Согласно со Законот за заштита на природата, Министерството за животна средина и просторно планирање ја прогласи за природна реткост -спелеолошкиот објект – Киселичката Пештера која се наоѓа на подрачјето на Општина Делчево во селото Киселица. Согласно со Решението за прогласување за природна реткост, со неа ќе управува Општина Делчево, а со цел да се спречи нејзино оштетување, уништување, како и да се спречи извршување на други активности од страна на физички и правни лица со кои директно или индиректно може да се загрози природната реткост, градоначалникот презема активности за чување и одржување на природната реткост. Исто така, ќе се спроведат заштитно-превентивни мерки, но и ќе се преземат активности за уредување на просторот, поставување информативни табли и сл.
Иако релативно мала, Киселичка Пештера е значајна од повеќе аспекти. Таа претставува ретка регистрирана појава на пештера во источниот дел од Македонија, поточно во Краиштидната тектонска зона, каде досега се регистрирани само две пештери (Киселичка Пештера и Коњска Дупка). Дополнително е значајна и по нејзината појава во мал тектонски блок од тријаски варовници, чија разместеност е многу мала во источниот дел на Македонија.
Инаку, освен природната реткост Киселичка Пештера, Општина Делчево има во постапка за заштита како природна реткост уште два локалитети, локалитетот кај Стамер кое е познато палеонтолошко наоѓалиште на пикерминска фауна, како и карактеристичниот геолошки профил кај Звегор.
Претходно, во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) координиран од Helvetas Swiss Intercooperation и Фармахем, во партнерство со Центарот за развој на Источен плански регион (ЦРИПР), Општина Делчево изработи три елаборати за валоризација на природната реткост.
Прогласувањето на овие три локалитети за природна реткост ќе придонесе за заштита на значајните локалитети, но и нивно ставање во функција на туризмот која е приоритетна цел во ЛЕР на Општина Делчево.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место