Кандидати во сенка на лидерите – што ќе бираме на изборите?

Кандидати во сенка на лидерите – што ќе бираме на изборите?

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Со должно внимание и максимална посветеност ги следам кампањите на лидерите на политичките партии, “надпартиските“ претседателски кандидати Сиљановска и Пендаровски и кампањата на Блерим Река. Впечатокот дека сите тие се збунети по прашањето за видот на изборите, е јасно видлив. Во нашата земја имаме три вида избори: парламентарни, претседателски и локални. Во овој изборен процес, кампањата која ја водат кандидатите и партиите кои нив ги кандидирале, многу повеќе наликува на кампања за парламентарни, отколку за претседателски избори. Во една таква ситуација, граѓаните се доведени во ситуација логички да се запрашаат: А зошто ни е нам потребен Претседател?

На средбата со граѓани во Прилеп, при крајот на својот краток говор Пендаровски истакнува: „…Ние ги живеевме десетте тешки години на груевизмот, во кои ‘дерман’ немавме – ако имавте дуќан и ако бевте од опозицијата, те казнуваа по 3.000 евра, за ништо. Ако имаше дете за вработување, никој не ти го гледаше. Значи бевме на секаков можен начин дискриминирани, само затоа што не бевме членови на таа фамилија и членови на таа партија. Ние не смееме да си играме играчки со иднината на нашата држава, сега кога конечно сме на вистинскиот пат. Заев рече има различни патишта, но овој е најдобриот за нас, и тоа е проверено… 21 април и 5 мај, во суштина, ќе биде референдум за ова што досега го направи оваа политичка структура… Нема да гласате за Стево Пендаровски, на ливчето ќе пишува Стево Пендаровски, ќе гласате за оваа политика која Македонија ја извади од дното и ја крена на површината за да дише. Да биде жива, здрава и да напредува”.

Претседателот на СДСМ, воедно и премиер, Зоран Заев зборуваше 29 минути, а кандидатот за претседател Пендаровски нешто повеќе од 5 минути.

Сиљановска во 17 минутниот говор во Охрид истакна: „Ние сме вознемирени, зашто во химната ја нема Северна… Ветуваа реформи, владеење на правото, економски просперитет, стручна и компетентна администрација, независно судство, борба со корупцијата, велеа нулта корупција. Со што сме соочени? Со хибриден режим, со авторитарен систем, со вредносен, морален, политички и економски регрес. Наместо Парламент, имаме едногласно комунистичко Собрание, наместо правосудство – кривосудство… Умниот Бернард Шо вика: „Можете да смените облека, идеологија, но татковина никогаш не можете да смените“. Што треба да правиме? Треба да победиме на претседателските избори за да ја делегитимираме власта и сè што стори за овие две и пол години. Треба да отвориме пат за предвремени парламентарни избори, за ново парламентарно мнозинство што води сметка за Копенхашките критериуми, оти не се оди во Европа само со договор… Не велам дека ако ме изберете ќе го сменам веднаш името, тоа е невозможно, но сигурна сум дека ова име ниту има корен, ниту може да има иднина, секоја генерација има право на свој Устав… Уставот е процес, не состојба, значи ќе дојде одговорен Претседател, ќе дојде одговорен Парламент кој ќе ја почитува опозицијата, ќе дојде нов состав на Уставен суд што ќе го брани Уставот со знаење, ама и со морал. Тогаш ние, еден ден, со една важна промена ќе го заштитиме името со една клаузула за непроменливост. Претседател не може да биде некој кој нема збор, кој не си го почитува зборот… Јас ветувам дека ќе бидам Претседател по свое, дека ќе го почитувам Уставот и законите, дека во меѓународната политика ќе водам економска, културна, спортска, научна дипломатија… За мене кохабитацијата не е болест, туку е здрава техника на вежбање демократија, тоа ќе го практикувам… Да не должам… Она што сме го наследиле мора да го пренесеме, тоа не е за продажба, не е наше, тоа е за сите генерации.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по говорот на нивниот кандидат, зборуваше скоро 40 минути, од кои 32 минути против “заевизмот”, а 13 минути за “надпартискиот“ кандидат за Претседател и партискиот кандидат за градоначалник.

Третиот претседателски кандидат, Блерим Река најголемата поддршка ја очекува од албанските гласачи, се залага за целосна евроатлантска интеграција. На својот митинг на плоштадот „Скендер Бег“, Река нагласува: „…Денес од Скопјето на Хасан Приштина и Мајка Тереза ја пишуваме новата историја. Републиката за сите, за Републиката во која владее правото, а не поединецот, против заробената, приватна и празна држава, против корупцијата, непотизмот и селективната правда, посебно против трговијата со гласови. Вашите гласови се свети, тие ниту се продаваат, ниту се подаруваат. Затоа излезете масовно да гласате, без разлика на која партија ѝ припаѓате. Со вашиот глас покажете дека не сме анонимни 20%, покажете дека вие не сте само гласачи, туку гласани. Затоа Албанецот не можеше да биде избран за Претседател, ова ќе се промени на 21 април.

Етнонационализмот кај Сиљановска–Давкова и кај Блерим Река, е повеќе од основна содржина на нивните изјави, додека пак Пендаровски прави исчекор во однос на едно општество за сите.

Изборна програма, јавно достапна, има само кандидатката Сиљановска-Давкова. Останатите двајца кандидати сè уште немаат конкретна програма до која пристап би имале сите граѓани и преку која би ни ги доближиле своите идеи за начинот на кој планираат да ја практикуваат функцијата Претседател на Република Северна Македонија.

На социјалните медиуми Силјановска се исмева за гафот во Неготино, се исмева и Заев за “сидрото кое ќе влечи напред”, но никој како да не забележува дека “надпартиските“ кандидати не успеваат да се одлепат од сенката на лидерите на политичките партии! Претседател на држава е индивидуална функција. Оној кој неа ја извршува, треба да и’даде личен печат, содржина и концепт, во буквална смисла на зборот да ја оплемени функцијата која предолго е деградирана, заробена од лидерите на политичките партии и парламентарното мнозинство, непочитувана и користена за други, наместо за државни цели.

Бидејќи сме на почеток на кампањата, можеби сè уште има надеж да се смени нејзиниот тек. За таа цел, треба да се потсетат организаторите на настаните, партиските и “надпартиските“ штабови, да им овозможат на кандидатите за Претседател да ги кажат своите визии, цели и заложби, при што нема да користат реторика соодветна за парламентарни избори, туку ќе се концентрираат на она што всушност се случува – кампања за претседателски избори!

Прочитајте повеќе

СДСМ лого

СДСМ: Во новиот мандат европски систем за правда и целосен ветинг во новиот мандат

Соопштение за јавност на СДСМ Клучна определба во новиот мандат на СДСМ е европски систем …