Коцевски

Коцевски: Постапката за Груби продолжува, иако е во бегство

Без разлика што е во бегство, и за Артан Груби и за другиот осомничен, постапката и натаму продолжува и јавноста ќе биде известена, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски за медиумите прашан дали има напредок во истрагата за поранешниот вицепремиер, додавајќи дека и покрај меѓународната потерница, јавните обвинители и „понатаму преземаат дејствија во однос на постапката“.

Коцевски пред почетокот на 14-тата седница на Советот на јавни обвинители прашан дали има предистрага за судијата Енвер Беџети, ставен на „црната листа“ на САД, одговори дека „заедно со тој предмет што се однесува и за судијата, и за Артан Груби и, евентуално, за друг сторител, се води предистражна постапка и понатаму ќе се види како ќе се одвива.

Соопшти дека не е почната истрага за ставањето во фиока на предметот за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

„Истрага не, се уште се работи за предистрага, се прибираат докази и за тој предмет јавноста ќе биде известена, а во моментот за оние дејствија што се преземени од наша страна, јавноста е известена“, изјави Коцевски.

За случајот со ЕСМ, јавниот обвинител посочи дека Основното јавно обвинителство Битола води постапки за шест јавни тендери.

„Можам да истакнам сега дека интензивно се работи и плус е вклучена Финансиската полиција. Се надеваме на брзо доаѓање до евентуални докази“, рече Коцевски.

На прашање дали Обвинителството го истражува сертификатот за англиски јазик на директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, како и за голем број други спорни сертификати за кои се зборуваше во јавноста, обвинителот одговори дека за предметот со Христовски чекаат одговор на барањето што е доставено до Бугарија за меѓународна правна помош.

Како што појасни, барањето до колегите од Бугарија е дали сертификатот е издаден од надлежен орган односно школа, институција или некоја установа која во моментот давала такви сертификати и била регистрирана.

„Во однос на сертификатите, и министерот за внатрешни работи изјави дека по негово сознание има околу 500 сертификати кои наводно биле фалсификувани. Што се однесува за лицето што го спомнавте, и за тој предмет до бугарските надлежни органи доставено е барање за меѓународна правна помош, штом го добиеме, ќе постапиме и ќе се донесе јавнообвинителска одлука“, изјави Коцевски.

На прашање како го коментира тоа што на собраниска комисија е негативно оценет Годишниот извештај на Советот за јавни обвинители и дали смета дека петтемина членови во Советот кои ги избира Собранието треба да поднесат оставка од морални причини, Коцевски одговори дека тоа не може да го коментира зашто тоа, рече, е став на Советот и е нивна морална обврска дали ќе поднесат оставка.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Прес конференција на СДСМ, Богданка Кузеска – портпаролка

СДСМ: Обвинителството да го истражи скандалот со Стефковски и да утврди одговорност за сите

Прес конференција на СДСМ, Богданка Кузеска – портпаролка Скандалот со братот на градоначалникот Бобан Стефковски …