Кој е безгрешен, прв нека го фрли каменот!

Кој е безгрешен, прв нека го фрли каменот!

Пишува: Зоран Милошески

Вината нема стопан, како сираче е.

Не знам колку пати сум ја повторил оваа поговорка, во намера да укажам на нашата „традиција“ на одбивање да се признае сопствената грешка и личниот придонес во губењето на одредена битка. Била таа политичка, партиска, спортска…

Оти, за успехот заслугите се на поединци, со име и презиме. Ама за поразот, секогаш е виновен некој друг. Или пак одговорноста во најмала рака е – колективна!

Овој пат, кога е во прашање утврдувањето на степенот на одговорност на причините(лите) за лошиот резултат на СДСМ во првиот круг на локалните избори, одговорноста треба конкретно да се лоцира.

Меѓутоа, тоа никако не треба да се претвори во „лов на вештерки“ и барање дежурни или алиби виновници. Напротив, неопходна е темелна, стручна и објективна анализа која ќе послужи како база за понатамошна надградба и подобрување на партиското функционирање.

Секое релативизирање на работите и ставање на проблемите под тепих, долгорочно, носи зијан. Колку повеќе се одлага соочувањето со вистината и прифаќањето на реалноста, толку штетата станува поголема. И ненадоместлива.

Притоа, никако не можат да се земат за добронамерни страничните и фејсбук „анализи“ кои повикуваат на „сечење“ глави, шиканирање и девалвирање личности. Никој досега на таков начин не решил ниту еден проблем. Се знае каде е местото за отворена дебата и на кој начин треба да се води. Се’ друго е неприфатливо и претставува долевање масло на огнот.

Повеќе е од јасно дека на 17-ти октомври не победи ВМРО-ДПМНЕ, ами изгуби СДСМ. Не станува збор за игра на зборови, туку за аксиома поткрепена со конкретни бројки. А тие велат дека споредбено и со локалните од 2017 година, и со минатогодишните парламентарни избори, не е ДПМНЕ таа која освоила повеќе гласови, туку СДСМ е тој кој изгубил голем дел од нив.

Првата мисла која се наметнува после сумирањето на изборниот резултат, е дека граѓаните премногу брзо го заборавија 11-годишното владеење на режимот и последиците кои тој ги остави зад себе.

Како со гума ги избришавме тефтерчето од Горде, плацевите на Водно, уцените со даден глас за „ин витро“ оплодување, масовното прислушување, апсењата со камери, рушењето со динамит на милионски инвестиции на неистомисленици, кинеските провизии, 800 милиони евра тешката пералница на пари „Скопје 2014“, хилтите, пиштејнето и вриштејнето, заканите од типот „племето нивно комуњарско, сите у ендек“, убиството на Мартин Нешкоски и смртта на малата Тамара, циганите за уши и гласачите од Пустец…

Од порано е јасно дека критериумите за вреднување на резултатите од владеењето на СДСМ од страна на неутралните гласачи, се многу построги во однос на тие кои важат за останатите политички субјекти. Но дури и од тој аспект казната беше жестока. „Жолтиот картон“ кој граѓаните му го испорачаа на социјалдемократите, во голема мера е заслужен.

Но, она што е неправедно и незаслужено, е домино-ефектот кој го предизвика таквиот исход, односно враќањето на ДПМНЕ на политичката сцена на мала врата. Кое со ништо не го заслужи, од причина што е тоа истата онаа партија чиј лидер продолжува по курсот зацртан од унгарскиот бегалец. Неколкуте нови ликови никако не значат дека мицковци се реформирале. Оти, неколку „ластовички“ не носат пролет. Впрочем, многу бргу ќе се увериме дали нешто се променило во нивното поимање  за начинот на владеење на локално ниво.

Промената на власта, било на локално или централно ниво, во сите демократски земји е нормална работа. Оти незаменливи немало и нема да има. Само кај нас, како кај класични балканци, изборите се прашање на „живот или смрт“: победникот го зема „воениот плен“, губитникот треба да биде запален на клада.

Она што е за секаква осуда, е јавниот линч кој на социјалните мрежи и на одредени медиуми им се случува на носителите на партиски и државни функции, а кој ги надминува сите граници на пристојност. Критика и критичка мисла – да, секогаш и секаде. Меѓутоа, упатување најпогрдни зборови, вулгарности и квалификации до степен на гнасотилаци, лиферување полувистини или невистини и нивно прикажување како факти, мешање во нивниот приватен и интимен живот, измислување афери од најразличен вид, е недозволиво од било кој аспект.

Одговорноста и евентуалната казна која политичарите и учесниците во изборниот процес треба да ја понесат за неуспехот, е една работа. Но нивно шиканирање и девалвирање на лична основа, е незамисливо и несфатливо за било кое демократско општество. Првенствено, затоа што сите тие луѓе имаат семејства: родители, сопруги, сопрузи, деца, браќа, сестри… кои на посреден начин, без никаква вина се изложени на столбот на срамот.

Кој е безгрешен, прв нека го фрли каменот!

Затоа, да го задржиме достоинството и да го зачуваме човечкото во себе. Го изгубивме ли тоа, сме изгубиле се’! Бадијала сите победи, сите градоначалнички мандати и советнички места. Немаме ли чоештилак, немаме ништо.

На крајот, една порака до сите оние членови и партиски активисти на СДСМ, кои со месеци наназад ја пцуеја партијата „разочарани“ од фактот дека добиле „само“ 2-3 вработувања во семејството, а не 4-5 колку што им претскажале наречниците: побрзајте на прием кај новата локална власт, оти таму со душа чекаат да ги исполнат вашите желби, кои за нив се од приоритетна важност. Решенијата за вработување ќе ви ги достават на домашна адреса. Ако не оваа среда, тогаш со сигурност – другиот петок!

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …