Кипар повторно на чело на Советот на Европската Унија

Кипар повторно на чело на Советот на Европската Унија

Кога Република Кипар првпат го презеде претседателството со Советот во 2012 година, Европската Унија се бореше да ги ограничи последиците од финансиската криза што беше во својот врв. Еврозоната и нејзината кохезија беа под постојан притисок, додека земји како Грција, Шпанија, Португалија и Ирска беа во програми за финансиска помош.

Кипар не беше исклучок. За време на неговото претседателствување, земјата се соочи со сериозни проблеми во банкарскиот сектор, кои само неколку месеци подоцна ќе ја принудат на пакет помош од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд – програма за финансиско спасување за време на кризата во Еврозоната.

Во разговор за ДВ, тогашната министерка за надворешни работи на Кипар, Ерато Козаку-Маркулис, потсетува дека во 2012 година „стратешката агенда беше фокусирана на решавање на кризата во Еврозоната, поттикнување на растот, вработувањето и конкурентноста, модернизирање на јавната администрација и зајакнување на единствениот пазар“.

Нови околности, нови приоритети

Четиринаесет години подоцна, Кипар го презема претседателството по втор пат, во сосема поинаков контекст.  Европската Унија  сега е повикана да ја редефинира својата улога како политички актер во услови на долгорочни геополитички тензии, како во Источна Европа, така и во  Блискиот Исток.

Коментирајќи ја моменталната ситуација, Козаку-Маркулис истакнува дека денес ЕУ „се соочува со невидени предизвици што произлегуваат од  војната на  Русија против Украина и ситуацијата на Блискиот Исток, во глобална средина што брзо се менува и нестабилноста расте“.

Ерато Козаку-Маркулис, тогашна кипарска министерка за надворешни работи, разговара со медиумите по пристигнувањето на состанокот на Советот за надворешни работи во седиштето на Советот на ЕУ во Брисел, Белгија, во февруари 2013 година
Ерато Козаку-Маркулис беше министерка за надворешни работи на Кипар од јули 2007 до март 2008 година и од 2011 до 2013 година

Според поранешната министерка, ЕУ е решена да преземе позначајна улога во решавањето на овие предизвици – став што е одразен во Стратешката агенда усвоена од Европскиот совет во 2024 година, која го опфаќа периодот 2024-2029 година. Затоа е природно, додава таа, агендата на кипарското претседателство да ги одразува овие приоритети.

„Независна ЕУ отворена кон светот“

На 21 декември, кипарскиот претседател Никос Христодулидис ги презентираше приоритетите на претседателството од Лефкара, село на Кипар богато со културно наследство.

„Кипарското претседателство ќе работи кон независна Унија која е отворена кон светот“, рече Христодулидис, опишувајќи ја визијата зад петте главни столба на претседателството.

Според претседателот, тие столба се фокусираат на безбедноста, конкурентноста, проширувањето, автономијата и фискалната рамнотежа.

Објаснувајќи ги приоритетите, Христодулидис нагласи дека Кипар ќе ја промовира агендата за европска одбранбена подготвеност до 2030 година со посебен акцент на зајакнување на трансатлантската алијанса. Кога станува збор за конкурентноста, тој ја нагласи потребата од енергетска безбедност и диверзификација на изворите и правците на снабдување преку подобрена инфраструктура за енергетско поврзување.

Човек во темно одело и вратоврска (Никос Христодулидес) стои на подиум и држи говор, со микрофони поставени пред него. Зад него се гледа големо знаме на Обединетите нации
Христодулидес сака пристапувањето кон ЕУ да биде приоритет на претседателството на Кипар со Советот на Унијата

Во врска со проширувањето, тој конкретно ги спомена Украина, Молдавија и  Западен Балкан,  нагласувајќи дека кипарското претседателство е посветено на постигнување опиплив напредок на нивниот пат кон членство.

Фокус на Украина и Блискиот Исток

Секогаш кога претседателот Христодулидис зборува за целите на кипарското претседателство – особено стратешката автономија на ЕУ – тој постојано се повикува на кризите на источните граници на Унијата, првенствено на Украина, како и на настаните на Блискиот Исток.

Ова беше јасно и на неодамнешниот самит на Европскиот совет, каде што кипарскиот претседател го поврза прашањето за Украина и со агендата за проширување и со  дискусиите за безбедноста и одбраната.

Христодулидис веќе ги навести приоритетите на Кипар за време на посетата на Украина на 4 декември, изјавувајќи дека „Никозија ќе направи сè што е потребно“ за да ја задржи европската перспектива на Украина високо на агендата на ЕУ.

Опишувајќи го проширувањето не само како политички избор, туку и како „геополитичка неопходност“, тој нагласи дека кипарското претседателство ќе се стреми да го унапреди процесот на пристапување како средство за зајакнување на колективната безбедност и  демократската отпорност на Европа.

Слично внимание се очекува и кон Блискиот Исток. За кипарскиот претседател, зајакнувањето на институционалните врски на ЕУ со земјите од регионот е императив.

„Како ЕУ, јасно е дека мора да направиме многу повеќе, да ја институционализираме нашата соработка и да го покажеме во пракса она што често го велиме – дека ЕУ мора да има перспектива од 360 степени“, рече тој во Брисел пред почетокот на претседателството.

Границите на Европа како клучен предизвик

За поранешниот кипарски министер за надворешни работи Јоанис Касулидис, врската помеѓу  војната во Украина, кризата на Блискиот Исток и ЕУ  претставува суштински предизвик на кипарското претседателство. Во разговор за ДВ, тој тврди дека Кипар мора да предводи претседателство во кое прашањето за Украина е цврсто вградено во дискусиите за надворешна политика и одбрана на ЕУ, овозможувајќи ѝ на Унијата да ја игра улогата што се очекува да ја игра на глобално ниво.

Во исто време, Касулидис нагласува дека Кипар, како земја што претседава, може да понуди „додадена вредност во зајакнувањето на соработката помеѓу ЕУ и Блискиот Исток и арапскиот свет“, имајќи ги предвид блиските односи на Никозија со земјите од регионот.

Тој исто така истакна дека претседателот Христодулидис веќе најави самит што ќе се одржи во Никозија на 23 април 2026 година, на кој ќе се соберат лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ, заедно со земјите од Источниот Медитеран и Персискиот Залив.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Доналд Трамп

Tрамп му се закани на Париз сo царини од 200 проценти

Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Франција со високи царини за вино и шампањ откако …