На вчерашното „бранење“ на најновиот шестмесечен извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, пред собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, побара да се реши правната положба на обвинителството и нагласи дека има намера докрај да ги истражи сите индиции за криминал кои се содржани во снимките од прислушуваните разговори, но и дека ќе ги докаже обвиненијата влезени во судска процедура.
– Сметам дека е потребно од страна на судот да се има предвид сериозноста на кривичните дела кои се предмет на обвиненија поднесени од страна на СЈО, и да обезбеди непречено водење на судските постапки, како и избегнување на нивно непотребно одлагање – порача специјалната обвинителка.
Јанева рече дека конечно е воспоставена соработка со Основното јавно обвинителство, со Обвинителството за организиран криминал и со други домашни и меѓународни институции.
На забелешките во јавноста дека не се третираат прислушувани лица од опозицијата, Јанева рече дека тие не можат да бидат предмет на истрага бидејќи не биле функционери.
ВМРО-ДПМНЕ бараше детално објаснување кој го спровел прислушувањето, каде се потрошени парите кои обвинителството ги добива од буџетот, но и одговор зошто за судските постапки се ангажирале вештаци – поранешни функционери од СДСМ. Од Алијанса за Албанците ја повикаа обвинителката да има еднаков третман за сите кои се огрешиле пред Законот.
– Осумнаесет месеци поминаа одамна, а гледам дека вие понатаму продолжувате со предистражни постапки и продолжувате со најави дека ќе покренете обвиненија. Продолжувате флагрантно да го кршите законот – рече Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот Бетијан Китев од СДСМ порача дека извештајот е објективен и дава јасна слика за реалната состојба. Постоењето на СЈО, како што кажа Китев го оправдуваат поднесените обвиненија, донесените пресуди и одлуката на Апелацискиот суд „снимките“ да се користат како докази во судските постапки.
Извор: МЕТА