Кој е новиот сопственик на „ФК Вардар“?

Кој е новиот сопственик на „ФК Вардар“?

Турчинот Атила Бијен Јалили, име непознато за фудбалската светска јавност, стана нов доминантен сопственик на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар. Претставен е како бизнисмен од Унгарија и менаџер на тамошната фирма за производство на електрична енергија „Сол Сервисес“, компанија која е во сопственост на турскиот “Полат холдинг“. Поврзаноста на фирмите на „Полат холдинг“ упатуваат на тоа дека вистински сопственик е 71 годишниот турски милијардер Аднан Полат, поранешен претседател на „ФК Галатасарај“. Уште пред да ги купи „црвено- црните“, „Полат холдинг“ е присутен во Северна Македонија преку други бизниси.

  • Атила Бијан Јалили, официјално новиот сопственик на ФК Вардар е управител на четири компании на „Полат холдинг“ за производство на струја
  • Компанија на „Полат холдинг“ поседува и две компании за производство на масло од канабис во Северна Македонија.
  • Аднан Полат, прв човек на „Полат холдинг“ според истражувањата на унгарските медиумите е близок и со турскиот претседател Ердоган и со унгарскиот премиер Виктор Орбан

Во попладневните часови на 8 октомври во македонските медиуми одекна веста дека најтрофејниот фудбалски клуб во земјава „ФК Вардар“ добива нов сопственик.

„Од страна на Атила Бијен Јалили преземени се 85% од акциите на АД ФК Вардар Скопје, а со тоа и управувачкиот пакет на друштвото“, информираше клубот на фан страницата на Фејсбук.

Фубалски натпревар ФК Вардар (архива)
Фубалски натпревар ФК Вардар (архива)

Повеќекратниот шампион „ФК Вардар“ помина низ големи премрежја во изминатите години, а една сезона испадна и од Првата македонска фудбалска лига. Неколку години сопственоста на клубот беше во рацете на Русинот Сергеј Самсоненко, кој во 2020 година го напушти ФК Вардар поради лоша финансиска кондиција. Подоцна, Самсоненко и неговата сопруга Ирина завршија и „црната листа“ на американското Министерство за финансии поради корупција. Пред да добие нов сопственик од Унгарија, со клубот управуваше навивачката група „Комити“.

Кој е Атила Биjен Јалили?

Некои македонски медиуми пишуваа дека станува збор за турски, додека други за унгарски сопственик.

Написи за сопственоста на ФК Вардар
Написи за сопственоста на ФК Вардар

Во првото писмено обраќање на новиот сопственик пред македонската јавност споделено од „ФК Вардар“ на 11 октомври, Атила Бијен Јалили изрази задоволство од инвестицијата во македонскиот фудбалски клуб.

„Со нашето повеќегодишно искуство во менаџирање на фудбалски гиганти и соработка со десетици познати фудбалски клубови во Европа, ние ќе овозможиме брза финансиска, организациона и резултатска консолидација на овој најголем спортски бренд во Македонија. Во изминатите неколку години, како дополнување на нашите бизниси кои ги имаме, нашиот фокус беше да преземеме клуб од Централна Европа или Балканот“, напиша Јалили.

Во професионалната биографија објавена на мрежата „ЛинкдИн“, Атила Бијен Јалили на никаков начин не се поврзува со фудбалскиот свет. Но, затоа тој повеќе од десет години е во бизнисот со електрична енергија. Од 2013 е во компанијата „Сол Сервисес“ во Унгарија каде до 2017 година бил инвестиционен координатор, а од 2020 до денес е генерален менаџер.

Но, што стои под превезот на информацијата дека менаџер на унгарска компанија со портфолио во енергетскиот сектор го презема „ФК Вардар“?

Оваа унгарска компанија е во сопственост на „Полат холдинг“ на чие чело е турскиот милијардер Аднан Полат кој е поранешен претседател на „ФК Галатасарај“ во периодот од 2008-2011 година.

Органограм на структурата на раководството во Полат холдинг во Турција и Унгарија
Органограм на структурата на раководството во Полат холдинг во Турција и Унгарија

А „Полат холдинг“ со години е веќе присутен во Северна Македонија. Ама не преку фудбалот.

