Коцкање коцкарница казино

Коцкање – невидлива зависност: Проблем на многумина млади за кој речиси никој не зборува

Ги губиме младите луѓе. Ги укоруваме дека тие се лошите, непослушните, агресивните, но тие се само огледало на општеството. Зависноста од коцка е сериозен проблем кој е ставен на маргините, смета проф. д-р Игњатова

Проблемот на „невидлива зависност“ е сè поприсутен меѓу младите, за кои коцкањето, обложувањето и игрите на среќа се секојдневие. Иако на оваа тема многу малку јавно се зборува, психијатрите предупредуваат дека во последните години, имаат зголемен обем на работа со лица кои развиле зависност од коцкање. Проблемот се воочува дури кога ќе се натрупаат долгови или ќе се развијат и други проблеми паралелно со коцкањето, иако, како и за сè друго, превенцијата е најдобра, а на неа, освен неколкумина, речиси никој не работи во земјава.

Колку е опасно коцкањето за младите луѓе и дали родителите умеат да препознаат зависност кај своето дете? Зошто е неопходна регулација на оваа сфера? Зошто државата треба да е главен протагонист во борбата против зависноста од коцкање и игри на среќа? На оваа тема поразговаравме со проф. д-р Лилјана Игњатова, адиктолог и психијатар со долгодишно искуство во градење на политики за дроги и зависничко однесување, професорка на Медицинскиот факултет во Скопје и психијатар во Центарот за превенција и третман на зависности при Психијатриската болница во Скопје.

Коцкање – невидлива зависност: Проблем на многумина млади за кој речиси никој не зборува
Проф. д-р Лилјана Игњатова. Фото: „Приказна“

„Онлајн коцката е поадиктивна и полесно развива зависност. Полесно е да регулирате коцкарница каде што се оди со физичко присуство, во таков случај малолетници не би можеле да влезат. Младите се многу почесто инволвирани во онлајн коцкањето, а овде е потешко следењето, контролата и регулацијата. Зошто се младите поподложни да развијат зависност? Развојот на мозокот завршува после 25 година. Оној дел од мозокот, кој последен созрева, е делот кој е одговорен за одлучување, за носење правилни одлуки, за проценка на ризици, дали нешто да се прави или не. Тоа е делот што вели „Стоп“, тоа е кочницата. Таа не работи како кај возрасните, тој дел последен созрева. Затоа младите се поранливи да развијат зависност“, објаснува проф. Игњатова.

Taa вели дека има и деца помали од 15 години кои доаѓаат со родители во советувалиштето за млади за превенција од дрога и зависничко однесување на Граѓанската организација ХЕРА, а кои сакаат да превенираат поголема развивање на зависност на кај нивните деца од видео-игри или пак, од коцкање и игри на среќа.

„Овде добиваат психоедукација, се мотивираат за промена на однесувањето и за здрави животни вештини, им се кажува што да направат. Имаме и средношколци кои имаат проблеми со играње видео-игри, кои беа голем проблем во време на ковид пандемијата. Имаме случаи и кога таткото дава на малолетниот син да му уплати во обложувалница, кој веројатно не гледа никаков ризик од тоа што го праќа неговото дете во обложувалница. Не се внимава на тоа дека децата се идентификуваат со родителите, децата ги имитираат возрасните“, додава таа.

Светлечките реклами и бесплатните пијалоци – тригер фактор 

Индустријата користи многу тригер фактори кои ги атрактивизираат конзументите на видео игри или коцка. Силните светлечки реклами на самите објекти во кои се сместени казината и автомат-клубовите, рекламите за коцкарници кои ги прават инфлуенсери на социјалните мрежи, бесплатниот алкохол што се нуди, згодните девојки кои го вртат рулетот, мирисите внатре во казината – сето ова е тригер фактор кој го „влече“ коцкачот да се врати повторно во казино, вели д-р Игњатова.

