Вонредните приходи, пред сѐ од воената помош за Русија, ја зацврстуваат власта на севернокорејскиот лидер Ким Jонг Ун и носат економски бум за мал дел од населението.
На ноќните сателитски снимки на Северна Кореја со години се забележуваа само неколку осветлени точки. Поради недостиг на електрична енергија, дури и градовите најчесто беа во темнина. Но, во шесте години од април 2020 година наваму, осветлената површина во центарот на Пјонгјанг е повеќе од двојно зголемена, а интензитетот на осветлувањето е тројно поголем.
Информативниот портал НК Њус смета дека посилното осветлување на градските области претставува доказ дека режимот го ставил снабдувањето со електрична енергија на новите улици и станбени комплекси во центарот меѓу своите приоритети, со цел да ги прикаже своите достигнувања.
Ким Jонг Ун на Осмиот конгрес на Работничката партија во 2021 година најави изградба на 50.000 нови станови во главниот град. Планот почна да се реализира, меѓу другото и во новата населба Хвасонг, каде што беа изградени две станбени кули од по 40 ката, дизајнирани да потсетуваат на интерконтиненталната ракета од типот „Хвасонг“.
Најголемата економска успешна приказна во светот?
Новите високи станбени комплекси не се единствениот знак за зголеменото богатство на Северна Кореја.

Долгогодишни посетители на земјата сведочат дека Пјонгјанг денес изгледа помодерно. По улиците се забележуваат многу увезени автомобили, меѓу нив и електрични возила од Кина, а во употреба се и апликации за плаќање преку КуЕр-кодови, повикување такси-превоз и стоковни куќи во кои се продаваат западни модни и козметички брендови.
Во Пјонгјанг режимот ја заврши изградбата на најголемата болница во земјата, како и огромен комплекс на оранжерии со површина споредлива со Централ Парк во Њујорк.
На источниот брег, во јуни 2025 година, Ким го отвори крајбрежниот туристички комплекс Вонсан-Калма, долг пет километри и со капацитет за 20.000 гости.
Американскиот весник „Вол стри журнал“ во јуни ја нарече Северна Кореја „најголемата економска успешна приказна во светот“.
Профитабилни воени бизниси со Русија
Наглиот економски подем, според проценките, најмногу се финансира преку високите приходи од учеството на Северна Кореја во руската војна против Украина.
Според извештај на јужнокорејскиот Институт за национална безбедносна стратегија од март, Северна Кореја заработила меѓу 7,7 и 14,4 милијарди американски долари преку продажба на муниција на Москва и испраќање војници.
Од друга страна, „Блумберг економикс“ неодамна процени дека воената поддршка за Русија во периодот меѓу 2022 и 2025 година донела повеќе од 14 милијарди долари приходи.
Дополнителни речиси осум милијарди долари пристигнале преку трговија со Кина, изнајмување севернокорејска работна сила во странство, извозни активности и интернет-криминал.
При најголемиот напад врз крипто-платформата Bybit во февруари 2025 година, зад кој според сомневањата стојат севернокорејски хакери, биле украдени 1,5 милијарди долари во криптовалутата етер (Ethereum).
За споредба, брутодомашниот производ на Северна Кореја претходната година изнесувал околу 27 милијарди долари.
Ким Јонг Ун благодарение на новата улога како руски сојузник доби поголема политичка тежина и воена моќ. Тоа е видливо и преку пуштањето во употреба на два разурнувачи од 5.000 тони.
Во текот на своите 15 години на власт, севернокорејскиот лидер никогаш претходно не располагал со толкаво влијание и финансиски средства.
Тоа претставува драматичен пресврт. За време на пандемијата на коронавирусот, Ким значително ослабна и на почетокот на 2021 година, со солзи во очите, призна дека „речиси сите економски сектори заостанале зад очекувањата“.
Пет години подоцна, на следниот партиски конгрес, пред зградата беа поставени седум редови артилериско оружје, а Ким изјави:
„Сѐ е суштински променето.“
Преку партнерството со Русија, Северна Кореја го загуби статусот на наполно изолирана во светската политика и делумно ја надмина својата меѓународна изолација.

Рускиот претседател Владимир Путин го посети Ким во Пјонгјанг во јуни 2024 година. Кинескиот претседател Ши Џинпинг пристигна во јуни оваа година, три месеци по посетата на белорускиот лидер Александар Лукашенко.
Ким заедно со Ши и Путин присуствуваше на одбележувањето на 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна во Пекинг во септември 2025 година.
Профитабилно испраќање војници
Не е познато дали Русија или Северна Кореја прва дошла до идејата огромните резерви на муниција на сиромашната азиска држава да бидат искористени во војната против Украина.
Според украински процени, Северна Кореја во 2024 и 2025 година обезбедувала половина од муницијата што ѝ била потребна на Русија на фронтот. Покрај тоа, испорачувала самоодни артилериски системи, повеќецевни ракетни фрлачи и балистички ракети.
Според украински извори, Северна Кореја во моментов планира да испрати ракетна единица со 90 војници, шест лансирни рампи и до 120 ракети во Русија за учество во воените операции против Украина.
Меѓу 16.000 и 22.000 севернокорејски војници веќе ѝ помогнале на Русија да ги оттурне украинските сили од граничната област Курск, а подоцна и да го расчисти регионот од мини.
Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, Ким сега има намера да распореди дополнителни 30.000 до 50.000 војници во Русија.
Станува збор за многу профитабилен бизнис. Според извештајот на јужнокорејскиот Институт за национална безбедносна стратегија, Северна Кореја добива по 2.800 долари месечно за секој војник, 3.000 долари за секој офицер и меѓу 6.000 и 10.000 долари за секој загинат припадник.

Како во советските времиња, голем дел од трговската размена се одвива преку размена на стоки.
Во замена за муниција, оружје и војници, Москва испорачува сурова нафта и нафтени деривати, жито и воена опрема, почнувајќи од системи за противвоздушна одбрана до технологии за производство на беспилотни летала, ракети и подморници.
Регионална развојна програма со неизвесна иднина
Сепак, според експертите, економскиот подем не допира до голем дел од населението.
Зголемените цени на храната и слабеењето на националната валута вон ги погодуваат најсиромашните домаќинства кои немаат пристап до девизи.
Во многу семејства денес и жените мора да работат за да го одржат животниот стандард.
Во пролетта 2024 година, Ким ја претстави програмата за регионален развој „20×10“, наменета за областите надвор од релативно добро снабдениот Пјонгјанг.
Се претпоставува дека програмата треба да се финансира токму од овие дополнителни приходи.
Според планот, секоја година во 20 градови или окрузи треба да се изградат модерни фабрики. Во текот на десет години би требало да бидат реализирани вкупно 200 регионални индустриски проекти.
Но, познавачот на Северна Кореја, Андреј Ланков, професор на Универзитетот Кукмин во Сеул, смета дека повеќето од овие проекти ќе пропаднат.
„Причината е што фабриките не само што немаат соодветна инфраструктура, туку се занемаруваат и механизмите за снабдување со електрична енергија, резервни делови и суровини“, вели Ланков.
Тој додава дека овие постројки функционираат според принципите на планска економија, кои не се соодветни за мали и средни претпријатија.
„За разлика од економскиот раст во Северна Кореја во средината на 2010-тите години, сегашниот раст не е резултат на внатрешни економски реформи, туку исклучиво на меѓународна среќна околност“, смета Ланков.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место