Во органограмот на структурата на „Полат Холдинг“, според последниот документ објавен во 2022 година на нивната веб – страница, стои дека Аднан Полат е претседател на Одборот на директори, додека Биjен Јалили потписникот на договорот за нова сопственост на „ФК Вардар“ е наведен како еден од генералните менаџери на голем број компании кои во Унгарија ги има турскиот холдинг.

„Полат холдинг“ преку Биjен Јалили и други луѓе од компанијата – меѓу кои Октај Хатирназ, главен финаниски директор на холдингот и Нешет Озгур Џирели, член на Одборот на директори на „Полат Холдинг“, се влезени во бизнис секторот во Северна Македонија, основајќи четири фирми за производство на електрична енергија.

Компании во сопствеништво на „Полат Холдинг“
Компании во сопствеништво на „Полат Холдинг“

Компаниите се во сопствеништво на „ХСВЕ Инвестментс“ – фирма основана од „Полат холдинг“ за развивање бизнис во странство во секторите недвижности, енергија и трговија.

Според јавно достапните податоци на Регулаторната комисија за енергетика, ниту една од овие компании досега нема побарано, а со тоа ни добиено лиценца за производство на електрична енергија.

На 24 октомври, РСЕ се обиде да стапи во контакт со Атила Бијен Јалили преку фирмите кои се регистрирани на улицата „Максим Горки“ во деловната зграда на градежната компанија „Настел“.

На пријавница во деловниот комплекс прашавме дали тука се наоѓаат компаниите. Вработените телефонски контактираа и повикаа претставничка од фирмата. Се претставивме и побаравме контакт од управителот Атила Јалили.

Ни беше кажано дека канцеларијата во која се наоѓаат четирите компании само примаат пошта, која подоцна ја дистрибуираат до Атила Бијен Јалили. Оставивме контакт на претставничката на компаниите за да не побара, но, тоа не се случи.

Седиштето на четирите компании е во деловниот центар на „Настел“ на улицата Максим Горки бр.13/1-4/4 во Скопје
Седиштето на четирите компании е во деловниот центар на „Настел“ на улицата Максим Горки бр.13/1-4/4 во Скопје

Истиот ден, РСЕ испрати и прашања до компанијата „СолСервисес“ во Унгарија во која генерален менаџер е Јалили. Побаравме одговори за неговото преземање на „ФК Вардар“, со кого преговарал за купување на „црвено-црните“ како и за бизнисите во Северна Македонија.

Прашања испративме и на друга адреса, односно до „Полат холдинг“. Го прашавме првиот човек на турскиот холдинг, Аднан Полат за веќе започнатите инвестиции во Северна Македонија, како и за сопственоста во „ФК Вардар“. Молк е единствениот одговор кој го добивме и од двете страни.

Покрај четирите македонски фирми во сопственост на турскиот холдинг, „Полат холдинг“ поседува и голем број други компаниите со кои оперира на турскиот и унгарскиот пазар во секторите недвижен имот, енергија, технологија и индустрија.

Органограм на компании во сопственост на „Полат холдинг“, меѓу кои и четири регистрирани во Северна Македонија
Органограм на компании во сопственост на „Полат холдинг“, меѓу кои и четири регистрирани во Северна Македонија

Влез во бизнисот со медицински канабис

На 12 март 2021, поранешниот директор на Агенцијата за енергетика, Дарио Николовски, објави фотографии со Галип Јилмаз, тогаш презентиран како еден од членовите на бордот на директори на „Полат холдинг“. Николовски соопшти дека турската компанија е заинтересирана за инвестиции во обновливи и чисти енергетски ресурси за одржлива иднина.

 

Средба на претставникот на „Полат холдинг“, Галип Јилмаз со директорот Дарио Николовски во Агенцијата за енергетика во март 2021 година
Средба на претставникот на „Полат холдинг“, Галип Јилмаз со директорот Дарио Николовски во Агенцијата за енергетика во март 2021 година

Според биографијата објавена на „ЛинкдИн“, Галип Јилмаз бил комерцијален директор на групацијата од јануари 2018 до мај 2021. Јилмаз навел и дека бил генерален менаџер на „АЛХ Унгарија“ февруари 2016 до јануари 2018 година, фирма која исто така е под капата на турската „Полат холдинг“.

