Пишува: Зоран Милошески

Кадетската екипа на РК „Прилеп“, втора година по ред постигнува резултати достојни за внимание и почит. Имено, откако минатата година после “фајнал форот“ одржан на домашен терен станаа државни прваци, оваа година младите прилепски ракометари се на добар пат да ја одбранат шампионската титула. Тоа го навестуваат резултатите од есенскиот дел, во кој со 8 победи во исто толку натпревари, го освоија првото место во кадетската лига, група 2. Покрај максималните 24 бодови, гол разликата од 292 постигнати и 177 примени голови, само го потврдува фактот за нивната доминација.

Под водство на тренерот Адријано Котевски, кадетската екипа на РК „Прилеп“ пред дваесетина дена во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“, ги започна подготовките за вториот дел од натпреварувачката 2018/2019 сезона. Она што треба да се нагласи, е дека освен натпреварите во кадетската, истата екипа се натпреварува и во младинската лига. Како што вели тренерот Котевски, играчите од останатите екипи кои се натпреваруваат во младинската лига се повозрасни од прилепските ракометари, во просек, 4 години. Од тој аспект, одмерувањето на силите со значително поискусните ракометни екипи од другите градови, за кадетите на РК „Прилеп“ е важно од аспект на стекнување драгоцено искуство.

„Во недела, на 3.февруари, со натпреварот во Битола со домаќинот ‘Еурофарм’, продолжуваат натпреварите во младинската лига. Во овие натпревари влегуваме со намера нашите ракометари да собираат искуство, па од тој аспект резултатите и пласманот на табелата се потполно неважни. Но и покрај тоа што играчите од останатите екипи се, во просек, за 4 години повозрасни од нашите ракометари, сепак успеавме прилично рамноправно да се носиме со нив и да забележиме две победи“, нагласува Котевски.

Главното внимание на тренерот и кадетите на РК „Прилеп“, е насочено кон кадетската лига, која продолжува на 23 март. После минатогодишниот огромен успех и освојувањето на шампионската титула, сосема е логично прашањето за амбициите на клубот и шансите за одбрана на титулата.

Стратегот на екипата, Адријано Котевски, вели дека главната цел која ја зацртале пред почетокот на првенството, била влез во “фајнал форот“.

„Пласманот меѓу четирите најдобри екипи во Република Македонија во кадетска конкуренција, е она што го зацртавме како крајна цел за оваа натпреварувачка сезона. Иако екипата е прилично изменета во однос на ланската, сепак можам слободно да речам дека и оваа година имаме добар тим, способен за високи дострели. Впрочем, осумте убедливи победи во есенскиот дел го потврдуваат тоа. На добар пат сме да ја оствариме целта, а што ќе биде потоа, тешко е да се каже. На ‘фајнал форот’ се играат два натпревара кои често ги решава еден напад, една одбрана, една топка. Овие деца, кои се иднината на прилепскиот ракомет, можат многу, можат далеку да стигнат. Јас цврсто верувам во нив“, вели Котевски.

Што се однесува до конкуренцијата, Котевски смета дека главни конкуренти во одбрана на титулата ќе им бидат екипите на „Вардар“ и ракометната школа на Кире Лазаров, „РШ КЛ-7“.

И покрај одредените потешкотии кои се јавуваат во функционирањето на клубот, благодарејќи на разбирањето на директорката на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“, Билјана Трајкоска, кадетите на РК „Прилеп“ имаат добри услови за тренинг. Помошта на училиштето, а пред сѐ на Општина Прилеп и на бизнис заедницата, се неопходни за постигнување на врвни резултати и за враќање на ракометот и, генерално, спортот на патеките на успехот. Или како што вели Котевски, само сите заедно можеме да допринесеме за оздравување на прилепскиот спорт, така што ќе ги воспитуваме нашите деца да се развиваат и да израснат прво во вистински луѓе, а потоа и во врвни спортисти.

А младите ракометари на РК „Прилеп“, кои втора година по ред го осветлуваат образот на спортот во градот под Марковите кули, не отстапуваат од своето мото кое ги инспирира и мотивира да бидат во самиот врв на македонскиот ракомет во кадетска конкуренција:„Ако дадеш сѐ од себе, секогаш ќе бидеш победник“!