Коцкање казино коцкарница
Светлечките реклами се тригер фактор. Фото: Мета.мк

„Коцката оди рака под рака со други зависности. Лицето кое се коцка, кога ќе се напие алкохол е некритично и може ризично да се однесува, а кога ќе изгуби, страда, па затоа ќе се напие алкохол за заборав или некој бензодиазепин. Има други ментални растројства кои паралелно се јавуваат со растројството на коцка како депресија, анксиозни растројства. Голем предизвик за нас е употребата на амфетамини заедно со коцкањето. Со нивна помош, лицето кое се коцка е будно цела ноќ, има добра концентрација, добар фокус, добра меморија и верува дека тоа ќе му помогне да го победи апаратот. Тој што игра верува дека ќе го победи апаратот и дека ќе ја улови добивката“, појаснува професорката.

Што да се прави? 

Како за сè останато, најдобра е прeвенцијата, а за тоа е потребна свесност, применување програми, со цел што помал број млади да влезат во проблематично коцкање и зависности.

„Потребно е да се регулира оваа дејност, потребно е учество на сите значајни фактори во градењето на политиките за превенција и регулација на коцката, онлајн коцката и видеоигрите вклучително и на индустријата. Компаниите треба да биде бидат наш сојузник, а не да мислат дека ние нивната добивка ќе ја намалиме. Потребно е ранливите млади да не влегуваат во казино или пак онлајн да се коцкаат. Некои од младите кои ќе развијат зависност, за нив треба да има пограми за третман. На толку коцкање и на толку пари од такси, да нема ниедна програма за превенција која е според интернационалните стандарди за превенција, да нема пари за научни истражувања со кои се гради превенција базирана на научни докази (а не импровизирани превенции), е поразително. И за тоа нема изговори“, смета професорката.

Во европските земји има стратегии и регулација на оваа дејност, иако и тие не се во голема мера подготвени за проблемот со зависност од коцкање. Онлајн коцкањето, пак, е многу потешко да се контролира.

„Нам ни е потребна стратегија која е кохерентна за сите зависности, а не само за дрога. Капацитетите за зависности во земјава не се нула, туку се минус, под сите минимум стандарди. Овој проблем е ставен на маргините. Ги губиме младите луѓе. Ги укоруваме дека тие се лошите, непослушните, агресивните, но тие се огледало на општеството. Ако сакате да видите како функционирате, видете ги младите. Во проблемот со зависност од коцкање не страда само младиот човек, туку и неговото семејството, околината. Тој е и финансиски товар на државата, затоа што трошиме финансиски ресурси за третман на последиците, во некои случаи и со болничко лекување кога ги лечиме менталните растројства кои настануваат како последица на коцкањето, наместо да превенираме“, вели Игњатова.

Според неа, потребно е да се регулира коцката и проблематичната употреба на Интернет вклучително и рекламирањето на казината и автомат клубовите.

„Индустријата користи во рекламите значајни ликови за младите како на пример, спортист кој рекламира казино. Кои пораки им ги испраќа тој на младите? Сепак, бидејќи немаме регулатива, тогаш одговорноста е на тој што не направил регулатва, а не на тој што направил реклама. Потребни се кампањи, но кампањи кои се евалуирани дека даваат резултат и го намалуваат бројот на лица зависни од коцка. Потребна е евалуација на активности кои ќе се превземаат за да не се трошат ресурси за нешто што нема да даде резултат или пак дури ќе направи поголема штета. Потребно е подигање на свесноста кај младите, родителите, наставниците и во училиштата, како и програми за третман на популацијата која не сме успеале да ја заштитиме со превенција“, завршува Игњатова.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

јавен превоз кинески автобуси

Патувањето до факултет им е скапо на студентите, немаат никаков попуст на билетите за меѓуградски превоз

Картичката „Youth Mobility Pass“ предложена од група студенти треба да важи за сите редовни студенти …