Галип Јилмаз - Биографија објавена на мрежата „ЛинкдИн“
Галип Јилмаз – Биографија објавена на мрежата „ЛинкдИн“

Проверката на името на Галип Јилмаз во „Бизнис мрежа“, дата база на македонски компании и нивното сопствеништво, покажува дека во одреден временски период, Турчинот фигурирал како управител на две фирми во Куманово, а нивен последен и актуелен управител е Октај Хартиназ, финансиски директор на „Полат холдинг“.

Се работи за компаниите „Маккан Хелт ДООЕЛ Куманово“ и „Магиа Инвестмент ДОО Куманово“ – со регистрирана дејност за производство на медицинско масло од канабис. И двете компании се наоѓаат во индустриската зона „Карпош“ во близина на Куманово.

Едната фирма не проработела, другата со одземена лиценца

Според податоците од „Бизнис мрежа“, до средината на јули 2019 година, компанијата има пет сопственици од Северна Македонија. На 29 јули 2019 година како управител е додаден Галип Јилмаз, кој е на позицијата до 07 мај 2021 година. Речиси два месеца подоцна, фирмата добива и нов, доминантен шести сопственик – „Магиа Инвестмент Кфт“.

Тоа е фирма од Унгарија, чие седиште е исто како и на „Полат холдинг“ и други негови фирми – ќерки, меѓу кои и „Сол Сервисес“, чиј генерален менаџер е Атила Бијан Јалили. Во „Магиа Инвестмент Кфт“, онлајн дата базите за фирми во Унгарија покажуваат дека членови на Одборот на фирмата се Октај Хатирназ и Нешет Озгур Џирели, член на Одборот на директори на „Полат Холдинг“.

Адресна поврзаност на компаниите „Магиа инвестмент КФТ“ „СолСервисес“, „Полат енерџи“
Адресна поврзаност на компаниите „Магиа инвестмент КФТ“ „СолСервисес“, „Полат енерџи“

Во македонската „МАГИА ИНВЕСТМЕНТ ДОО Куманово“, од 13 март 2024 година, Октај Хатирназ, кој е дел од Управниот одбор на „Полат холдинг“ е нов и последен нејзин управител.

За оваа компанија, нема информација дали Владата и доделила концесија за производство на масло. Од 10 април 2023 година, се уште е активен огласот во кој „МАГИА ИНВЕСТМЕНТ ДОО Куманово“ го продава објектот каде планирале да започнат со производство на масло од канабис.

Оглас објавен од „Магиа Инвестмент ДОО“ за продажба на објект во индустрската зона во Куманово
Оглас објавен од „Магиа Инвестмент ДОО“ за продажба на објект во индустрската зона во Куманово

На 21 октомври, РСЕ се јави на телефонскиот број оставен од огласувачот – фирмата. Од таму ни рекоа дека никогаш не заживеал планот за отворање на погонот за производство на масло од канабис и затоа објектот е на продажба.

Но, другата компанија „МАККАН ХЕЛТ“ – добила, а потоа изгубила право да произведува масло од канабис. Според алатката „Бизнис мрежа“, до 18 август 2019 година, фирмата имала исклучиво македонски сопственици.

Еден ден подоцна, на 19 август 2019 до денеска, „МАККАН ХЕЛТ“ преминува во целосна сопственост на „МАГИА ИНВЕСТМЕНТ ДОО Куманово“.

Историјат на компанијата „МАККАН ХЕЛТ ДООЕЛ Куманово“, извор: Бизнис мрежа
Историјат на компанијата „МАККАН ХЕЛТ ДООЕЛ Куманово“, извор: Бизнис мрежа

Неполни четири месеци пред Турците да влезат во „МАККАН ХЕЛТ ДООЕЛ Куманово“, Владата на 8 мај 2019 година и дала одобрение за одгледување на канабис за медицински цели. По четири години, Владата на 8 јуни 2023 година и ја одзема лиценцата на компанијата.

РСЕ се обрати до Владата со прашања – кои биле причините за укинувањето на дозволата?

