Ќе ја добие ли Мицко власта на тацна?

Пишува: Зоран Милошески

Дали беше реално да се очекува брзо заздравување и нормализирање на државата во сите сфери на општественото живеење, после нејзиното 11 годишно систематско разградување и уништување? Почнувајќи од пљачкосувањето од епски размери, преку ерозијата на моралните вредности, сѐ до осиромашувањето на граѓаните до степен да станат апсолутно зависни од власта и од нејзината добра волја – кој треба да живее, кој ќе биде вработен, кому партијата ќе му среди “ин витро“ оплодување, кому ќе му се дадат бизниси и тендери, а кој може слободно да умре од глад?

Вербата дека е можно „блиц криг“ средување на состојбите беше толку силна, колку што беа големи и ветувањата: дека со криминалот нема да има компромис, дека злосторничкото здружување за чиј арамилак постојат неброени докази ќе заврши во Идризово, дека тефтерчето од Горде ќе биде водичот според кој ќе се расчисти со “сваровски“ судството и “зврлевски“ обвинителството.

Дали граѓаните веруваа во такво нешто? Да, веруваа. И се надеваа.

Не се потребни анкети за да се констатира дека најголемото разочарување дојде токму оттаму – од ветувањето дека ако нема да има правда, нема да има ни мир. Така, најсилниот адут на поранешната опозиција, се претвори во најголема слабост на актуелната власт. СЈО доживеа фијаско, предметите на „специјалните“ се соочуваат со застарување, озлогласените криминалци слободно се шетаат како пауни.

Разочараноста дополнително ја подгреваат локалните шерифи, сегдеприсутните параспурџии и ситните профитери, кои со своите баханалии и алчност за пари, на обичните смртници им ја земаат и таа трошка надеж дека и на ова парче земја може пристојно да се живее. Разочарувањето, пак, во начинот на кој коалицискиот партнер на СДСМ, ДУИ, го подразбира практикувањето на власта, поарно и да не го спомнувам…

Она што, во меѓувреме, се случуваше во спротивниот табор на политичкото живеење, е тажна приказна.

Во двете години колку што Мицкоски се наоѓа на чело на ДПМНЕ, партијата не направи ни милиметар позитивен исчекор напред. Ништо со што би навестила дека се одлепила од криминалната матрица која ја инсталираше клептоманското друштво. Освен неколкуте нови лица кои се земени за „уметнички впечаток“, сѐ друго е исто како и претходно – истите компромитирани и извикани ликови кои продавајќи лажен патриотизам, спечалија богатство.

Не само што партијата не се огради и не се дистанцира од злоделата на бегалецот и останатите сопартијци осомничени за тежок криминал, туку повеќемина од нив се вклучени во највисокото партиско раководство и се дел од преговарачките тимови на опозицијата кои, по важни прашања за иднината на државата, се водат со власта. Со тоа, актуелното раководство на ДПМНЕ само ја легитимираше и ја продолжи антидржавната политика која оваа партија ја официјализираше во 2008 година, првиот ден после самитот на НАТО во Букурешт.

И сега, што ќе се случи доколку на следните парламентарни избори во 2020 година, предвремени или редовни сѐ едно, заради погоре споменатите изневерени очекувања, граѓаните го казнат Заев и водењето на државата му го доверат на, ни крив ни должен, Мицкоски?

ВМРО-ДПМНЕ во тој случај би наследила ситуација каква не можела ниту да сонува: решен повеќедецениски проблем со името, ширум отворени врати на НАТО, на чекор од датумот за преговори за членство во ЕУ. Она што обично оди во пакет со наведените придобивки, е економскиот бенефит кој државата ќе го има со придружувањето кон двете организации, односно отворените можности за прилив на големи пари кои преку разни фондови ќе влезат во државата.

И сето тоа без да мрднат со прст, без да потрошат дел од својот политички кредит, без да го разнишаат личниот и партискиот рејтинг донесувајќи тешки и стратешки одлуки за иднината на граѓаните и државата, чии резултати ќе станат видливи на среден и долг рок.

Генерално, тоа е тоа што современиците и наследниците на чедото на мајка Нада би го добиле на тацна од владејачката гарнитура и, наместо во карцел, би завршиле на „Илинденска“. Од каде потоа, тешко дека со години некој ќе ги избрка.

Подготвен ли е Заев за ваква разрешница на настаните, после сѐ што се случуваше во последните 4-5 години? Спремен ли е да ги фрли во вода сопствениот труд и саможртва, страдањето и надежта на стотици илјади граѓани?

Ако е, тогаш би било фер тоа ним и да им го каже, за совреме да ги спакуваат куферите, да не мора уште еднаш да врват низ истото премрежје и тортура кое идеолошките следбеници на националсоцијалистичката германска работничка партија и нивниот лидер, уште отсега го подготвуваат.

Ако пак премиерот има намера да остане доследен на својата дамнешна намера и да ја истера работата до крај, тогаш уште не е предоцна да ги фати за врат… не за уши, за врат… сите оние заради кои сме дошле до ова дереџе и на сите да им го трасира патот кон Идризово и кон буништето на поновата македонска историја. Било да се тоа министри, нивни заменици, пратеници, градоначалници, советници, директори, судии, обвинители… Сегашни или поранешни. Од сопствениот или противничкиот табор.

И што побргу тоа го направи, толку подобро. Оти часовникот отчукува…

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …