Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ

Во своето обраќање пред делегатите, новата Заменик-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, на вчерашниот 30-ти Конгрес на СДСМ истакна дека функцијата со себе носи огромна одговорност – и пред членовите на партијата и пред граѓаните.

„Одговорноста е огромна пред сѐ заради фактот што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е исправен пред предизвикот да ја исцрта и уште поважно да ја одработи траекторијата на промените и реформите на партијата кои ќе го обезбедат нејзиниот понатамошен развој и ќе го отелотворат нејзиниот правец на делување, процеси кои треба и мора да ја вратат партијата на вистинскиот колосек“, рече Каранфилова-Пановска.

„Моето нафаќање и ангажман ќе биде особено значајно и се надевам ќе биде од голема помош, во оваа фаза на темелни внатрешни промени и реформи, дефинирање на новиот курс и позиционирањето на партијата, имајќи ги предвид сите предивизици, а особено, оној, за мене клучен и суштински, а тоа е враќањето на довербата кон СДСМ од страна на слободоумните граѓани на кои вредносната оска на социјалдемократијата им е блиска, а кои во изминатиот период се разочараа од СДСМ и се чувствуваат изневерено. Нив мора да ги вратиме! И во ова лежи суштината на мојот инстинкт, порив и подготвеност да се нафатам на оваа сериозно одговорна функција“, рече Каранфилова-Пановска.

При тоа, потенцираше дека мора да се случи консолидација на знаењето кое го поседува СДСМ во најширока смисла од раководство, општински организации, членови, симпатизери, поддржувачи, природните сојузници меѓу граѓанството, и тоа да се преточи и во консолидирано делување на сите нивоа.

„СДСМ мора интензивно и бескомпромисно да зрачи и да делува согласно својот автентичен вредносен систем идеологија и наратив, кои ќе бидат главната окосница што ќе ја одржува и зајакнува внатрешната кохезија и заедништвото во партијата. Со многу работа, посветеност, конзистентност, искреност во пристапот и намерите, со дијалог, солидарност, емпатија и уважување на различните ставови и позиции, како и со вреднување на различностите како привилегија и богатство на една демократска партија, убедена сум дека ќе го вратиме статусот, угледот, кредибилитетот, поддршката и победите на единствената државничка партија во Македонија – нашиот Социјалдемократски сојуз на Македонија“, порача новата Заменичка-претседателка на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска.

Каранфилова-Пановска потенцираше дека верува во професионалноста и амбициозноста на претседателот на СДСМ, Венко Филипче и дека ќе го стави во функција сето нејзино искуство, знаење и вештини стекнати во професионалната кариера.

„Далбоко сум убедена во професионалноста, амбициозноста, трудољубивоста, страста, посветеноста, упорноста и емпатијата кои ги носи Венко, и тие беа едни од клучните причини зошто ја прифатив номинацијата. Јас, од моја страна, ќе му дадам целосна поддршка и ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики на СДСМ, кои ве уверувам ќе бидат политики за промени. Јас со себе тврдоглаво ги носам принципите, ставовите и наративот кои му прилегаат на прогресивното граѓанско општество, кои во својата срж ја имаат потребата и борбата за слобода, демократија, човекови права, социјална правда, правичност, различност, рамноправност и интегритет – вредности за кои не сум правела и никогаш нема да направам компромис“, рече Заменичката претседателка на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска.

Прочитајте повеќе

Уште една акција од 15 минути молк за 15 жртви во Нови Сад

Уште една акција од 15 минути молк за 15 жртви во Нови Сад

Во повеќе градови во Србија во неделата беше одржан 15-минутен молк за 15-те жртви од …