Климатски промени пожари

Климатски промени: Последните седум години најтопли во човековата историја

Глобалното затоплување продолжува и научните податоци за последните седум години покажуваат дека тие се најтоплите во човековата историја, пренесува Гардијан. Температурата на светско ниво во 2021 година била за 1,2 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа. Ова значи дека климатските промени со несмалено темпо продолжуваат да создаваат екстремни временски услови на Земјината топка, предизвикани од емисиите на стакленички гасови.

Европската климатска агенција „Коперник“ ги објави проценките за рекордните нивоа на јаглерод диоксид и метан во атмосферата, коишто биле достигнати во текот на минатата година. Зголемувањето на ваквите стакленички гасови доведува до затоплување на атмосферата, која што во различни делови од светот предизвикува суша, екстремно високи температури, топење на глечерите или обилни врнежи.

2021 е рангирана како петта најтопла година во човековата историја, додека во атмосферата била создадена топлина како никогаш претходно во мерењата што ги вршат научниците.

Како последица на ова, лани имавме огромни поплави во Германија и Белгија, катастрофални пожари во летниот период на Балканот, Италија и Турција, рекордно високи температури на Сицилија од 48,8 степени, додека во САД и Канада беа забележани топлотни бранови во чии рамки беа срушени температурните рекорди за 5 Целзиусови степени.

„Настаните [екстремните временски услови] во 2021 година се остар потсетник за потребата да го промениме нашето однесување, да преземеме решителни и ефективни чекори кон одржливо општество“, изјави Карло Буонтемпо, директор на климатската служба на ЕУ „Коперник“.

Покрај „Коперник“, кинеската метеоролошка агенција веќе ги објави податоците дека 2021 година била најжешка година во земјата досега, но и дека северниот регион имал највлажна година досега. Обединетото Кралство, Јапонија и САД треба во претстојните недели да ги публикуваат своите податоци за просечните температури во нивните земји што биле достигнати лани.

За да се спречат последиците од глобалното затоплување, лани во ноември во Глазгов се одржа Конференцијата за климатски промени (КОП 26). Речиси 200 земји се согласија на Климатскиот пакт од Глазгов за одржување на 1,5 степени во живот и финализирање на извонредните елементи од Парискиот договор, но државите треба допрва да ги имплементираат мерките на национално ниво за да ги намалат емисиите на стакленички гасови.

Прочитајте повеќе

поточиња 2024

Поточиња викендов седум пати ја наполнија Филхармонија

Новото издание на детскиот фестивал Поточиња кое се одржа викендов во Македонска Филхармонија привлече огромен …