По масовните протести во Казахстан, Кремљ веројатно нема да сака „разместување на два фронта“. Ако Русија сака „враќање“ на Украина, се заканува опасност да го „загуби“ Казахстан, смета Андреј Гурков.
Масовните протести во Казахстан накратко го засенија најважното геополитичко прашање за Европа во последните недели: се заканува ли војна на Русија против Украина? Ова прашање додуша наскоро повторно ќе биде во прв план, но во овој момент одеднаш загуби на важност: тешката криза која го погодува големиот руски централноазиски сосед ја чини руската воена операција на украинска територија помалку веројатна.
И тоа од две причини. Прво, руската воена операција веројатно би водела до санкции и зголемување на цените. Целосно неочекуваната побуна на казахстанскиот народ ширум земјата, со сериозни безредија и бројни мртви, би можела да остави силен впечаток врз Москва. Казахстан досега важеше за стабилна земја со стабилна влада. Така се мислеше и за Белорусија, сѐ додека таму во 2020 година не изби (крваво задушена) револуција.
Овие настани во две постсоветски држави, со споредливи авторитарни структури на власт, сугерираат заклучок дека Кремљ треба да избегнува сѐ што би можело да предизвика сличен развој на настаните во Русија. Руска воена операција од големи размери во Украина, со нејасни цели и многу мртви војници, би можела да предизвика масовни немири. Посебно ако далекусежните санкции, со кои се закануваат САД и ЕУ, во овој случај би довеле до нагол пораст на потрошувачките цени, кои се и онака страшни, или дури и до застој во снабдувањето. Посебно со оглед на надоаѓачкиот бран на вирусната варијанта Омикрон и многу преоптоварениот руски здравствен систем.
Со други зборови, масовниот излив на бес на фрустрираниот казахстански народ покажа дека Кремљ би требало да биде многу посвесен за внатрешнополитичките ризици од воена операција, со која Москва се обидува да ги заплаши и уцени САД и НАТО.
Досега, се чинеше, главно се земаа предвид надворешнополитичките и надворешноекономските аспекти на таква постапка. Со оглед на кризата во Казахстан, во Москва ќе се зголемат сомнежите во поддршката од сопственото население, а тоа би можело значително да ја намали желбата за реална, а не чисто пропагандистичка кампања во Украина.
Кремљ сега мора повеќе да се грижи за Казахстан
Друга причина за намалената веројатност од големи воени потези против Украина е тоа што сега Кремљ мора повеќе да се грижи за Казахастан. Оваа држава е еден од ретките вистински руски сојузници и партнери во интеграцијата на постсоветскиот простор и на меѓународна сцена, а земјата сега без сомнение е на пресвртница, таму наново се мешаат политичките карти, влијанието на овој сигурно тежок и збунувачки процес бара голема внимателност на Москва, труд и време.
Особено сега кога Русија дури испрати и војска во соседната земја, на молба на казахстанскиот претседател Токаев, на неодредено време и со тешко предвидливи последици. Ова е целосно нов пресврт, кој само до пред неколку дена никој не можеше да го предвиди. Во оваа ситуација, ако Кремљ премногу би впуштал во илузорниот план за „враќање на Украина“, би ризикувал „да го загуби“ Казахстан, а освен тоа, би можел да очекува дека неговата војска (и неговиот народ) ќе дејствува на два фронта.
Значи, би требало да се очекува дека прагматизмот и инстинктот на политичко самоодржување на руското раководство се доволно силни за да отфрлат такво сценарио. Што не значи дека Москва ќе престане да шири страв од голема војна во Украина. Впрочем, таа во пресрет на претстојните преговори со Запад сака да извлече за себе што е можно повеќе.
Извор: DW