Одлука за давање согласност за решението за давање одобрение за одгледување на канабис и Одлука за престанок на важењето на истата одлука
Одлука за давање согласност за решението за давање одобрение за одгледување на канабис и Одлука за престанок на важењето на истата одлука

Од Владата одговорија дека постапиле по препорака на специјалната Комисија која го следи производството на канабис и задолжена да врши инспекции, дека при извршена вонредна контрола на лице место, „МАККАН ХЕЛТ ДООЕЛ – Куманово“ работел спротивно на законот.

„МАККАН ХЕЛТ ДООЕЛ – Куманово“ постапувал спротивно на членот 29-б став 1 алинеја 1,2,3,4 како и член 29-г од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. Комисијата ја запознала Владата за работењето на „МАККАН ХЕЛТ ДООЕЛ – Куманово“ и предложила да се одземе одобрението за одгледување на канабис за медицински цели“, одговорија од Владата за РСЕ.

Меѓуресорската комисија е составена од шест члена. Освен еден од Агенијата за лекови – МАЛМЕД, а во неа има по двајца претставници од министерствата за здравство и за земјоделство и еден стручен соработник.

Она што го утврдила Комисијата, ако ги читаме членовите на законот е дека фирмата или немала обезбедено соодветен простор, површини или земјиште за одгледување, сушење и складирање, опремен соодветно на производниот/преработувачкиот капацитет или просторот не бил атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку четири метри. Не се знае ниту дали фирмата имала 24 часовен видео надзор над целиот простор и физичко обезбедување.

На членот 29-г од законот, предвидени се и други прекршоци.

Закон за контрола на опојни дроги и психотропни сусптанци, член 29-г
Закон за контрола на опојни дроги и психотропни сусптанци, член 29-г

Потврда за одземеното одобрение на фирмата добивме и од Министерството за внатрешни работи.

„По предлог на Министерство за здравство, одземено е одобрението за одгледување на канабис за медицински цели бидејќи истата повеќе не ги исполнувала условите за одгледување“, одговорија од министерството на прашањата на РСЕ.

И за овој случај, РСЕ побара, но, не доби одговори од турскиот „Полат холдинг“, чија фирма – ќерка има сопствеништво и во двете македонски компании, а со кои управува Окрај Хартиназ, кој воедно е и член на Одборот на директори на турскиот холдинг.

Унгарски медиуми: „Делегат“ на Ердоган во Унгарија или откритие на Орбан?“

И додека во македонската јавност се промовира само името на новиот сопственик на „ФК Вардар“ – Атила Бијан Јалили со компанијата „Сол Сервисес“, каде ја има позицијата само на генерален менаџер, лично тој и други луѓе кои се дел од структурата на турскиот „Полат холдинг“ се присутни во македонскиот бизнис одамна преку новоформирани или купени компании.

Претседателот на Бордот на директори на „Полат холдинг“, Аднан Полат е роден во Ерзурум, во источна Анадолија во 1953 година. Дипломирал на бизнис школа во Бруклин, Њујорк.

Откако се вратил дома во Турција, веднаш почнал да работи како директор на една од семејните компании, додека полека не ја преземал корпоративната империја основана од неговиот татко пред повеќе од 60 години, која вклучува фирми во повеќе сектори, како енергетика и недвижности.

Денеска, унгарските медиуми го портретираат Аднан Полат како близок до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и личен пријател на унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговото семејство, држава во која има голем број компании и бизниси.

Колаж од објавени медиумски написи во унгарските медиуми за блискоста и поврзаноста на Полат Аднан и Виктор Орбан
Колаж од објавени медиумски написи во унгарските медиуми за блискоста и поврзаноста на Полат Аднан и Виктор Орбан

„Самиот Аднан Полат се пофали дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги поддржува неговите идеи и бара негово мислење за енергетските прашања. Според изјавите на Полат за печатот, сè започнало кога тој му пришол на новиот премиер Ердоган по неговата изборна победа во 2003 година, кој бил изненаден од идејата, а шест месеци подоцна бил изготвен закон со кој се дозволува инсталирање на ветерни електрани. Оттогаш, „Полат Енерџи“ е најголемиот турски играч во енергијата на ветерот“, пишува унгарскиот неделен весник „Magyar Narancs“.

Унгарскиот медиум „Валас“ во повеќе наврати пишува за влезот и успешноста на Полат Аднан и на унгарскиот пазар.

