Камиони пред Делегацијата на ЕУ, возачите бараат решение

Камиони пред Делегацијата на ЕУ, возачите бараат решение

Превозниците организирани од транспортната асоцијација „Макам-транс“ протестираат пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, барајќи решение за ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната. Протестот е предупредувачки и се одржува во пресрет на утрешниот (1.09) состанок на Работната група во Брисел, од кој превозниците очекуваат конкретно решение за нивниот статус.

Пред Делегацијата на ЕУ во Скопје напладне продефилираа со свирежи, во знак на протест, дваесетина камиони и товарни возила. Во исто време, протести на превозници се одржуваат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Проблемот произлегува од правилото 90/180 на Европската Унија, според кое државјаните на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена. Според превозниците, ова правило создава сериозни потешкотии за професионалните возачи кои редовно работат на територијата на земјите од Шенген-зоната.

Седум месеци нема решение

Од „Макам-транс“ порачаа дека протестот е предупредување до Европската Унија, која, според нив, во изминатите седум месеци не покажала доволна подготвеност за надминување на проблемот, иако во визна стратегија возачите се препознаени како професионалци кои вршат специфична дејност.

Протест на камионџиите во Скопје, 31 август 2026
Проблемот произлегува од правилото 90/180 на ЕУ, според кое државјаните на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена

„По седум месеци сѐ уште не е надминат проблемот со престојот. Бидејќи септември е почеток на поинтензивен работен период, сакаме да испратиме јасна порака дека е потребно конечно да се направи нешто. На 1 септември се очекува средба на претставници на сите земји од Шенген-зоната, на која бараме нашето прашање да биде ставено на дневен ред“, изјави за МИА генералниот секретар на „Макам-транс“, Биљана Муратовска.

Нови договори со земји од Шенген-зоната

Од Министерството за транспорт велат дека имаат целосно разбирање за предизвикот со кој се соочуваат македонските превозници и дека континуирано се работи на изнаоѓање конкретни решенија со земјите од Шенген-зоната. Затоа најавуваат дека се работи на склучување билатерални договори со земјите членки на Шенген-зоната.

„Такви договори веќе се склучени со Швајцарија, Хрватска и Романија. Интензивно работиме со владите на Австрија и Германија, а во септември се очекува средба на високо ниво со австриската влада, додека во октомври и со словенечката влада, со цел да се постигнат билатерални договори и со овие земји за издавање долгорочни визи за македонските транспортери“, наведуваат од Министерството.

Со оглед на тоа што станува збор за правила кои важат во Шенген-зоната, Владата и Министерството за транспорт на располагање го имаат механизмот за потпишување билатерални договори со земјите членки за издавање долгорочни визи. Целта е да се покријат рутите на кои традиционално работат македонските превозници, односно земјите каде што има најголема фреквенција на домашни транспортни компании.

Можно е ново сценарио со блокади

Доколку на состанокот во Брисел не биде понудено преодно решение за престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната, предложено е на 14 септември да се организираат протести и блокади на граничните премини во повеќе земји од Западен Балкан.

Од „Макам-транс“ предупредуваат дека околу 50 проценти од возачите одбиваат да возат поради неизвесноста околу примената на правилото 90/180 и различното толкување на прописите од страна на службениците на граничните премини.

Протест на камионџиите во Скопје, 31 август 2026
Околу 50 проценти од возачите одбиваат да возат поради неизвесноста околу примената на правилото 90/180 и различното толкување на прописите од страна на службениците на граничните премини

Со овој проблем се соочуваат околу 17.000 професионални возачи од земјата, додека на ниво на Западен Балкан бројката надминува 100.000 возачи.

Превозници од Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во јануари ги блокираа товарните терминали на граничните премини, барајќи да бидат изземени од новиот систем за контрола на влез и излез во ЕУ. Според нив, примената на овие правила предизвикува економски штети, дополнителни трошоци и случаи на депортација на возачи.

Тогашните блокади беа прекинати откако Европската Комисија најави нова визна стратегија, која, според надлежните институции, требаше да придонесе за решавање на проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Хутите повторно ja нападнаа Саудиска Арабија, додека преговорите за Ормускиот теснец се во застој

Хутите повторно ja нападнаа Саудиска Арабија, додека преговорите за Ормускиот теснец се во застој

Јеменските Хути, кои се поврзани со Иран, започнаа нов бран напади врз Саудиска Арабија и …