Кина гледа простор за влијание во Северна Македонија

Кина гледа простор за влијание во Северна Македонија

Во македонското собрание веќе е стигнат предлог-законот за задолжување на државата со половина милијарда евра кај унгарска експорт-импорт банка. Владата предлага Собранието да го усвои по скратена постапка.

Според текстот на договорот за заем што треба да го склучи Република Северна Македонија со унгарската банка, се знае следното:

Заемот ќе се повлече во една транша. Рокот за отплата е 15 години со грејс-период од три години. Каматната стапка е фиксна (3,25%). Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати. Државата ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма, избрана од страна на унгарската експорт-импорт банка.

Користењето на заемот е дискреција на државата. Наводно, половина од заемот ќе биде „за финансирање проекти за општините“, а другата половина ќе биде пласирана како „поволни кредити за приватните компании“.

Првичната информација дојде од премиерот Христијан Мицкоски на маргините на Самитот на НАТО, по средбата со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, на 11 јули во Вашингтон.

Интересно е што две седмици подоцна, кредибилни медиуми (како „Политико“) објавија дека Унгарија позајмила една милијарда евра од три кинески банки и дека сумата е целосно повлечена на 19 април. Подоцна оваа информација ја потврдија и од Будимпешта.

Значи, Унгарија, која има рекордно висок јавен долг од 140 милијарди евра што изнесува повеќе од 73 отсто од БДП, се задолжила кај Кина, а само 3 месеци подоцна ѝ позајмува пари на Северна Македонија.

Ова е голема тема во Северна Македонија што се надоврзува на друга, со истите играчи. Најавен е потенцијален влез на унгарскиот телекомуникациски оператор „4iG“ во земјава за што веќе е потпишан Меморандум за разбирање. Според информациите од независни медиуми во Унгарија 4iG е компанија со која раководат луѓе блиски на премиерот Орбан. Проблематичен е фактот дека 4iG има стратешко партнерство со кинески Хуавеј што е во спротивност со домашното законодавство кое бара набавка на современа 5Г-мрежа исклучиво од доверливи добавувачи, меѓу кои не спаѓаат кинески компании. Измените на Законот за електронски комуникации, донесен е пред три години. Имено, измените беа донесени откако во октомври 2020 Северна Македонија потпиша меморандум за соработка со американската администрација, кој предвидува пристап на „чисти“ и доверливи производители на 5Г-мрежи.

Има знаци на зависност на Северна Македонија од Кина во три сфери: трговија, инвестиции и заеми за инфраструктура.

Со тоа, Северна Македонија се приклучи на иницијативата на САД, на која пристапија повеќе европски држави членки на ЕУ, со која фактички се забранува инсталирање опрема на „Хуавеј“ и „ЗТЕ“ во државите потписнички на иницијативата поради сомненија дека податоците на граѓаните, собрани преку овие телекомункациски оператори, неовластено завршуваат кај властите во Пекинг.

За ова прашање анализи направи и германската фондација Конрад Аденауер. Фондацијата, заедно со Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје во публикација објавена во мај 2024 заклучуваат дека има знаци на зависност на Северна Македонија од Кина во три сфери: трговија, инвестиции и заеми за инфраструктура.

„Досега Кина не се обидела зависноста да ја користи како „оружје“ како што тоа беше случајот со Литванија, Шведска или Јапонија. … Но, тоа не значи дека кинескиот трансакциски пристап досега не бил (во игра) затоа што Кина во изминатиот период бараше низ инвестиции да ги „награди“ земјите со попријателски однос, како Србија и Северна Македонија“, се наведува во анализата.

Преку економско влијание, Кина се наметнува и политички во Северна Македонија и регионот. Кина е четврти економски партнер на Северна Македонија. Вкупниот надворешен јавен долг кон Кина изнесува 478,6 милиони евра што е 8,7% од вкупниот надворешен јавен долг и 3% од БДП на земјата, покажуваат официјални статистички податоци.

Културата како алатка за промоција на Кина

Македонско-кинеска поетска работилница: поезијата во превод меѓу цивилизациите
Македонско-кинеска поетска работилница: поезијата во превод меѓу цивилизациите

Одредено ниво на релација меѓу Северна Македонија и Кина се воспоставува и на полето на културолошките соработки. Во тој контекст во Охрид во периодот од 24 до 26 август 2024 година се одржа и прва македонско – кинеска поетска работилница на која учествуваа автори и преведувачи од Северна Македонија и од НР Кина. Меѓу учесниците од македонска страна беа и академик Катица Ќулавкова, како и Владимир Мартиновски, поет и декан на Филолошкиот факултет од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Организатор на работилницата беше Македонската академија на науките и уметностите, во соработка со Пекиншкиот јазичен универзитет.

Македонско-кинеска поетска работилница: поезијата во превод меѓу цивилизациите
Македонско-кинеска поетска работилница: поезијата во превод меѓу цивилизациите

Работилницата, како што известија од МАНУ, опфатила преведување и анализа на поезија, но и дебати на теми сврзани со проблемите и предизвиците на поетското творештво и превод во интер-културен контекст. Една од темите била „Автентичноста на поезијата на ‘Другиот’ во епохата на глобалната доминација на англискиот јазик“.