„Турскиот бизнисмен Аднан Полат, кој стои во фокусот на оската Ердоган-Орбан, ја трансформираше Унгарија во преработувачка област за најбогатата класа на неговите сонародници: тој и неговите соработници веќе контролираат 25 унгарски деловни интереси – и ова е само почеток. „Валас“ истражуваше дека истата група ги собира териториите за џиновската мрежа на соларни паркови на освојувачите на Истанбул, која им служи на доверливите луѓе на зетот на премиерот Виктор Орбан, Иштван Тиборац. Но, зошто унгарската влада им дозволува на странците да поседуваат поголем дел од соларната индустрија што инаку би можела да функционира во национално или класично пазарно опкружување?“, наведува „Валас“.

Во 2015 година, подружница на „Полат холдинг“, „АЛХ Унгарија“ (АЛХ унгарски трговски центар за развој) беше избрана од Министерството за надворешни работи на Унгарија да биде официјален партнер за промоција на унгарските компании на турскиот, грчкиот и кипарскиот пазар. Со тоа, „АЛХ Унгарија“ стана и официјален претставник на Унгарската национална трговска куќа.

Годишен извештај на „АЛХ Унгарија“ од 2016 година, обраќање и претставување на Аднан Полат и Галип Јилмаз, објавен на „HEPA Office Turkey“
Годишен извештај на „АЛХ Унгарија“ од 2016 година, обраќање и претставување на Аднан Полат и Галип Јилмаз, објавен на „HEPA Office Turkey“

Во годишниот извештај на „АЛХ Унгарија“ од 2016 година, покрај обраќањето на Полат Аднан за успехот во промоција на унгарските фирми, претставени се и двајцата генерални менаџери на компанијата. Едниот од нив е токму Галип Јилмаз, кој порано ги водел фирмите за марихуана во Северна Македонија.

Во Турција, пак, договорен партнер на Унгарската агенција за промоција на извозот (ХЕПА) задолжен за промоција на унгарските компании во Турција и Грција е „ХЕПА Турција“.

Во последниот објавен годишен извештај од компанијата во 2022 година е наведено дека „регионалното седиште на „Хепа Турција“ се наоѓа во истата зграда заедно со унгарскиот
Генерален конзулат, унгарски културен центар и претставништво на унгарската „Ексим банка“ во „Полат холдинг“ во Инстанбул.

„Ексим банка“ е во стопроцентна сопственост на Унгарија, а стана позната во домашната јавност откако со Северна Македонија потпиша договор за заем во вредност од половина милијарда евра.

Ристовски: Не можам да кажам дека има политичка поврзаност

Пред да стане министер за спорт, поранешниот ракометарски голман Борко Ристовски во разговор за РСЕ, го прашавме Ристовски за перцепциите кај дел од јавноста дека инвестицијата има политичка заднина по добивањето на заем од Унгарија и други најавени унгарски инвестиции во земјава.

„Логично е кога две држави се зближуваат и остваруваат една позитивна и добра соработка, по логика на нештата е да дојдат што е можно повеќе и бизнисмени во таа држава и да се вложува во спортот повеќе, да се вложува буквално во се. Мислам дека тоа е еден логичен сплет на настаните, кој што беше пред повеќе години вложувањето од страна на грчките бизнесмени во Македонија. Не гледам дека ова е различно нешто од тогашниот случај“, изјави Ристовски за РСЕ.

Фудбалски натпревар на „ФК Вардар“
Фудбалски натпревар на „ФК Вардар“

Атила Бијен Јалили не одговори на прашањата на РСЕ кои се неговите планови со „ФК Вардар“ по преземањето на клубот. По 11 одиграни натпревари, некогашниот шампион во моментов се наоѓа на претпоследното место во Првата македонска фудбалска лига.

Навивачката група „Комити“ во неколку наврати побара од новиот газда Атила Бијен Јалили разрешување на актуелното раководство на клубот, незадоволни „од резултатите, организацијата и целосната катастрофална ситуација во која се наоѓа ФК Вардар“.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Контраспин: Николоски само треба да погледне во Собранието, а не во анкетите, па ќе знае кој е опозиција

Контраспин: Николоски само треба да погледне во Собранието, а не во анкетите, па ќе знае кој е опозиција

Спинот на Николоски, кој остава впечаток дека сакаше да иронизира, се состои во тоа што …