Кога и што ќе се казнува со камерите во сообраќајот?

Кога и што ќе се казнува со камерите во сообраќајот?

Полицијата веќе собира контакт податоци од возачите за испраќање на казните за сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрираат камерите. Системот треба да профункционира до крајот на 2025, првично во три града. Од МВР велат дека тој ќе „лови“ брзо возење, поминување на црвено и погрешно паркирање.

Поставувањето на системот со камери со кои ќе се казнуваат сообраќајни прекршоци и кои се очекува да ја зголеми безбедноста во сообраќајот и на граѓаните воопшто, треба да се заврши во текот на оваа 2025 година.

Ова е дел од одговорот што го доби Радио Слободна Европа (РСЕ) од Министерството за внатрешни работи (МВР) за тоа до каде се подготовките за ставање во функција на системот „Безбеден град“ преку кој ќе се изрекуваат казни за несовесните возачи.

Проектот се најавува со години наназад, а револт зошто се останува само на најава, а никако не се спроведува во пракса, граѓани искажаа и на протестите што беа организирани по сообраќајката на 29 јануари кога на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова.

Паралелно, трагедијата ги поттикна и пратениците во Собранието да организираат јавна расправа за законски измени за поголема безбедност во сообраќајот. Таа е закажана за петок, 7 февруари, и доби поддршка од сите пратенички групи.

Какви прекршоци ќе „ловат“ камерите?

Измени во дел од законите во наредниот период ќе треба да се направат за да може да се користат и камерите од „Безбеден град“. Еден од нив е Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во кој, велат од МВР, ќе се воведат нови членови.

„Тие (новите членови) директно се однесуваат на сопственикот на возилото или оној со правото на користење на возилото со кое е сторен сообраќајниот прекршок. Сообраќајниот прекршок ќе биде документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање при што на сопственикот на возилото ќе му биде доставен соодветен поднесок за сторениот сообраќаен прекршок“, велат од Министерството.

Покрај овој закон, оттаму потенцираат дека ќе се прави и дерегулирање на постапката за заштита на личните податоци што „е во тек“ и ќе се направи во „периодот што следи“.

Според одговорот од МВР, камерите ќе регистрираат неколку сообраќајни прекршоци како што се: минување на црвено светло, возење со брзина поголема од дозволената и непрописно паркирање.

Секој еден може да е следен

Полицијата веќе собира податоци од возачите

Дел од подготовките за ставањето на системот во функција, веќе се спроведуваат во пракса. Граѓани кои изминатиот период ги регистрираат своите возила раскажуваат дека полицајците им земаат повеќе податоци за контакт.

„Минатата недела го регистрирав возилото и на шалтерот на МВР во техничката станица ми побараа да оставам телефонски број и електронска пошта. Истото го бараа и од останатите кои тогаш ги регистрираа возилата. Потпишав за веродостојоста на податоците и веднаш потоа добив мејл од ’МВР возила‘ во кој пишуваше дека е успешна потврдата на доставените контакт податоци“, раскажува граѓанин за своето искуство од минатата недела во техничка станица во скопски Аеродром.

За ваквата новина неодамна зборуваше и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој кажа дека е воведена со измена на подзаконски акти во рамки на Министерството.

„Телефонски број што го оставил сопственикот ќе биде број на кој согласно измени на закон, МВР ќе мора задолжително да достави информација дека на тој и тој ден, е сторен таков и таков прекршок. Истата информација ќе ја доставуваме и на мејл, а на почетокот ќе се доставува и по пошта“, рече Тошковски во интервју на ТВ 24 на 21 јануари.

Министерот најави дека за оваа цел планирано е да се има и апликација за мобилни телефони, која покрај за информации за прекршоците, понатаму би се користела и за други услуги од МВР, како што е, на пример закажување на термин за пасош.

Системот за регистрирање прекршоци преку „Безбеден град“, како што беше најавено и претходно, првично ќе се имплементира во Скопје, Куманово и Тетово. Амбициите на Тошковски се дека на почетокот ќе може да се користи и за коридорите 8 и 10, а понатаму и низ цела држава.

Првично, според најавите, ќе има тест период односно ќе се праќаат информации до возачите за прекршоците, но нема да има казни.

Тестирање како работат камерите веќе имаше минатата година. Според информациите што беа споделени тогаш од Тошковски, за 24 часа со пречекорена брзина над 30 километри на час од дозволеното, биле констатирани 2.000 сообраќајни прекршоци од само 20 отсто од камерите. Претпоставката, изјави министерот кога во октомври даваше отчет за 100 дена од мандатот, „е дека ако пуштиме 100 отсто камери, за 24 часа ќе имаме 20.000 прекршоци“.

Пратениците најавуваат построги казни

Додека се очекува конечно да профункционира системот, пратениците в петок ќе дебатираат за построги казни. На 3 февруари собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците изгласа одлука на 7 февруари да се одржи јавна расправа на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“. Поддршка дадоа сите парламентарни партии и коалиции: владејачките ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ (ВЛЕН), како и опозициските СДСМ, Левица и Европски фронт.

„Владејачкото мнозинство во насока на подобрување на законската регулатива ќе побара доуредување и допрецизирање на истата. Време е за сериозни чекори и системски решенија. Безбедноста на граѓаните мора да ни биде приоритет на сите, а тоа значи промени во законите кои ќе обезбедат заштита, превенција и ефикасни институционални реакции“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој воедно е и пратеник, вчера (4 февруари) рече дека е добро да има јавна расправа во Собранието на оваа тема. Како пратеничка група, тој најави дека ќе настапат со два конкретни предлога за законски измени. Едниот, како што рече, е да има присутен полицаец пред и во секое училиште за време на наставата и тој да се грижи за безбедноста на влезот во училиштето и на пешачките премини.

„Вториот предлог ќе биде сериозно заострување на казните за најтешките прекршоци во сообраќајот, коишто дури ќе вклучуваат и одземање на возилото по примерот на некои европски земји“, изјави Филипче.

Ден по дебатата во Собранието, во сабота е закажан нов протестен марш „Стоп за сообраќајното насилство“. Тој ќе се одржи во Неготино, родниот град на младата Фросина која беше прегазена на 29 јануари. Другарите на Фросина, како што најавија преку социјалните мрежи, организираат и бесплатен превоз за граѓани од Скопје до Неготино.

Два масовни протестни марша веќе се одржаа на 31 јануари и 2 февруари. Демонстрантите во Скопје, марширајќи од местото на несреќата на „Партизанска“, својот револт го искажаа пред Собранието, обвинителството и судот.

Фросина беше прегазена од 20-годишниот В.Ј. Тој се наоѓа во 30-дневен притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, а се гони за најтешко кривично дело во областа на безбедноста на сообраќајот, сторено со умисла, за што е предвидена затворска казна од четири до 20 години. Како што информираше обвинителство, осомничениот немал возачка дозвола, поминал на црвено, а лабораториските анализи покажале дека имал 0,82 промили алкохол во урината.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

струја сметка евн

Ако сметката за струја ви е висока, поднесете приговор во ЕВН и во РКЕ

Сите домаќинства кои добиле сметки за електрична енергија и имаат за прв пат фактурирана потрошувачка …