Кадетите на РК „Прилеп“ станаа државни прваци во ракомет

Ракометната екипа на „Прилеп“ е државен првак во кадетска конкуренција, откако синоќа во финалето на завршниот “фајнал фор“ ја совлада екипата на „Струга“ со резултат 27:23.

Предавајќи им ги медалите и пехарите на најуспешните екипи, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски напомена дека успехот на младите ракометари на РК „Прилеп“, е најдобра потврда дека ракометот во градот под Марковите кули полека но сигурно, се враќа на голема врата.

„Ова е еден од најголемите успеси на прилепскиот ракомет во младинска конкуренција во последните години, што е добар знак дека ракометот во Прилеп се враќа на голема врата. Сигурен сум дека во иднина овие млади ракометари се надеж дека и сениорската екипа на РК „Прилеп“ за скоро ќе почне да бележи успеси. Општина Прилеп и јас како градоначалник, ќе создадеме амбиент овие млади спортисти да ги добијат потребните услови за работа. И вечерва прилепската публика покажа дека знае што е ракомет, дека го сака ракометот и затоа овој спорт, заедно со фудбалот, е најпопуларен во нашиот град. Потенцијал постои, вечерва тоа и го видовме, затоа верувам дека ова е следната генерација која ќе му донесе успех на прилепскиот ракомет“, изјави градоначалникот Јованоски.

Тренерот на прилепските ракометари, Андријано Котески, рече дека успехот на неговите ракометари е уште поголем, ако се има во предвид фактот дека тие се генерација родени 2002 и 2003 година.

„Проблематично беше првото полувреме, екипата падна психички. Ова е млада екипа, родени се 2002/2003 година и ова му е прв поголем натпревар, но не и последен. Во вториот дел се консолидиравме и сѐ си дојде на свое место. Перспективата на прилепскиот ракомет е добра. Потребно е да се соберат сите ракометни работници од градот, да се канализираат работите и со поддршка на локалната самоуправа да одиме чекор по чекор. Не да појдеме наеднаш, па следната година да немаме ништо, да нема резултати, туку да се оди чекор по чекор и оваа генерација надополнета со ракометари од другите школи, да создадеме наша екипа. Со напорна работа, резултатот ќе дојде“, истакна Котески.

На ракометниот турнир присуствуваше и Наумче Мојсоски, еден од најдобрите ракометари на Македонија на сите времиња.

„Во оваа генерација гледам прекрасни момчиња кои ќе бидат наследници на претходната генерација прилепски ракометари, која освојуваше многу награди и медали. Се надевам дека ракометот во Прилеп ќе се врати таму каде што му е местото. Прилеп заслужува да има ракометен клуб, знаеме колку ракометари излегле од овој град и што тие направиле за ракометот во нашата држава. Како член на Управниот на ракометната федерација и претседател на РК „Струга“, како долгогодишен репрезентативец на Македонија, се надевам дека со помош на градот и стопанските субјекти, ракометот во Прилеп ќе се врати на своето место“, потенцираше Мојсоски.

За Гоце Макалоски, едно од најголемите имиња на прилепскиот ракомет, ова е голем успех на младите ракометари на РК „Прилеп“, но и на ракометот во градот.

„Би сакал да му се заблагодарам на градоначалникот Илија Јованоски и на локалната самоуправа, што ни овозможија да го организираме овој турнир. Исто така, сакам да ѝ се заблагодарам и на прилепската публика која после долго време се собра во олкав број. Знаеме дека ракометот во Прилеп беше на маргините и се надевам дека од следната година ќе уживаме во ракометните мајстории на овие деца, но и на следните генерации кои допрва доаѓаат“, рече Макалоски.

Ракометниот “фајнал фор“ се одржа во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“, која прилепските љубители на ракометот ја исполнија до последното место.

Прочитајте повеќе

Тупанчески

Билатерални средби на Тупанчески во Шибеник во рамките на Регионалната конференција

Министерот за правда, Никола Тупанчески оствари повеќе билатерални средби во рамките на Регионалната конференција ,,Култура …