Ќе се избегнат ли предвремени избори за градоначалници?

Ќе се избегнат ли предвремени избори за градоначалници?

На првата седница што ќе ги закаже новиот собраниски спикер Африм Гаши, уште пред формирањето на Владата, ќе се најдат измени на системските закони за да се овозможи формирање нови и трансформација на постоечките министерства. Но, новото владејачко мнозинство претендира на дневен ред да бидат и измени со кои се избегнат предвремени избори за градоначалници

Меѓу првите точки што ќе се најдат на дневен ред пред новиот парламентарен состав ќе бидат законски измени со кои ќе се реализира планот за воведување нови и трансформација на постоечките министерства.

Но, она што идните коалициски партнери сакаат да го решат меѓу првите прашања е и да се избегнат предвремени избори за градоначалници во општините чии актуелни први луѓе може да се преселат во министерските фотелји.

Ова во неделното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), што ќе се емитува во недела (2 јуни), го најави новоизбраниот претседател на Собранието Африм Гаши.

„Сега сме исправени пред предизвикот да имаме носители на општините кои ќе се изберат за пет, шест месеци и после за седум, осум месеци пак да има избори. Мислам дека не е во ред и спротивно е на Уставот некој да се избере со четиригодишен мандат, а некој да се избере со исти гласови на избори со мандат од осум месеци. Мислиме дека е неуставно и треба да се поправи со закон кој ќе овозможи тоа да биде можно“, вели Гаши за РСЕ.

За измени на овие системски закони потребно е двотретинско мнозинство. Преговорите за придобивање на нови пратеници во новото владејачко мнозинство се во тек, како и разговорите за влада.

Конечен договор кој и што ќе земе од владиниот колач нема, но со имињата на идните министри гласно се шпекулира. Градоначалниците на Гостивар Арбен Таравари и на Аеродром Тимчо Муцунски се меѓу оние кои се споменуваат дека ќе направат трансфер од локалната во извршната власт. Таравари како иден министер за здравство, додека за Муцунски досега се споменуваа неколку ресори.

Нивната „преселба“ ќе го отвори патот за нови градоначалници на двете општини, што веќе е случај и со Општина Сарај, чиј досегашен прв човек, Блерим Беџети, стана пратеник од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ.

Меѓутоа, владејачкото мнозинство, како што брифираат и од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се обиде да го одбегне тоа, со оглед дека во октомври 2025 треба да има редовни локални избори. Актуелните законски прописи предвидуваат дека предвремени избори за градоначалници не се спроведуваат само ако до редовните има помалку од шест месеци. Токму во тој дел би се правеле законските измени, но јасна слика како би гласело новото законско решение засега нема.

„Ова прашање треба да се отвори по формирањето на идната влада со што би се разгледала потребата од евентуални законски измени и во овој момент не би било соодветно да се поставуваат рокови“, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Гаши не прецизира дали ќе одат во пакет, но вели дека да нема предвремени избори за градоначалници е „горливо прашање кое тлее“ и би сакале што побрзо да го решат.

В.Д. градоначалник од редовите на советниците

Прашањата за градоначалниците и предвремените локални избори ги регулираат Изборниот и Законот за локална самоуправа. Станува збор за членот 16 од Изборниот и за членот 54 од Законот за локална самоуправа, кои би биле предмет на евентуалните измени со оглед дека тие ја содржат одредбата дека предвремени избори не се организираат само ако до редовните има помалку од шест месеци.

Во Законот за локална самоуправа до распишување на нови избори сега е предвидено дека општинскиот совет треба да избере в.д. градоначалник од сопствените редови.

Овие процедури во последните пет години се применуваат во пет општини каде се организираа предвремени избори за градоначалници. Во 2019 во Охрид и Дебар поради смрт на тогашните градоначалници Јован Стојаноски и Ружди Љата, и во Ново Село поради оставката на Боро Стојчев поради шверцот со цигари. Во 2020, пак, предвреме се бираа градоначалници во Штип и Пласница бидејќи дотогашните се преселија на нови функции – Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски, а Исмаил Јахоски премина во пратеник.

Законски измени за повеќе министерства

Додека за евентуалната промена на регулативата за предвремени избори за градоначалници, би се знаело пред или по формирањето на влада, измената на системскиот закон за реорганизација во владата е речиси завршена работа.

„ Ќе се потрудиме заеднички со сите политички партии да се договориме тој закон да биде еден од првите што ќе се постави на пленарната седница“, вели Гаши за РСЕ.

Нови министерства би биле за спорт, за дигитална трансформација, и за енергетика, рударство и минерални суровини.

Дел од постоечките треба да се трансформираат, па Министерството за економија ќе стане Министерство за економија и труд, а досегашното Министерство за труд и социјална политика би било Министерство за социјална политика, демографија и млади. Во Министерството за култура ќе се додаде и секторот туризам.

Формирањето на новата влада треба да се случи најдоцна до крајот на јуни, иако најавите се дека може да се случи и порано.

Со конституирањето на Собранието на 28 мај, почнаа да течат и уставните рокови. За најмногу десет дена од конститутивната седница, претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова треба да го додели мандатот. Мандатарот, во случајот тоа ќе биде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потоа ќе има рок од 20 дена до парламентот да поднесе предлози за состав и програма на новата влада.

Тие се гласаат со мнозинство гласови (61) од вкупниот број пратеници (120).

По изборите на 8 мај, новото парламентарно мнозинство се очекува да брои најмалку 78 пратеници доколку го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ која на изборите освои 58 мандати, Вреди со 14 и ЗНАМ со 6.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

кацарска

Уставен суд: Кацарска има право да остане на функцијата

Како реакција на тоа што Судскиот совет испратил известување до претседателот на Собранието, дека уставната …