Извршени се повеќе претреси, пронајдена е дел од дрогата, а приведени се и неколкумина осомничени за кражбата на два тони марихуана од складиште во Валандовско. Полицијата тврди дека гони шест лица.

Скопското село Арачиново од ноќеска е под опсада на полицијата. Полициски возила постојано влегуваат и излегуваат од селото, се претресува секое ќоше во селото и околината. Истрагата се шири и кон Горно Мојанци. Се трага по два тони марихуана коишто мистериозно исчезнале од складовите во Валандовско и уште на помистериозен начин завршиле во скопско Арачиново.

Неколкумина приведени

Полицијата тврди дека е пронајдена дел од дрогата, приведени се дел од осомичените за кражбата на дрогата, а обезбедени се докази за шестмина кои учествувале во тоа. Повеќе детали околу настанот не се соопштуваат. Истрагата на обвинителството засега се одвива во тајност.

„МВР во координација со јавното обвинителство вчера и денес презема низа мерки и активности за расветлување на разбојнитво извршено меѓу 3 и 4 декември во Валандовско при што се одземени 2 тони марихуана. Извршени се претреси во Арачиново, Горно Мојанци и други локации, при што е пронајдена дел од дрогата. Дел од осоничените се приведени, полицијата досега има обезбедено докази за шестмина осомничени лица, но истрагата се проширува“, изјави вечерва портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Претреси

Дел од запленетите предмети при претресите во Арачиново попладнево со камиони беа изнесени од селото. Досега се знае дека од складиште во валандовското село Јосифово со камион биле украдени 200 кутии со два тона канабис. Кражбата била извршена во 3 часот наутро. Полицијата во саботата го лоцирала камионот, но без приколка. Бил оставен на паркинг на патот кон граничниот премин Блаце. Истрагата потоа ја одвела полицијата во скопско Арачиново, а од таму и кон соседното село Мојанци.

Според информациите во медиумите, фирмата од која била украдена марихуаната е Херб Индустри, која има лиценца за производство на марихуана од 2018 година. Проценките се дека украдените два тона марихуана чинат околу 6 милиони евра, а доколку се произведе масло цената би достигнала до 10 милиони евра. Марихуаната била подготвена за производство на масло од канабис за медицинска употреба. Но, се уште нема одговор како крадците успеале да влезат во складиштето, коешто требало да биде обезбедувано, и како успеале незабележано да заминат со камион полн со дрога.

Извор: DW