КАКО СМЕ СИСТЕМАТСКИ УНИШТУВАНИ ОД ИДИОТИ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

  

„Победник е оној кој знае да сонува и од сонот да не се откажува“

Нелсон Мандела

Македонија е држава во која медиокритети, платеници и политички јаничари се главната ударна сила на злосторничкото здружување, кое со нивна помош ги држи под контрола сите механизми на владеењето. Нивното значење до таа мера е големо, што директно резултираше нашата ендемска мафија да создаде сопствена држава. Така што сите ние кои сме надвор од нивниот фамилијарен мафијашки круг, всушност сме аргати во нивната приватна држава.

Миленко, Пандев, Мирка, Бетмен, Божиновски, Јанко бурекот, Латас, Чилиманов, Дурловски, Ванчо Петрушевски, Жугиќ, “Едноокиот“, па дури и тазе испилениот Љупче Златев се “суво злато“ за Грујо и бандата. Знам дека има и такви кои ќе речат дека имињата на горе наброените воопшто не треба да се споменуваат, дека се работи за купени, платени или уценети маргиналци…

Сѐ е тоа така. Меѓутоа сите тие се дел од ергелата на братучедите и сите до еден се, помалку или повеќе, виновни што државата е донесена на ова дереџе. И затоа нивните имиња, како и имињата на уште десетици и десетици соучесници во злосторството против сопствената држава и против граѓаните од различните етнички заедници кои живеат во неа, не треба да бидат заборавени. Напротив. Имињата од ден на ден треба сѐ погласно да им бидат споменувани и запишани во “црниот тефтер“ на нечестивите. И не смеат да останат неказнети. Оти заради нивната заслепеност и опседнатост со слава, моќ и пари, огромен број граѓани на Македонија живеат на прагот на сиромаштијата, или соочени со неа заминуваат во белиот свет.

Да ги немаше таквите како нив, силата на мафијата ќе беше помала а векот на траење покус. Да ја немаше нивната пропаганда, народот навреме ќе ја осознаеше вистината. Да го немаше нивниот лажен патриотизам, многу порано ќе го изградевме граѓанското општество. Да имаа чесни намери како што немаат, сите ние малку помалку ќе се мразевме и многу повеќе ќе се почитувавме. Да ги имаше нив во помал број, ќе имаше среќа во поголеми количини…

Ете затоа дотичните не смеат да бидат заборавени. На буништето на историјата за нив мора да има резервирано почесно место.

Ако како народ за нешто нѐ бива, освен еден на друг да си ги вадиме очите, тоа е што секогаш знаеме да си дадеме утеха. Во случајов утешително делува фактот дека влијанието и важноста на апологетите на власта губат на значење. Стануваат минорни до степен на безначајност. Се разбира, не по нивни избор, оти кога би можеле да бираат, тие вака би терале до 101 и назад. Ама системот е во колапс! Нема повеќе пари! Или поточно, пристапот на нивните газди до државните буџетски средства значително е отежнат, а посигањето во сопствениот џеб е несвојствено за нивниот ментален склоп. Работата ја комплицираше и листата на платеници кои беа придружен дел на злосторничкото здружување за систематско уништување на државата, која во меѓувреме стана предолга и претешка за одржување…

„Сад су скупе паре, сад је оскудација“, би рекол Манулач кога би ги знаел маките на пациентите на СЈО. Ама некому кому на приватната или на друга сметка му “врнеле“ пари од сите страни само затоа што одбрал да биде слеп послушник и извршител на нарачките на Грујо и бате Саше, тешко му е да ја прифати реалноста дека дошол крајот. Дека секнал врутокот.

Со своето арогантно и напати простачко однесување, кога силата ја добиваа од заштитата која ја имаа од нивниот сопственик, не газда туку сопственик на нивните души, грујовите подопашници го навлекоа гневот на “обичниот“ народ. Зијанот кој си го направија самите себеси е незначителен во однос на штетата која им ја нанесоа на граѓаните и на државата. Затоа за никој од нив, за ниту еден, не смее да има прошка. Сета таа багра, заедно со политичко-мафијашките структури кои една деценија ги тероризираа граѓаните на нашата држава, во најскоро време треба да го добијат заслуженото.

На Македонија очајнички ѝ треба автентична верзија на „Нирнбершкиот процес“!

ПС: Помина Велики петок. Помина и Голем петок. Зошто првиот нареден петок не би бил празник на демократијата???

Автор:

Чеге Вара                                    Прилеп, ебаго!…….(148)

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …