Анета Неданоска, дипломиран воспитувач

КОГА ДЕТЕТО ЗА ПРВПАТ ЌЕ ЈА ПУШТИ РАКАТА НА РОДИТЕЛОТ И ЌЕ ЗАЧЕКОРИ ВО СВОЈОТ НОВ СВЕТ – ГРАДИНКАТА

Пишува: Анета Неданоска, дипломиран воспитувач

Во септември во градинката започнува новата воспитно – образовна година која носи нова енергија, нови лица, нови почетоци, но и многу детски солзи.

А зад секоја солза стои различна приказна.

Приказни за дете кое прв пат се одвојува од родителот. Дете кое променило  група, па првпат се среќава со нови другарчиња или нова воспитувачка и нова негувателка, а друго кое плаче и цврсто се држи за раката на мама или тато и не сака да ја пушти.

И токму тука сакам да им кажам нешто на родителите:

Не плашете се од детските солзи, не дозволувајте да ве обесхрабрат и да ве вознемират па тоа да го покажете пред детето.

Затоа што, несвесно ќе ја пренесете сопствената несигурност, но и ќе пренесете погрешна порака до детето, а тоа е дека градинката не е безбедно место.

Наместо тоа застанете и објаснете му на детето дека тука е убаво, дека воспитувачката и негувателката се тука за него, дека ќе има многу другарчиња со кои ќе си игра и дека тука ќе научи многу нови нешта. А мама и тато ќе се вратат по него за брзо. Не се задржувајте предолго, затоа што колку подолго трае разделувањето, толку потешко може да биде за детето. И никогаш, ама никогаш не исчезнувајте без поздрав, немојте да мислите дека ако детето не види како заминувате нема да плаче.

Детето треба да знае дека родителот си заминува и дека се враќа. А не да добие погрешна слика дека мама и тато исчезнале.

Плачењето не значи дека сте погрешиле што сте го запишале детето во градинка. Не значи дека детето не ја сака градинката и не значи дека таму му се случува нешто лошо. Туку детето плаче затоа што излегува од сигурноста на домот и влегува во нешто за него не познато. Плаче и затоа што се разделува од мама и тато кој до тогаш биле негова сигурност и заштита.

Кога станува збор за периодот на адаптација, од моето искуство со децата знам дека секое дете има свое темпо.

Немојте да го форсирате детето што побрзо да почне да останува што подолго време во градинка, затоа што така можете да предизвикате обратен ефект и адаптацијата да трае подолго.

Не очекувајте вашето дете да се адаптира затоа што друго дете повеќе не плаче.

Едно дете ќе престане да плаче за неколку дена. На друго ќе му требаат недели. Некое дете првите денови ќе биде сосема мирно, а потоа одеднаш ќе почне да плаче, затоа што и тоа е можно.

Детето постепено ја разбира новата ситуација и сфаќа дека градинката станува дел од неговото секојдневие.

Наместо форсирање и било какво очекување слушајте ги воспитувачките и негувателките зато што тие секојдневно го следат однесувањето на детето и точно знаат кога е време да се зголеми времето на престој во градинка.

Почитувани родители треба да знаете дека ние со љубов го пречекуваме детето, го набљудуваме и постепено градиме доверба.

Му дозволуваме да почувствува дека не мора веднаш да биде весело, некогаш ќе сака да игра, некогаш само ќе седи, некогаш ќе бара прегратка, а некогаш ќе одбива контакт.

И ние го почитуваме тоа.

Постепено го вклучуваме во активностите, му нудиме игра, разговор, контакт со другите деца и најважно – предвидливост.

Затоа рутината е толку важна.

Кога детето знае што следува, светот му станува помалку непознат.

Почитувани родители, еве неколку совети од мене

  1. 1. Не ветувајте дека ќе го земете многу брзо ако тоа не е можно.
    Подобро кажете реално кога ќе дојдете.
  2. 2. Не го испрашувајте веднаш по земањето.
    Прво прегрнете го. Потоа разговарајте.
  3. Не прашувајте само „Дали плачеше?”
    Прашајте: „Со што си играше?”, „Што ти беше најинтересно?”, „Кој ти беше другар?”.
  4. Не споредувајте го со другите деца.
    Вашето дете има свое темпо.
  5. Имајте доверба во професионалците кои се грижат за вашето дете.
    Доколку нешто ве загрижува, прашајте. Отворената комуникација помеѓу родителот и воспитувачите и негувателите е најдобрата поддршка за детето.

И уште нешто што сакам да ви го кажам.

Кога ќе го оставите детето во градинка и ќе слушнете како плаче, природно е срцето да ви се стегне.

И нам ни е тешко кога гледаме детски солзи.

Но, верувајте – многу често зад тие солзи започнува еден прекрасен процес.

Детето прво ја пушта раката на мама.

Потоа ја прифаќа раката на воспитувачот.

Потоа зема играчка.

Потоа му приоѓа на другарче.

Потоа се насмевнува.

И еден ден, наместо да плаче на вратата, ќе ви каже:

,,Мамо, дојди по мене подоцна. Јас сега ќе си играм.”

И тогаш ќе знаете дека направило еден голем чекор.

Не само во градинката, туку кон самостојноста.

Прочитајте повеќе

Хутите повторно ja нападнаа Саудиска Арабија, додека преговорите за Ормускиот теснец се во застој

Хутите повторно ja нападнаа Саудиска Арабија, додека преговорите за Ормускиот теснец се во застој

Јеменските Хути, кои се поврзани со Иран, започнаа нов бран напади врз Саудиска Арабија и …