Пишува: Сотир Габелоски
Изминаа два месеца откако почнав да работам во општина Крушево, под раководната палка на градоначалникот Томe Христоски. Се работи за период кој на мене делуваше позитивно и направи многу позитивни промени. Она што го учам, во иднина очекувам само да се интензивира.
Работејќи како соработник на градоначалникот за односи со јавност, во изминатиот период работни денови беа и викендите, а во работните денови често пати и после 16 часот, со вложување голем труд и без лична поштеда.
Да се работи покрај Томе Христоски, значи да се работи исклучиво за граѓаните на општина Крушево. Насоките кои што самиот тој ги дава се исклучиво во интерес на граѓаните на општината. Пожртвуваноста, кратењето од социјалниот живот, намалување на контактот со семејството и жртвувањето на многу други области од животот, градоначалникот го прави заради својата искрена желба и искрена верба дека Крушево ќе стане препознатливо место по своите вредности, а за крушевчани ќе донесе поубав живот.
Христоски е свесен дека со секој чекор, со секој кажан збор, со секое кадровско решение тој понесува голема одговорност, затоа што очекувањата кои граѓаните ги положија во него се уште поголеми. Сепак, најголемиот дел од граѓаните на општината веќе се уверија во искреноста на крушевскиот градоначалник. Како илустрација за неговата отвореност и секојдневна комуникација со граѓаните, е податокот дека околу 400 граѓани на Крушево го посетиле кабинетот на градоначалникот во првите два месеца од неговото преземање на функцијата.
Изминатиов период се работеше активно на приоритетите на општината, кои се поразлични од оние на претходниците. Вистинските проблеми на граѓаните се во фокусот на досегашната локална самоуправа, а тоа се многу егзистенцијални проблеми кои останаа нерешени и наследени од претходната власт.
PS: Честа појава во општинската зграда е вработените да дојдат во 8 часот на работа, а градоначалникот веќе да е на своето работно место, со отворен лап топ и веќе комуницира со граѓаните. Всушност, градоначалникот на општина Крушево е еден од неколкуте татковци на градови во земјава, кој освен за информирање на граѓаните, социјалните мрежи ги користи и за директна комуникација со нив.