Пишува: Зоран Милошески

Во организација на џудо клубот „Сеишин“, а во соработка со џудо клубот „Џунс“ од Нови Сад, Србија, од 15-17 јуни во салата на ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп се одржа тридневен меѓународен џудо камп, семинар за помлади пионери и пионерки.

Целта на семинарот беше подигнување на техничко-тактичката подготовка на македонските џудисти и нивните тренери, преку ангажирање на една од најголемите легенди на џудо спортот од балканските простори, носителот на 9. ДАН, Славко Обадов. Проф.д-р Славко Обадов е освојувач на 12 медали на европски и светски првенства во џудо и самбо, како и на бронзен медал на Олимписките игри во Монтреал во 1976 година.

Спортската легенда на поранешните југословенски простори, Славко Обадов, вели дека со одржувањето на 4 тренинзи, на младите џудисти се обидел да им ги презентира најинтересните и најдобрите работи соодветни за нивната возраст. Истовремено, проф.обадов рече дека престојот во Прилеп ќе го искористи за дружење со старите пријатели, но и со помладите колеги од Прилеп и од Македонија со кои секогаш разговараат само за џудо, бидејќи, како што во шега рече, џудистите не знаат за ништо друго да муабетат освен за џудо.

„Резултатите во џудото не се единствената важна работа. Важна е организацијата на клубот, на тренинзите, колку тренери имаат, колку деца. Претседателот на Светската џудо федерација, Мариус Визер, тоа знае да го препознае и да го награди. Од она што го видов овде, ќе бидам отворен и ќе кажам, не сум задоволен. За Прилеп е премногу да има 5 џудо клубови, доволни се 2 кои еден на друг ќе си бидат конкуренција. Клубовите мора да имаат сала за тренинзи, во која нема пред секој тренинг да ги поставуваат, а потоа и да раскреваат душеците. Што се однесува до финансискиот аспект, тоа што го разбрав, срам ми е дури и да го кажам“, вели проф.Обадов.

За разлика од нашата држава, Србија, како што нагласува Обадов, последните години многу сериозно го сфатила значењето на џудо спортот. Како резултат на тоа, во последните 3-4 години, во различна возрасна категорија, Србија има 10 европски прваци, светски првак и уште десетици освојувачи на медали од различни натпревари, заради што од Светската џудо федерација во касата на српскиот џудо сојуз ќе се слеат 1.000.000 евра. Разликата во висината на наградите некогаш и сега, Обадов најдобро ја илустрира преку својот пример.

„Со нижењето на успесите и освојувањето на медали на европските и светските првенства, актуелната Влада драстично ја зголеми висината на наградите за секој освоен медал, така што тие сега се движат и до 50.000 долари. Наградите кои Светската џудо федерација дополнително им ги дава на најдобро рангираните џудисти, се уште поголеми. Јас сум првиот освојувач на олимписки медал во историјата на југословенскиот џудо спорт. За тој успех, бев награден со 1.500 тогашни германски марки, но не можам да речам дека сум незадоволен. Имам државно признание, кое секој месец, до крајот на животот ќе ми носи по 900 евра, што заедно со професорската пензија придонесува да живеам како господин“, појаснува екс југословенската спортска легенда, Славко Обадов.

На џудо кампот беше присутен и претседателот на Џудо сојузот на Војводина, Мирољуб Ничиќ, кој рече дека требало да помине многу време, да се вложат сериозни напори, за да џудото влезе во училиштата, прво како школски спорт а сега како изборен предмет.

„УНИЦЕФ го прогласи џудото за најдобар спорт за развој на психофизичките и моторичките карактеристики кај децата. Во Европа и во поранешната Југославија, покрај атлетиката и гимнастиката, се користи како основен спорт. Од тие причини, она што можеме да го предложиме, е учениците во прво или второ одделение да почнат да тренираат џудо,се’ до нивната 12 годишна возраст и потоа да се определат за спорт по нивни избор. Перспективата на џудо спортот е голема. Претседателот на Светската џудо федерација, Мариус Визер, во позитивна смисла на зборот, направи општ хаос во џудото на светско ниво. За прв пат почнаа да се делат големи финансиски награди и за прв пат џудо спортот ги продаде телевизиските права за 20 милиони долари. Таму каде што има повеќе пари, има повеќе тренинзи, повеќе стручњаци. Таму каде нема, како на пример овде, на џудистите, тренерите, им останува да се снаоѓаме како знаат и умеат“, изјави Ничиќ.

Тренерот на џудо клубот „Сеишин“, Дејан Мицкоски, е задоволен од сето она што во трите денови се случуваше на џудо кампот.

„Семинарот го посетија 60 учесници од повеќе клубови во Република Македонија. Најголемата придобивка за нас како тренери, е што научивме многу нови работи, нова методика на работа, која ние ќе ја вклопиме во обуката на нашите натпреварувачи. Истовремено, од голема важност за нашиот клуб, е потпишаниот Меморандум за соработка со џудо клубот „Џунс“ од Нови Сад. Тоа ќе придонесе за понатамошно интензивирање на соработаката, односно за многу скоро време, нашиот клуб ќе добие покана за учество на еден силен турнир кој ќе се одржи во нивниот град“, истакна Мицкоски.

Она што е интересно, е дека одржувањето на семинарот го финансираа тренерите и раководството на џудо клубот „Сеишин“, со сопствени средства, без никаква помош од спонзори. Во периодот кој претстои, џудистите од овој клуб ќе учествуваат на силниот меѓународен турнир за јуниори, сениори и ветерани, кој во сабота на 23 јуни, ќе се одржи во Солун, а веќе следниот ден, младите џудисти од „Сеишин“ ќе учествуваат на државното училишно првенство во Скопје. Наесен, прилепскиот џудо клуб ќе ја одбележи 15 годишнината од своето постоење, а по повод 11.Октомври, клубот по 10-ти јубилеен пат ќе го организира меѓународниот турнир „Прилеп – град херој 2018“.