Резултатите од работилницата ќе бидат објавени како тријазично издание, на македонски, кинески и англиски јазик.

Присуство на Кина во македонските медиуми

Кина се обидува да се пробие и преку медиумскиот простор и социјалната мрежа „Фејсбук“ (најпопуларната мрежа на социјално поврзување во Северна Македонија) и преку нив „да ги запознае граѓаните со кинеската култура“.

Телевизискиот проект Нихао, или „Здраво“ на македонски, се емитуваше на националната телевизија „Телма“ еднаш неделно, во неделите, во 13.30 часот. Зад проектот стои Амбасадата на НР Кина во Северна Македонија, а како партнер е „Виар продукција“. Сумата за проектот не е јавно достапна информација.

Целта била македонските граѓани да ја запознаат „Кина – земја на милион можности, земја чија историја одушевува, а сегашноста фасцинира“, стои во синопсисот на најавата.

Проектот траеше речиси три сезони.

„Виар продукција“, основана во октомври 2019 година со паричен влог од пет илјади евра, е регистрирана на адреса во скопската Општина Карпош, но се води како неактивна компанија по завршувањето на проектот. Барањето за бришење од регистарот на фирми е поднесено во февруари 2022 година. Основачи се две лица, од кои едното беше и водител(ка) на емисијата.

Тука е и страницата на социјалната мрежа Фејсбук „CGTN Македонски“ отворена на 26 февруари 2022 година и се води како новинска агенција (media / news company).

CGTN Македонски
CGTN Македонски

„CGTN Македонски е за сите кои ја сакаат културата на Кина и Република Северна Македонија“, стои во описот на страната. Дневно има по неколку постови и најчесто станува збор за пренесени вести од CGTN во Кина, за која Фејсбук наведува дека е медиумска агенција контролирана од Владата во Пекинг.

CGTN Македонски
CGTN Македонски

Преку постовите се промовира кинеската надворешна политика и економски успеси, а делумно и спорт, наука и образование.

Главниот уредник на новинската агенција Мета, Горан Ризаов, вели дека образованието, изучувањето на кинескиот јазик, размената на кинеската култура се позитивни делови од кинеското влијание во Северна Македонија. Ризаов вели дека Кина влијае со т.н. „мека моќ“ и преку медиумите.

Горан Ризаов, главен и одговорен уредник на Мета.мк
Горан Ризаов, главен и одговорен уредник на Мета.мк

„Има еден дневен весник кој што секој викенд има прилог посветен специјално на Кина. Кинескиот амбасадор е доста присутен со интервјуа и со колумни во различни медиуми и исто така многу од онлајн медиумите имаат соработка со Кина. Поради тоа многу ретко можете да прочитате некаква критика за кинеската држава во македонските медиуми“, вели Ризаов во интервју за Гласот на Америка.

Капитални кинески проекти во Северна Македонија

„Синохидро“ е убедливо најпознато име на кинеска компанија во Северна Македонија што се должи на деценискиот застој во изградбата на делницата Кичево – Охрид. Цената на незавршениот проект се искачи на 600 милиони евра, со активни шпекулации во јавноста дека компанијата ќе барала дополнителни 50 милиони евра како „отштета“ и дека се подготвувала за меѓународна арбитража.

Друг капитален и стратешки, круцијален проект во државата изведуван од Кина е и изградбата на браната „Козјак“ во близина на Скопје. Изведувачи се тогашната ЕЛЕМ (Електрани на Македонија) и кинеската компанија CWE (China international water and electric corporation).

За влегувањето на кинеските интереси во државата новинарот Џабир Дерала за Гласот на Америка вели: „Преку српскиот телекомуникациски провајдер М-тел кој влезе во Македонија пред неколку години, тоа е исто така канал за продор на кинеските интереси, меѓутоа само еден мал дел. Ние како држава веќе имаме поголем број проекти кои се однесуваат на „Патот на свилата“ или проектот Иницијатива Појас и пат, и тука имаме сериозен проблем“, вели тој.

Аспирации за ремоделирање на светот

Главниот влез на Кина е преку познатиот став дека Кина се залага за мултиполарен свет. Премолчано, но препознатливо, е тоа дека „Кина сака да биде на возачкото седиште на тој мултиполарен свет“, додава Дерала.

Џабир Дерала, новинар
Џабир Дерала, новинар

„Кина е позната по тоа што политичките, безбедносните и финаниско-економските спогодоби ги прави на нетранспарентен начин со наметнување на договори кои се коруптивни“, вели Дерала кој заклучува дека „тоа влијае на демократскиот развој на државите“.

Извор: VOA

Прочитајте повеќе

УНЕСКО следната година ќе го разгледува статусот на Охридското езеро

УНЕСКО следната година ќе го разгледува статусот на Охридското езеро

УНЕСКО внимателно ја следи состојбата на Охридското Езеро, но дали ќе биде ставен на листата …