се расфрлаат со апокалиптични прогнози.
Остар дискурс
Прогнозите навистина покажуваат дека сите земји од Југоисточна Европа ќе доживеат значително намалување на бројот на жители во наредните децении. Сепак, без оглед на тоа дали овие предвидувања ќе се остварат, се поставува прашањето дали овој суров дискурс не придонесува кон самиот проблем, наместо кон неговото решение.

Сигурно е дека никаде на друго место во Европа, освен балтичките држави и воено разорената Украина, бројноста на населението не опаѓа толку брзо како на југоистокот од континентот. Во 1990 година, околу 62 милиони луѓе живееле во регионот (од Словенија на север до Грција на југ), а денес има 53 милиони.
На пример, Бугарија имала речиси девет милиони жители на крајот од комунистичкото владеење. Денес има помалку од седум, а според Обединетите Нации, до 2050 година, во земјата ќе останат само околу пет милиони луѓе. Причините се едноставни: секоја година повеќе луѓе умираат отколку што се раѓаат, и тоа со години. Покрај тоа, многу повеќе луѓе го напуштаат регионот отколку што имигрираат во него, иако полека се гледа промена. Последица: населението во просек старее.
Мнозинството отфрла доселување
Затоа не е ни чудо што постојат демографски стравови кај населението. Според анкетата од 2025 година (спроведена како дел од истражувачки проект што го води авторот), три четвртини од испитаниците во Бугарија, Северна Македонија и Србија изразиле голема загриженост за стареењето на населението, особено затоа што веруваат дека социјалните услуги што ги обезбедува државата се недоволни.
Во Бугарија, две третини од анкетираните верувале дека постарите луѓе живееле подобро во ерата на државниот социјализам отколку денес. Но, иако загриженоста за намалувањето на бројот на жители е широко распространета, наједноставната контрамерка, имиграцијата, е јасно отфрлена од повеќето, покажува истата анкета.
Што прави политиката?
Секоја фундаментална промена во демографската динамика претставува предизвик на кој политиката мора да одговори. Всушност, владите во регионот ја гледаат демографската иднина како голем проблем. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, на пример, го нарекува тоа „прашање на опстанок“ за Хрватска. Од 2024 година, неговата влада дури има и посебно Министерство за демографија и имиграција. Надлежниот министер, член на десничарското националистичко Движење на татковината (ДП), под терминот имиграција подразбира враќање на етничките Хрвати и нивните потомци.

На други места, државните институции го следат демографскиот развој, на пример во Србија, Министерството за семејна грижа и демографија. Главно средство се – делумно дарежливи – финансиски стимулации за раѓање деца, заедно со реторика што го прикажува раѓањето деца како патриотска должност. Досега, овој пронатализам се покажа во голема мера неефикасен. Впрочем, историското искуство покажа дека не може да биде поинаку – комунистичките држави пред половина век веќе еднаш не успеаја со слични обиди.
Финансиските стимулации не се доволни
Финансиските стимулации не можат да ги поништат културните промени или да ги отстранат структурните проблеми што поттикнуваат силна емиграција на младите луѓе. Истражувањата покажуваат дека покрај повисоките плати во Западна Европа, раширената корупција, непотизмот и недостатокот на перспектива играат одлучувачка улога. Постарите остануваат.
Владите би можеле да се фокусираат на овозможување на граѓаните да живеат подолг и поздрав живот, но тоа е потешко да се „продаде“ на јавноста отколку, да речеме, парична награда за раѓање на дете.
Потребна е промена на политиката и ставот
Кога станува збор за намалување на бројноста на населението, поглед надвор од регионот нуди можен одговор: додека сите земји од Југоисточна Европа очекуваат понатамошен пад, за некои земји од ЕУ, и покрај ниската стапка на наталитет, се предвидува раст, на пример за соседна Австрија, од 16 проценти до 2050 година. Причината: имиграција. Сепак, како што покажува претходно споменатото истражување, во Југоисточна Европа недостасува општествено прифаќање на ова – дури и повеќе отколку во самата Австрија. Особено кога новите жители изгледаат поинаку од локалното население.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место