Иако Иран има само три до четири проценти удел во глобалното производство на нафта, неговата близина до Ормускиот теснец, кој се смета за најкритична точка за транспорт на нафта во светот, ги поттикнува аналитичарите да прогнозираат скок на цената. Долготрајно затворање или прекин на сообраќајот низ теснецот, преку кој се транспортира една петтина од светските потреби за нафта, би можело да доведе до тоа цената на овој енергенс да го надмине психолошкиот праг од 100 долари за барел. Тоа би ја загрозило глобалната економија, но и дополнително би ги зголемило цените – кои и сега веќе е тешко да се зауздаат. Цените на нафтата во изминатите месеци и онака веќе бележеа пораст, во пресрет на најновата војна во регионот богат со нафта бидејќи трговците беа загрижени за можните последици од американските воени напади врз Иран. „Доколку судирот продолжи или почне да влијае врз снабдувањето со нафта поради прекини во снабдувањето од Иран или обидите на Техеран да го блокира Ормускиот теснец, тоа би можело да предизвика скок на цените на нафтата и на околу 100 долари за барел“, наведува Вилијам Џексон, главен економист за пазари во развој во „Капитал економикс“.
Колку нафта произведува Иран?
Иран произведува околу 3,3 милиони барели нафта дневно. Тоа го прави четврт најголем производител на нафта во ОПЕК, а воедно е и еден од најголемите производители на природен гас во светот. Иран поседува дел од најголемите резерви на нафта во светот – една четвртина од резервите на Блискиот Исток и 12 проценти од светските, според податоците на американската Администрација за енергетски информации (ЕИА). Но, производството е ограничено заради години на недоволно инвестирање и заради меѓународните санкции. Меѓутоа Техеран најде начин да ги заобиколи западните санкции и сега 90 проценти од нафтата што ја извезува, ја продава на Кина. Всушност благодарение на побарувачката од Кина, Иран го зголеми производството на сурова нафта за околу 1 милион барели дневно во периодот од 2020 до 2023 година.

Иранската економија е релативно разнолика во споредба со многу други економии од Блискиот Исток кои главно зависат од нафтата – но извозот на енергија сепак претставува значаен извор на владини приходи во Иран. Во 2023 година, иранските нафтени компании заработиле околу 53 милијарди долари нето приход од извоз на нафта, проценува американската ЕИА.
Зошто е толку важен Ормускиот теснец?
Ормускиот мореуз е главна рута за превоз на нафта што го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив и Арапското Море. Тој се наоѓа меѓу Иран и Оман. Големи количини сурова нафта која во регионот ја произведуваат Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак, и која се троши низ целиот свет, минуваат токму низ тој теснец. Иран повеќе пати се закануваше дека ќе го затвори теснецот и со тоа ќе ја наруши главната поморска рута што носи една петтина од светската нафта. Сепак, Техеран никогаш не ги оствари заканите, бидејќи тоа би го спречило да ја испорачува својата нафта во странство, а веројатно ќе повлече и брз меѓународен одговор. Сепак, среде тековната војна, поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец е сопрен – бидејќи неколку превозници и трговци ги прекинаа испораките на енергија заради безбедносни проблеми и предупредувања од властите.
Како резултат на тоа, 15 милиони барели сурова нафта дневно, или околу 30 проценти од глобалната трговија со сурова нафта по поморски пат, би биле спречени да стигнат до пазарот. Дури и ако се користи алтернативна инфраструктура за заобиколување на теснецот, повторно би имало минус од осум до десет милиони барели сурова нафта дневно, според проценките на Ријкс Енерги. „Без разлика дали мореузот е затворен со сила или е недостапен затоа што превозниците и трговците избегнуваат ризик, влијанието врз протокот на нафта е исто“, пишува Хорхе Леон, виш потпретседател и раководител на геополитичка анализа во Ријстад Енергџи. „Очекуваме повторно и значително зголемување на цените на нафтата на почетокот од неделава – освен ако наскоро не се појават знаци на деескалација“, вели тој.
Како реагира ОПЕК+?
ОПЕК+ (сојуз на Организацијата на земјите извознички на нафта, ОПЕК, предводен од Саудиска Арабија, и неколку други производители на нафта предводени од Русија) во неделата најави зголемување на квотите за производство. „Под нормални околности, зголемувањето на производството би извршило притисок врз цените на [нафтата]“, вели Леон. „Меѓутоа ако суровата нафта физички не може да излезе од Заливот поради ограничувањата во теснецот, зголемувањето на производството ќе има само ограничено влијание врз пазарот“, појаснува тој.
Саудиска Арабија во изминатите недели го зголеми својот извоз на сурова нафта, што аналитичарите го толкуваа како обид да се создаде краткорочна заштита во пресрет на американските напади. Земјата испорача околу 7,3 милиони барели дневно во првите 24 дена од февруари, највисока вредност од април 2023 година до сега, според податоците за следење на танкерите собрани од Блумберг. Саудиска Арабија го зголеми и извозот на нафта во јуни минатата година, токму кога САД ги нападнаа иранските нуклеарни постројки. И Иран го зголеми извозот на нафта пред разговорите со САД, објавува Блумберг. „Но, дури и таквите резерви се ограничени и осмислени да ги ублажат краткорочните шокови, а не да компензираат трајни структурни нарушувања“, објаснува експертот од Ријстад енерги.
Како повисоките цени на нафтата влијаат врз глобалната економија?
Влијанието врз глобалната економија во голема мера зависи од тоа колку цените на нафтата ќе растат. Суровата нафта е главната економска единица, а зголемувањето на цените на нафтата ги зголемува цените на другите стоки. „Правилото е дека зголемувањето на цените на нафтата од пет проценти во однос на претходната година вообичаено додава околу 0,1 процент на просечната инфлација во големите економии“, објаснува Џексон. „Значи, зголемувањето на цената на Брент [примарната глобална референтна вредност за цените на нафтата] на 100 долари за барел, би можело да додаде од 0,6 до 0,7 процентни поени на глобалната инфлација“, вели тој.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место