Прес конференција на Кети Смилеска, пратеник на СДСМ:
Почитувани граѓани,
Македонско-грчкиот договор е договор за иднината на нашите поколенија.
Со договорот го расчистуваме патот на Македонија за влез во НАТО и ЕУ. Тоа значи сигурност, безбедност, нови инвестиции, нови работни места, поголеми приходи за сите граѓани.
Со Договорот носиме подобар живот за сите граѓани и го чуваме богатото историско и културно наследство кое ја има направено нашата македонска нација славна.
Договорот гo гарантира правото на Македонците да се определуваат како Македонци. Нема повеќе оспорувања, од никого и никаде.
Според членот 7 од Договорот, македонскиот идентитет ги отсликува нашата територија, јазик, народ, со сите атрибути, со своја историја, култура и наследство.
Според членот 1 од Договорот, македонскиот јазик е потврден како официјален јазик на нашата земја и станува официјален во најмоќниот сојуз на светот (НАТО) и во најголемата Унија (ЕУ).
Химната, грбот и знамето не се менуваат. Меѓународните кодови на Македонија не се менуваат, остануваат МК и МКД.
Почитувани граѓани, со сето ова, идентитетот е целосно зачуван! Ние сме македонци и засекогаш ќе бидеме Македонци, признати и прифатени од сите.
Договорот го постигнавме преку тешки преговори во кои дојдовме до прифатливо решение за двете страни.
Свесни сме за влогот и знаеме дека ова е најдоброто можно и фер решение за граѓаните на Македонија. Ова е реален влог во нашата и во иднината на нашите деца.
Затоа,ајде на 30-ти септември сите заедно да направиме уште еден историски и патриотски чекор, со кој ќе го изградиме патот за идните генерации.
На 30-ти септември да излеземе ЗА европска Македонија.
За Македонија, горда, безбедна, економски развиена и рамноправна со сите европски земји.