Во својот говор на Демократската национална конвенција, потпретседателката Харис покри различни теми, но, според Би-би-си, таа не понуди конкретен план за иднината и не ги исполнила барањата на про-палестинските демократски делегати
На последниот ден на Демократската национална конвенција, потпретседателката Камала Харис официјално беше номинирана за кандидат за претседател на Демократската партија, пренесува Би-би-си.
Таа одржа говор кој покри различни теми, како Трамп, работата што ја има направено во администрацијата на Џо Бајден и што ќе следи во иднината
„Со овие избори нашата нација има посебна, но минлива, можност да ја надмине горчината, цинизмот и поделбата од минатото. Има шанса да се зацрта нов пат пред себе – не како членови на една партија, туку како Американци“, им рече Харис на илјадници демократи во Чикаго.
Како речиси сите други говорници досега на Конвенцијата, Харис не пропушти прилика да го критикува Трамп.
„На многу начини, Доналд Трамп е несериозен човек. Но, последиците од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа се исклучително сериозни“, рече Харис.
Но, според Би-би-си, и покрај ентузијазмот со кој Харис беше пречекана во Чикаго, таа не понудила конкретен план за што точно би правела за време на својот потенцијален мандат. Сепак, таа рече дека планира да ги ограничи цените на есенцијални намирници и да ги заштите репродуктивните права на Американци. Но, освен тоа, во својот говор таа повеќе зависеше на „стандардни“ политички термини како „надеж“ и „градење пат за иднината“, пренесува Би-би-си.
Дополнително, таа не застана со цврст став за војната во Газа, повторувајќи ја досегашната реторика на Џо Бајден. Таа исто така не се согласи на барањата на про-палестинските демократски делегати кои одржаа протест со седење („sit-in“) пред салата, пренесува Би-би-си.
Групата делегати на Демократската партија кои протестираа бараа Палестинец да одржи говор на Конвенцијата. На конвенцијата говореше мајка на еден од заложниците заробени од Хамас, но не говореше ниту еден Палестинец.
„Имаше голем број говорници кои зборуваа за војната во Газа и потребата да се обезбеди прекин на огнот и договор за заложници. Ќе продолжите да ја слушате таа порака“, рекол за Би-би-си портпаролот на кампањата на Харис.