Кои сте бре вие да си играте со нашите животи???

Пишува: Зоран Милошески

Ако бев приврзаник на теориите на заговор, за вчерашниот верски собир во Струга ќе речев дека е „масло“ на ВМРО-ДПМНЕ. Дека преку своите инсталации во врвот на МПЦ-ОА, а во соработка со режисерот на спотови Наќе Чулев, мицковци прават се’ да го пролонгираат укинувањето на вонредната состојба, со крајна цел – оневозможување било каква шанса за одржување на избори до почетокот на летото.

Иако, засебно, секоја од изнесените тези „пие вода“… од тоа дека најголемиот дел од членовите на Синодот се отворени поддржувачи на ДПМНЕ, преку фактот што Чулев спроведува партиски директиви произлезени од „белата палата“, до тоа дека партијата на унгарскиот бегалец од избори бега како ѓавол од крст… сепак не верувам, или не сакам да верувам дека злобата на врхушката на најголемата опозициска партија, може да поприми толкави размери. Иако, и тоа е прилично дискутабилно.

По којзнае кој пат, кога станува збор за почитување на законите и препораките на Владата по различни прашања, односот на МПЦ-ОА е најблаго речено – неодговорен. Односно, ќе бидам поблиску до вистината ако речам дека Синодот не ги ферма институциите на државата и дека владиците, по однос на почитувањето на законите, се однесуваат како разгалени дечишта. Нема да се навраќам назад низ годините и да ги коментирам јавните настапи на неколкумина од нив, чии ставови многу повеќе наликуваат на изјави на партиски војници и гласноговорници на ДПМНЕ, отколку на црковни веледостоинственици.

Впрочем, сеуште е свежо сеќавањето на нивното „натегање“ да го следат примерот на православните цркви од другите држави, кои упатија апел до верниците да не ги посетуваат храмовите за време на Велигденските празници. Фактот дека кризата со коронавирусот ја „преспаа“ и не покажаа ни грам хуманост кон верниците и, генерално, кон граѓаните на нашата држава, не е ништо ново, туку е продолжување на традицијата да останат глуви и неми секогаш кога на народот најмногу му треба нивната помош.

Тоа што свештенството од струшкиот храм, кој ја организираше вчерашната литија, побрза да се изземе од одговорност и вината за скандалот ја префрли на верниците, е само аргумент плус за нивната самобендисаност и самодоволност. Се разбира, тоа не значи дека стотиците граѓани кои се приклучија на собирот треба да бидат амнестирани за демонстрацијата на неодговорност, неразумност и граѓанска непослушност. Напротив. Сите тие треба да бидат идентификувани и на секој од нив, до еден, треба и мора да им бидат изречени соодветни санкции за непочитување и прекршување на мерките за заштита од коронавирусот. Нема потреба да се потенцира, дека со истата санкција треба да се соочи и организаторот на настанот.

Но, што е со вториот соучесник во скандалозно организираниот верски собир, Министерството за внатрешни работи? Зошто и покрај најавата за одржување на настанот, не беа преземени превентивните законски мерки за почитување на уредбата на Владата за забрана за групирање на повеќе од две лица? Која беше задачата на неколкумината полициски службеници присутни на литијата – да спроведуваат закон, или да прават кворум? И, дали ова не беше вториот дел од видео спотот на наменскиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев?

Да се вратам на главната поента.

Секој од нас има право на сопствено мислење за се’ во животот, меѓу другото и за пандемијата со КОВИД-19. Како настанала, зошто се раширила, на кој начин да се штитиме од неа, како треба да се лекува.. Исто како што никој никому не може да забрани да верува во тоа што сака да верува, вклучително и во теориите на заговор. Оттаму, колку и да е бесмислено, легитимно е правото на поединци да веруваат дека коронавирусот не постои, дека сето тоа е измислица на големите сили, масоните, комунистите и капиталистите, со намера преку пронаоѓањето на вакцина, да ни вбризгаат алуминиум и преку 5G да не’ следат… или како и да е.

Меѓутоа, она што треба да го знаат сите оние кои искажаа поддршка за собирот во Струга, е дека со тоа го девалвираа и омаловажија трудот и храброста на илјадници здравствени работници, кои борејќи се за здравјето и животите на граѓаните на нашата држава, го ризикуваат најсветото нешто – сопствениот живот! Дека во тоа име, доброволно се изолираа од своите најблиски, дека се откажаа од својата приватност, од правото и човечката потреба да бидат со своите деца, токму во мигот кога невидливиот пријател демне над секој од нив. Над секој од нас.

Кои сте, бре, вие, кои со вашиот своеглав и аналфабетски начин на толкување на пандемијата, за кој сеуште не нашле соодветен одговор ни СЗО, ниту државите со најразвиени здравствени системи, го помноживте со „нула“ сето она што Владата и нашите здравствени институции, сите здраворазумни граѓани, го инвестираа и жртвуваа за надминување на најголемото зло со кое се соочило човештвото во последните неколку децении?

Кои сте вие, самонабедени „универзални генијалци“, да ги ставате на коцка нашите животи и да си играте „писпилекопанче“ со иднината на нашите деца?

Сите вие кои ја игнорирате чумата, кои себеси се сметате за недопирливи од „виртуелната“ болест и кои ја потценувате маката на вашите сограѓани. Вие кои им се потсмевате на семејствата на кои коронавирусот им ги зел најблиските и најсаканите и кои изигрувате „јунаци од јорганпланина“, имате две опции: да замолчите еднаш засекогаш, или одма, сега веднаш, на дело да ја покажете вашата хуманост, човекољубие и храброст и доброволно да се пријавите да им помогнете во работата на медицинските работници во Клиниката за инфективни болести, или во Градската болница „8 Септември“. Таму каде се водат најтешките животни битки и каде на преморените здравствени работници, било каква помош и одмена, ќе им биде добредојдена. Дури и вашата!

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …