ГЕРБ, ДПС, ИТН и Преродбата и дадоа голем подарок на владејачката коалиција. Тие практично ги избришаа сите нивни негативности. Старото статус кво направи три грешки. Веселин Стојнев објаснува кои се тие:
Бугарија повторно живее во жешко протестно лето. Причината е иста како и во 2020 година, но има разлики: овој пат луѓето протестираат не за соборување, туку за поддршка на владата. А, контрапротестите не се организирани од поранешните владетели, туку од проруската национал-популистичка опозиција.
Големата вест е што протестните партии повторно се заедно. Овој пат на плоштадот се гласачите на „Продолжуваме со промената“ и на „Демократска Бугарија“, кои практично имаат заеднички електорат, но и поддржувачи на БСП, повикани од нивното раководство, како и гласачи разочарани од „Има таков народ “, предводени од пратениците и министрите коишто се отцепија од Слави Трифонов. Ако владата опстане, протестната енергија ќе има заслуга за тоа и ќе биде силен столб за коалицијата во наредните месеци. Ако падне власта, протестната енергија ќе биде сериозен повик за нова антикорупциска влада по изборите наесен.
Грубите грешки на ГЕРБ, ДПС и ИТН
ГЕРБ, ДПС, ИТН и Преродба не само што погрешија со гласањето недоверба, туку и дадоа подарок на владејачката коалиција, која страдаше од раздор и немање менаџерско искуство. Место да чекаат да продолжи падот на довербата на јавноста во владата, особено откако таа го загуби мнозинството со заминувањето на ИТН, тие практично ги избришаа сите нејзини негативности. Сега доминантно објаснување е дека бавноста и неуспехот на реформите во целост се должат на саботажата на мафијата, против која се бореше оваа антикорупциска влада. И место да бидат разочарани од изборната пасивност на изборите, кога веќе трипартитната коалиција не може да владее со малцинскиот кабинет, нејзините гласачи сега се мобилизирани за нова изборна победа.
Втората грешка на старото статус кво е тоа што ИТН се користеше за еднократен истрел. Дури и да ја напушти коалицијата за да ја собори владата, партијата на Слави Трифонов најверојатно нема да влезе во следниот парламент, а најверојатно и останатите нејзини веќе стопени гласачи ќе им се придружат на протестните партии.
Сепак, најсериозната грешка на старото статус кво е што дозволија Преродба да учествува во соборувањето на власта, Тоа е партија која сака да ги претвори изборите во референдум за промена на евроатлантскиот стратешки курс на земјата и откажување од она што го нарекуваме „цивилизациски избор“, којшто сè уште е поддржан од мнозинството бугарски граѓани. Токму оваа закана треба максимално да ја поттикне мобилизацијата на гласачите на протестните партии. Во исто време, ќе се соочи со тежок избор меѓу ГЕРБ и ДПС, кои исто така, се колнат во евроатлантската ориентација на Бугарија. А, тешкото прашање за предавството во парламентот нема да биде зошто ИТН гласа со ГЕРБ и ДПС, туку зошто ГЕРБ и ДПС гласаат заедно со „Преродба“.
Дури и ако партиите на Бојко Борисов и Ахмед Доган решат барем делумно да ја санираат штетата, доколку неколку нивни пратеници не гласаат за недоверба и со тоа не се соберат потребните 121 глас за рушење на кабинетот, прашањето за нивно одвојување од Костадин Костадинов (Преродба, н.з.) и понатаму ќе остане. Тие ќе бидат подложени и на надворешен притисок од нивните партиски сојузници – Европската народна партија и Партијата на европските либерали, како и од шефовите на држави и партнерските амбасади во Бугарија. ГЕРБ и ДПС ќе мора да влезат барем во позициска војна со „Преродба“ доколку не сакаат да ги изгубат физиономиите на лицата на партиите кои го држат членството на Бугарија во ЕУ и НАТО.
Што може да направат т.н протестни партии?
Без разлика дали владата ќе опстане како малцинска влада, или ќе освои кревко мнозинство од најмалку шест други отцепени пратеници, или ќе оди на предвремени избори, протестните партии се соочуваат со задача да го изградат единството на коалицијата и потенцијалот за протести. Ако коалицијата остане на власт, таа мора да се издигне на многу повисоко ниво на кохезија и менаџерска ефикасност. Тоа може да значи програма за управување до крајот на годината и јасни заложби за безусловните приоритети на секоја нејзина составна формација. Што се однесува до граѓанска поддршка на плоштадот, таа мора да го надмине неприфаќањето на БСП, што беше тешко да се поднесе на протестите пред 2 години. И на протестот во четвртокот по смената на претседателот на Народното собрание Никола Минчев, само Корнелија Нинова беше исвиркана од толпата на плоштадот кога почна да држи говор. Но, Јавор Божанков и Крум Зарков беа добро прифатени од демонстрантите – и двајцата непречено работат со пратениците од протестните партии во парламентарните комисии и на пленарната седница. Веројатно, за целосна интеграција на БСП во семејството на протестните партии, коишто во наредните месеци се очекува да покажат се поголемо единство меѓу плоштадот и неговото политичко претставување, Нинова ќе треба да направи чекори назад на позицијата полупочесен претседател на партијата.
И, на пример, не само да избегнува ораторство на протестите, туку и да не биде единствен или главен претставник на социјалистите во коалициските совети. На тој начин изгледите за решавање на уште една политичка криза се далеку од мрачни. Се додека преценетите велемајстори од задкулисите не бидат оставени да бараат реми.