Многу измешани пораки стигнаа оваа недела околу бугарските барања за симнување на блокадата. Дали навистина постои „прозорец на можности“? Еве што се случуваше јавно оваа недела.
Пишува: Љупчо Поповски
Се плете ли некаков европски гоблен за на 22 јуни ЕУ да си го одржи ветувањето што го даде за Македонија? Или уште се собираат конците за кои не се знае дали ќе бидат употребени? Јавноста, речиси по навика, чека уште еден датум на европски собир, иако изгледа дека трескавичноста од претходните „големи датуми“ го нема тој интензитет. Можеби затоа што оваа нација се навикна да „живее со датуми“ и ги снема оние спектакли од порано. Португалскиот предлог за решавање на спорот (кој и не е спор, затоа што се однесува на работи кои не се дел од Копенхашките критериуми за преговори со ЕУ), е на маса. Дали некој би знаел да каже што ќе се случи со него? Тој доби поддршка од многу земји на ЕУ, но дали од сите клучни играчи?
Оваа недела беше прилично интересна со настаните што се случуваа. Но работите не изгледаат појасни без оглед, на пример, од заедничкото патување на Стево Пендаровски и Румен Радев во Рим и Ватикан. Две, или три работи некако се појавија над водата. Првата е дека Бугарија, преку изјавата на Радев, се постави како Кербер што ја чува Унијата, велејќи дека патот кон ЕУ водел преку Софија. Досега ни беше илјада пати повторено од европските функционери дека патот кон ЕУ води преку Копенхаген. Преку исполнувањето на Копенхашките критериуми. Сега излегува дека клучни биле Софиските критериуми.
Втората работа е што хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во одбраната на македонското право изјави дека Бугарија ја уценува ЕУ да биде примена во Шенген зоната за да ја тргне блокадата на Македонија. Третата е што двајца членови од бугарскиот дел на мешовитата историска комисија излегоа надвор од мандатот и професијата и давајќи чисти политички изјави извршија притисок врз властите во Софија никако да не попуштале пред Македонија да се потчини на нивното толкување. А извесувачот на Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук, ја напушти внимателната балансираност и почна да ги пропагира бугарските ставови.
Еве еден преглед од изјавите од понеделникот наваму без да ги толкуваме. Вие самите може да оцените дали овој стопати досега повторуван „прозорец на можности“ навистина е отворен или низ него може само да се гледа, а никако да се помине.
24 мај – Румен Радев, бугарски претседател: „Можам да кажам дека одеднаш станав многу интересен за сите европски лидери. На ден имам покани да разговарам со најмалку двајца премиери, еден претседател и еден комесар. Има многу внимание кон Бугарија, нема да го кажам зборот притисок. Бугарија е членка на Европската унија и тоа значи многу, а ќе се обратиме до другите членки на ЕУ за солидарност. Најважно е Бугарија, како одговорна членка, да не дозволи да се внесат многу проблеми во Унијата.Европскиот пат на Република Северна Македонија е преку Софија и тоа е патот за решавање на сите проблеми“.
25 мај – Ангел Димитров, копретседавач на историската комисија: „Македонските историчари изгубија три години во неподготвеноста да ја прифатат формулацијата на Договорот за пријателство и добрососедство, со која станува јасно дека Бугарија и Македонија имаат заедничка историја. Не е сериозно македонската страна да ја обвинува Бугарија за недостаток на напредок заради политичките процеси во Бугарија во последните месеци поврзани со парламентарните избори. Надворешниот притисок, пред сѐ од земјите-членки на ЕУ, на кој се надеваат и политичарите и историчарите во Скопје, нема да доведе до промена на позицијата во нашата земја. Јас не сум политичар, но како личност со одредено дипломатско искуство можам да кажам дека не можеме да бидеме под притисок ако јасно ги браниме бугарските позиции. Нашите колеги не се согласуваат со историските извори. Тие шпекулираат со оние во општествените науки, не историските. Според нив, во средниот век не била формирана националност, па затоа не може да се каже дека кралството на Самуил било бугарско, но истовремено велат дека е македонско – како веќе да е формирана македонска нација. На овој начин тие се контрадикторни со себеси. Почнувам да се прашувам дали досега нашите македонски колеги се однесуваа повеќе како чувари на митовите, но сега почнувам да мислам дека тие почнуваат да се однесуваат како идеолози на оваа антибугарска позиција на која сме сведоци од минатото лето“.
25 мај – Илхан Ќучук, европратеник: „Кај мене нема оптимизам за старт на преговори со ЕУ во јуни, бидејќи Бугарија е повторно во предизборен период и без влада. Има многу силен дипломатски интензитет во разговорите кои се водат и тие не се само од страна на Португалија. Се сеќавате канцеларката Меркел колку силно се обиде и политички и дипломатски да ја придвижи таа тема како дел од дневниот ред на Европскиот совет и успеа во голема мера, со еден мал исклучок, не успеа тогашниот Совет да даде зелено светло за Република Северна Македонија и Република Албанија. Ако гледаме на тоа како на статичен феномен, односно бараме одреден датум кога Гордиевиот јазол би се разврзал, тогаш веројатно нема да најдеме датум, колку и да се обидуваме да го најдеме. За мене големиот разговор е како може да се создаде позитивна политичка атмосфера меѓу двете страни заснована на убедување дека ќе треба да одиме по патот на Европската унија заедно. Интересот на Европската унија е видлив, тој е поврзан со регионалната безбедност, поврзан со присоединувањето на земјите од Западниот Балкан кон Европската унија“.
26 мај – Михаел Рот, германски државен министер за Европа: „Сѐ уште не ја качивме планината, но само солидарно и заедно можеме да го направиме тоа. Некои од вас можеби се прашаа каде беше Европа изминатите месеци и недели. Сакам да ве убедам дека ние сме на вашата страна. Денес сакам да се обратам помалку на моите пријатели во македонската влада, туку пред сѐ на македонските граѓани кои се уморни и фрустрирани од немањето чекор напред. Ние за време на германското претседателство се обидовме да постигнеме голем напредок, бидејќи вие, драги Македонци, тоа го заслуживте. Вашата земја постигна голем напредок. Се охрабривте да решите голем историски спор така што го променивте името на вашата земја и затоа е легитимно да очекувате ние од ЕУ да ги исполниме нашите ветувања. Сакам да ви ветам дека не е само Германија на вашата страна, туку и партнерите во ЕУ, исто како и претходно, се за конкретна перспектива за сите земји од Западен Балкан и ќе се радувавме ако лани успееше да започнат пристапните преговори со Македонија и со Албанија. Сега работиме за време на португалското претседателство тоа да успее. Останувам оптимист дека ќе успееме во тоа. Португалското претседателство активно работи на тоа решение, а ние во Берлин го поддржуваме тоа решение и се надеваме дека ќе се постигне. Не фрустрирајте се, туку охрабрете се овие потребни реформи да ги остварите во интерес на луѓето. Важно да се има доверба во владата за да може овој мост што ќе го изградиме да биде стабилен и да издржи во следните години. Сега имаме прозорец на можности кој сѐ уште е отворен”.
26 мај – Кејт Брнз, американска амбасадорка: „Гледаме позитивен пат напред и задоволни сме од тековните разговори меѓу Северна Македонија и Бугарија за унапредување на членството на Северна Македонија во ЕУ“.
Целиот текст ТУКА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место