Карловата награда за Марио Драги и неговата визија за ЕУ

Карловата награда за Марио Драги и неговата визија за ЕУ

Со векови, малечкиот Ахен се смета за симбол на обединета Европа.

Токму од тука Карло Велики (748–814) владеел со најголемото царство во западна Европа по падот на Рим, наследство кое подоцна довело до тоа тој да биде сметан за средновековен „татко на Европа“.

Денес, со Карловата награда  им се оддава почест на оние кои се залагаат за европско единство на помодерен начин. На 14 мај таа ќе му биде доделена на Марио Драги.

Кој е Марио Драги?

Драги најчесто се памети како претседател на Европската централна банка (ЕЦБ) со седиште во Франкфурт, кој ја стабилизираше еврозоната во бурен период. Но, зад себе има и многу други значајни станици во кариерата.

Драги ја започнува кариерата како професор по економија во Италија. Подоцна работи во Светската банка и во „Голдман Сакс“. Со текот на годините бил член на управните одбори на повеќе италијански банки и компании.

Од 2006 до 2011 година е гувернер на италијанската централна банка.

Во тој период почнуваат да излегуваат на површина проблеми на американскиот пазар на хипотекарни кредити со висок ризик. До 2008 година ситуацијата прерасна во глобална криза, по колапсот на инвестициската банка „Лиман Брадрс“, што предизвика тешки последици за економиите ширум светот.

Свечен настан по повод 25-годишнината од Европската централна банка
Марио Драги (д.) најчесто се памети како претседател на Европската централна банка (фото: Драги во 2023 година во Франкфурт, на одбележување на 25-годишнината од ЕЦБ, заедно со актуелната претседателка на ЕЦБ, Кристин Лагард и поранешниот претседател на ЕЦБ, Жан-Клод Трише)

Претседател на Европската централна банка

Среде целото тоа превирање, во 2011 година, Драги е избран за шеф на Европската централна банка.

Во тој момент, глобалната финансиска криза веќе се беше претворила во европска должничка криза. Тоа доведе до мерки на штедење и финансиски спасувачки пакети во некои земји од еврозоната, пред сè во Грција.

Драги неуморно ја бранеше заедничката валута и стана познат по изјавата дека ЕЦБ ќе направи „што и да е потребно“ за да го спречи пропаѓањето на еврото. Ова се сметаше за пресвртница во кризата на еврозоната.

Во 2015 година, банката започна да купува големи количества обврзници со цел да инјектира пари во економијата. Програмата, позната како „квантитативно олеснување“, имаше за цел да се справи со ниската инфлација и со слабиот економски раст.

Критичарите тврдат дека овие политики ги одржале каматните стапки премногу ниски предолго време. Програмата за квантитативно олеснување го прошири мандатот на банката и значеше дека некои влади имале помал поттик да работат на структурни реформи.

„Иако не секоја поединечна одлука на Драги, гледано наназад, може да се смета за успешна, вкупниот биланс е многу позитивен“, оценува Франческо Пападија, виш соработник во бриселскиот тинк-тенк „Бругел“.

Европа „беше добро услужена што го имаше него на чело на ЕЦБ во многу тешки времиња“, додава Пападија, кој исто така имал високи функции во централната банка на Италија и во Европската централна банка.

Премиер и гуру за конкурентност

По заминувањето од Европската централна банка во 2019 година, Драги беше повикан назад во Италија, која се соочуваше со криза предизвикана од Ковид-19 и со владина криза.

Тој се вклучи, формираше влада и беше премиер 20 месеци во периодот 2021–2022, пред да ја загуби поддршката во парламентот, да поднесе оставка и да ѝ ги предаде уздите на Џорџа Мелони.

Италија, Рим | Марио Драги и Џорџа Мелони
Марио Драги и Џорџа Мелони, 23.10.2022

За многумина тоа би било круна на долга кариера, но Драги не беше готов.

Во 2024 година тој објави остар извештај за економијата на ЕУ, кој многумина го нарекоа „Извештајот Драги“. Документот содржеше 383 препораки за запирање на падот на продуктивноста и за затворање на јазот во конкурентноста со САД и Кина.

Украина | Марио Драги и Емануел Макрон во Ирпин, Киев
Марио Драги (л.) го посети Киев со францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и други европски лидери за да покаже поддршка за земјата во јуни 2022 година

Извештајот „со право стана нацрт-план за тоа како ЕУ да ги надмине своите економски ограничувања и да постигне нова сила и виталност во сегашните тешки услови“, вели Пападија за ДВ.

Меѓу другото, во него се повикува на поголема прекугранична соработка, инвестиции во напредни технологии како вештачка интелигенција и полупроводници, намалување на високите цени на енергијата, интеграција на пазарите на капитал и поголемо управување на ниво на ЕУ. Пред сè, се повикува на решителна акција.

Што вели комисијата за селекција?

„Драги се наградува за неговите исклучителни достигнувања, неговата клучна улога во стабилизирањето на европската економска и монетарна унија и неговите напори за унапредување на европската конкурентност“, напиша одборот надлежен за наградата во соопштение за јавноста во јануари.

„Тој ги докажа своите исклучителни лидерски способности со спасувањето на еврото преку неговото легендарно ветување ‘што и да е потребно’, со стабилизирањето на Италија за време на пандемијата и, сега, со креирањето идни насоки за целиот континент.“

Одборот го гледа „Извештајот Драги“ како повик на акција „за да се обезбеди местото на Европа во светот за идните генерации“.

Со тековните војни во Украина и Иран, и со затегнатите односи меѓу САД и поголемиот дел од светот, наградата е навремен потсетник дека европското единство е незаменливо.

Што е Карловата награда?

Меѓународната Карлова награда од Ахен се доделува речиси секоја година од 1950 година. Таа има за цел да одликува поединец или институција што дале исклучителен придонес за европското единство.

По уништувањето од Втората светска војна, основачите на наградата сакале да ја искористат за промоција на мирот, соработката и европската интеграција.

Меѓу претходните добитници се Винстон Черчил, Хелмут Кол, Бил Клинтон, Ангела Меркел, како и папите Јован Павле Втори и Франциско. Во 2023 година, Наградата им беше доделена на украинскиот претседател Володимир Зеленски и на украинскиот народ.

Извор: DW