…Кога Први Мај беше Втори Мај

Пишува: Зоран Милошески

Во времето кога се’ беше понормално отколку сега, прашањето „Каде за втори мај?“, беше со важност од животно значење!

Оти, освен шо Први Мај беше првиот од двата неработни дена и шо пред 100 и кусур години некои луѓе, таму некаде во Америка, на улиците на Чикаго излегле да бараат осумчасовно работно време, како датум, ништо посебно не ни значеше.

Ама затоа, пак, втори мај…!

Го планиравме и му се радувавме еден месец порано. Небаре немаше други денови да се појди на излет, во природа, да се собери друштвото… Се одеше скоро секој викенд, не дека не се одеше. Ама втори мај беше нешто друго! Ден посебен и поразличен од сите други. Не оти навистина беше, ама… ете… нам така ни се имаше завртено во главите и така го доживуваме.

По некое непишано правило кое важи и ден денес, се знаеше –  за втори мај ќе врни! Не на први, не на трети, туку баш на втори! Обично така и бидуваше: на четири од пет второмајски излети, ако не заврнеше, ќе капнеше.

Времето не беше причина за промена на планот. Врнело не врнело, негов проблем. Гајбите со пиво враце, месото и лебот во ранците, патот под нозе и правец – вештачко езеро!

Напати се случувало тие 6 километри пат и пешки да ги одиме. Ама, шо далечина е тоа за млади луѓе полни со енергија и желба за провод? Башка шо тие сат и кусур пешачење си имаа посебен шмек и беа составен дел од второмајската треска.

Организацијата на настанот подразбираше двајца од нас да појдат порано на езеро за да зафатат подобро место… со дебела сенка и ледина за играње фудбал.

А таму, покрај вештачкото езеро, едночудо народ! До кај шо досига погледот, дотаму луѓе. Чиниш, тој ден цел Прилеп се преселил покрај езерото. Милина да му е на чоек да гледа!

Денот си имаше вообичаен ритуал: се распостилаат шаторските крила, месото и пивото под сенка, се прибираат дрва за скара, се дроби марулка, лукче и кромитче за салата, се прај по некое ракиче. За арно за убо да е, за да киниса денот.

После идеше времето за фудбал. Горните тренерки “глумат“ стативи, се прават двата тима и – утакмицата можи да почни: трчање до бесвест, лизгачки стартови, боречки зафати, мавање по писки, викање… Гооол!… Не бе каков гол, настрана беше!… Не гледаш, чор си?…

На езеро не се играше обичен фудбал, ами финале на Лига на шампиони!

Фудбалските рани ги заздравувавме со скара. И пиво. Чадот од стотиците распалени скари се дига до небо. Од сите страни трешти музика. Се мешаат звуците на песна и смеа.

Големото второмајско „финале“ започнуваше со завршување на ручекот. Се зема гитарата, стартува бескрајниот репертоар. Отспротива ечи музика од касетофон. Малку подолу, друга гитара. Во далечината се слуша хармоника. И тапан. Илјадници луѓе се дружат, се забавуваат. Секој на свој начин. И секој за себе. А, всушност, сите заедно, како еден. Без замерки, расправии, кавги… Втори Мај со песна го личи.

И така додека не’ држи гласот и дури не се испие последното пиво.

Дома се прибиравме со мракот.

Прочитајте повеќе

Венко Филипче

Филипче пред сопартијците: Тука сме да пристапиме на секој, да прашаме што му треба (ВИДЕО)

Неврохирургот Венко Филипче при својата вчерашна посета на Струмица разговараше со членството на СДСМ. При …