Како се носат одлуките кои влијаат врз нашите животи?

Како се носат одлуките кои влијаат врз нашите животи?

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Секој од нас на дневна основа носи бројни одлуки. Начинот на кој секој одлучува индивидуално, е приватна работа на секој човек и тоа не би требало да е предмет на нашиот интерес. Но начинот на кој одлучува личност која е на јавна функција е многу важен, бидејќи одлуката не се однесува само на квалитетот на неговиот живот, туку на животите на сите граѓани во областа која ја опфаќа нејзината/неговата ингеренција. Затоа нас нѐ интересира, односно треба да нѐ интересира како е донесена одлуката, што значи истата и на кој начин таа одлука го подобрува нашето живеење.

Општественото живеење содржи низа политички процеси. Меѓу најистражуваните политички процеси во политичките науки, се начинот на кој што се бираат оние кои ќе одлучуваат, начинот на кој тие одлучуваат и содржината на одлуките кои се носат.

Колку овие процеси се развиени, зависи од вкупната политичката свест на граѓаните во една земја. Колку што населението во една земја е помалку политички свесно, толку одлучувачите повеќе се сметаат за „од Бога дадени” и си земаат за право да одлучуваат „како што тие сакаат”, без да се преиспитува нивната одлука. Ова требаше да биде дел од далечната историја од која ние би учеле, но одредени “аналитичари” и денес не пропуштаат да потенцираат: „..власт е тоа, што сака ќе прави… кај нив е моќта, кај нив е силата…”. Кај ваквите ликови најголемиот проблем не е тоа што не знаат, туку реален проблем е што некој им дозволува да бидат креатори на јавното мислење и (контра)свест.

Сите институции во рамките на политичкиот систем се создадени да одлучуваат. Нивните одлуки директно влијаат на нашиот живот и го одредуваат неговиот (не)квалитет. За одлучувањето се смета дека е избор на алтернативи, но од суштинско значење е какви алтернативи се во игра за крајната одлука, кој ги формулира тие алтернативи, каква е процедурата за вреднување на истите и, на крај, како доаѓа до изборот на една од алтернативите. Имајќи ги во предвид сите елементи на политичката наука, политичкото одлучување е едно од најважните индикатори за демократија, рационалност и ефикасност во рамките на еден политички систем.

Уште во 1907 година на Бентли му било јасно дека процесот на одлучување не е ништо друго, освен збир на борба меѓу различните интереси и притисоци на различните интересни групи. Овој автор докажувал дека е илузорно да веруваме во јавен интерес, дека не постои одлука која може да ги задоволи сите. Јавниот интерес, општото добро, волјата на народот и слично, се само политички образложенија. Дека реалната политика е борба на интереси, а политичките одлуки се рефлекс на политичките интереси. 112 години подоцна, одлучувачите во нашата земја континуирано го оправдуваат гледањето на Бентли и ја докажуваат неговата теза, притоа не сфаќајќи дека помина повеќе од еден век и дека механизмите за анализа и согледување на начините на одлучување се унапредени. Дека во Република Северна Македонија веќе постојат генерации кои учеле насекаде во светот, дека го разбираат начинот на одлучување и содржината на одлученото. Дека неефикасното одлучување врз база на незнаење е надмината фаза во развиената политика и дека досега и тие требало да станат свесни и да научат.

Европската Унија на која се повикуваат сите одлучувачи и чии начини на функционирање се стремиме да ги достигнеме, има покажано, укажано и вложено во нашата земја со намера да започнеме да го разликуваме квалитетниот и професионалниот, од неквалитетниот и непрофесионалниот начин на одлучување. За таа цел ЕУ има вложено во еден од механизмите за професионално одлучување, а еден од тие е проценката на влијание на регулатива. Тоа значи дека ние не треба да носиме препишан закон кој нема да знаеме колку пропусти има, туку врз база на анализа и докази ќе донесеме одлука за најсоодветно и најефикасно решение. Процесот за проценка на влијание на регулатива се подразбира како формалност, наместо како суштина. Кадрите кои треба да го ефектуираат во институциите на системот сеуште се слабо едуцирани, а извештаите и анализите кои се прават од страна на институциите и граѓанските организации, по правило, ги читаат само оние кои не одлучуваат.

Не постои начин да се движиме прогресивно, доколку на позициите за одлучување имаме луѓе кои не знаат да одлучуваат, не знаат кои се најдобрите начини за одлучување, воопшто не знаат дека треба да знаат да одлучуваат надвор од партијата и дека треба да одберат соработници по квалификации, а не по партиска линија.

Последиците од ваквиот начин на регрутирање на одлучувачи се вакви пратеници, вакви директори, вакви градоначалници, за чија ефикасност и најголемиот “партиски патриот” знае дека е непостоечка! Ова е само причина повеќе да станеме свесни, дека политичките партии нема да се единствените организации од кои во иднина ќе се регрутираат одлучувачи, туку дека граѓанските организации и препознатливите индивидуалци ќе станат значаен фактор за местата на кои се одлучува за квалитетот на животот на граѓаните.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …