Како се лекува Ковид-19 - „најоткачени“ идеи

Како се лекува Ковид-19 – „најоткачени“ идеи

Борбата против коронавирусот низ цел свет доведува до делумно чудни идеи за начините за лекување. Некои се потпираат на древни традиции, други на сомнителни практики. А дел од предлозите се вистински апсурдни.

Во борбата против коронавирусот се бараат корисни идеи. Но, некои луѓе користат неконвенционални патишта: од алтернативни, до апсурдни или дури и опасни наводни лековити средства.

Во многу култури растителните лекови имаат длабока традиција. Претседателот на Мадагаскар на пример неодамна претстави наводно лековит пијалок, „Ковид органикс“. Тој е произведен на база на домашното растение артемис и според зборовите на претседателот, го јакне имунитетот и штити од бројни вируси и треска, првенствено од белодробни болести. Пијалокот им беше разделуван на учениците во земјата, а порачки извршија и други африкански земји.

Меѓутоа, раковидителот на медицинската академија на Мадагаскар предупреди дека успехот на пијалокот нема научна подлога.

Министерството за ајурведа во Индија, кратко по обзнанувањето на првите случаи на коронавирус, објави дека против Ковид-19 помага традиционалната медицина. Но, по критиката, владата ретерираше – алтернативната медицина може да го зајакне имунитетот, но не може да лечи од Ковид-19. Министерството првично дури тврдеше дека британскиот принц Чарлс се излечил од Ковид-19 преку третман базиран на ајурведа, што веднаш го демантираше бирото на принцот.

Во Венецуела имаше сличен предлог од Николас Мадуро: претседателот преку Твитер препорача мешавина од лековити тревки како лек против коронавирус.  Во меѓувреме, постот беше избришан. И кинескиот претседател Ши Џинпинг тврдеше дека 90 поценти од излекуваните пациенти од коронавирус, добивале традиционална кинеска медицина.

Во бројни земји во корона-кризата се применува традиционалната медицина. На пример во Боливија, посебно од страна на голем дел од староседелците, а во земјата постои и министер за традиционална медицина. „Во Боливија имаме растенија кои помагаат против новиот вирус“, изјави неодамна заменикот министер за традиционална медицина Фелипе Куила Муни. Омилено средство е пареа од еукалиптус и камилица. Луѓето инхалираат и во посебни кабини поставени близу болниците и банките.

Во Индонезија од почетокот на корона-кризата порасна побарувачката за црвен ѓумбир, кој наводно докажано го јакне имунолошкиот систем. Цените на ѓумбирот вивнаа. Слично беше во Шри Ланка со прашокот од куркума, по што владата мораше да интервенира со ограничување на максималната цена.

Размерите на сето ова толку нараснаа, што Светската здравствена организација се почувствува принудена да издаде предупредување- и кај традиционалната медицина и практики мора „делотворноста и безбедноста да бидат тестирани низ ригорозни клинички студии“.

Во целата редица „генијални идеи“ да не ги испуштиме и овие две: премиерот на Непал Кадга Шарма Оли како средство против инфицирање со коронавирус препорача пиење врела вода и терапија со пареа, во видео кое стана хит. И американскиот претседател Доналд Трамп се истакна со идејата – научниците да ја проверат можноста од лечење на Ковид-19 со инјекции од средства за дезинфекција или внесување силна светлина во телата на пациентите. Подоцна Трамп изјави: предлозите биле само – сарказам.

А ако и сево ова не помогне против коронавирусот, претседателот на Танзанија нуди излез: молете се на бога.

 

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Трамп може да се кандидира и од затвор

Трамп може да се кандидира и од затвор

Ова никогаш не се случило во историјата на САД. Идниот кандидат и, можеби, претседател Доналд …