Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, на Телеграм соопшти дека се погодени цели во главниот град на Украина. Тој од жителите на Киев побара да се засолнат. Според украинската радиотелевизија Суспилне, која се повикува на извори од спасувачките служби, во нападот врз Киев досега се загинати и повредени повеќе лица.
Киев од почетокот на војната повеќепати беше цел на руски напади. Ова е најтежок напад врз градот во последните месеци. „Една од ракетите падна кај споменикот ‘Грушевски’, на улицата ‘Володимир’. Спасувачите се во акција“, соопшти советникот во украинското Министерство за внатрешни работи, Антон Герашченко. Улицата „Володимир“ се наоѓа директно во центарот на Киев.
Информации за експлозии доаѓаат и од западниот и централниот дел на Украина. Украинските медиуми јавуваат за детонации во Лвов и Тернопол, како и во Дњепар.
Претходно, заменик-шефот на рускиот совет за безбедност, Дмитриј Медведев, ѝ се закани на Украина со одмазда поради експлозијата на Керчкиот мост, кој е стратешки важен за Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера (9.10) зборуваше за „терористички напад“ врз мостот и за нападот ја обвини украинската тајна служба СБУ. Од СБУ досега нема потврда дека учествувала во нападот на мостот. Централата на СБУ се наоѓа во центарот на Киев.
– повеќе: Атомска бомба: Киев сериозно ги сфаќа уцените на Путин
Москва повеќепати се закани дека ќе ги земе во визир командните пунктови во Киев доколку не запрат нападите на „руска територија“.
Извор: DW