Војната во Украина ја влошува глобалната криза со глад. Западот и Русија меѓусебно се обвинуваат за големиот пораст на цените на житото од почетокот на војната. Колку држат аргументите на едната и другата страна?
Според Светската програма за храна на Обединетите нации (ВФП), на 345 милиони луѓе во светот во моментов им се заканува глад – цените на житото, кои експлодираа во февруари, веројатно и натаму ќе се зголемуваат. Според западните земји, главната причина за кризата со жито е воената стратегија на Кремљ. Москва, пак, тврди дека ваквиот развој се должи на западните санкции. Покрај тоа, постои мислење дека недостигот на жито од Украина лесно може да се надомести. Критички поглед на аргументите:
Тврдење: Русија е одговорна за глобалната криза со глад
„Ризикот од глобална криза со глад е одговорност на Русија и се должи на Путиновата војна“, напиша на почетокот на јуни на Твитер германскиот канцелар Олаф Шолц.
Die Gefahr einer weltweiten Hungerkrise liegt in Russlands Verantwortung, ist verschuldet durch Putins Krieg. Wir arbeiten mit der @UN und unseren Partnern daran, damit das Getreide ohne Gefahr aus der Ukraine exportiert werden kann.
— Bundeskanzler Olaf Scholz (@Bundeskanzler) June 7, 2022
Слични изјави дадоа и други западни политичари. Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен рече дека нема друга причина за зголемувањето на цените на храната ширум светот освен руската блокада на украинските пристаништа на Црното Море и ограничувањата на Москва за сопствениот извоз на пченица.
Украина е трет по големина извозник на пченка во светот и седми најголем извозник на пченица, па глобалните пазари на почетокот на војната реагираа на недостигот од кој се стравуваше: цената на пченката од средината на февруари до почетокот на март се зголеми за речиси 20 отсто, а цената на пченицата за цели 60 отсто. Во меѓувреме цените повторно паднаа, но цената на пченицата и натаму е речиси 60% над нивото од претходната година. Сепак, влошената криза со глад не беше предизвикана само од оваа ценовна експлозија, нагласува во интервју за ДВ Мартин Фрик, директор на канцеларијата на ВФП за Германија, Австрија и Лихтенштајн.
Бројот на луѓе кои се акутно загрозени од глад се зголеми драстично во последниве години – од 150 милиони во 2019 година на 276 милиони на крајот на 2021 година и сега на 345 милиони. „Ова е последица на три C, како што секогаш велиме: конфликт, клима, ковид (conflict, climate, covid). Додадено е и четврто C, имено трошоците (costs)“, вели Фрик. „Војната во Украина ги зголеми уште повеќе трошоците за жито, но тие беа високи и пред да почне да се пука на 24 февруари.“
Развој на цената на пченицата (во евра за тон)
Кризата со глад е првенствено криза во делот на дистрибуцијата и цените. Оценка што ја дели и претседателот на Генералното собрание на ОН, Абдула Шахид: „Не ни недостасува храна, всушност имаме доволно за да ја нахраниме планетата. Но, имаме дефицити во нејзината дистрибуција, достапност и куповна моќ“, рече Шахид во говор на 26 мај.
Заклучок: За кризата со глад има различни причини – тековни војни, климатски промени и пандемијата на корона. Војната во Украина дополнително ја влоши ситуацијата.
We are not lacking in food; indeed, we have enough to feed the planet.
What we do have is gaps in:
➡️distribution
➡️access
➡️purchasing powerTransforming food systems requires addressing these inequalities.
My remarks at #AfricaDialogueSeries 👉 https://t.co/bvzBYe5vCF pic.twitter.com/bQUKhVP48s
— UN GA President (@UN_PGA) May 27, 2022
„Има доволно храна во светот и никој не е принуден да му се предаде на Путин“, го цитира БР24 (br.de) воениот економист Маркус Којп од швајцарската Техничка висока школа Цирих. Според него, испораките на жито од Украина кои недостигаат, може да се компензираат. Покрај пченицата, житарките вклучуваат семиња од спелта, ‘рж, јачмен, овес и.т.н., како и пченка. Како доказ за својата теза, Којп, меѓу другото, укажува на глобалните залихи на храна и уделот на украинскиот извоз на жито на светскиот пазар.
Којп проценува дека тој изнесува околу 40 милиони тони, што претставува околу 8,4 отсто од обемот на светската трговија од 479 милиони тони. Во својот најнов извештај за пазарот од почетокот на јули, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) процени дека глобалните залихи на жито изнесуваат околу 859 милиони тони – што е 1,8 пати повеќе од глобалниот годишен трговски обем. Бројки кои сугерираат дека недостигот на украински извоз би требало да може да се компензира.
Водечки производители на пченица во светот
Меѓутоа, притоа не се зема предвид дека „најголемиот магацин за жито во светот е Кина, но таа практично учествува во светската трговија само како купувач“, вели Фрик од ВФП во интервју за ДВ. Фрик не го прифаќа и аргументот дека земјите кои досега речиси исклучиво увезуваа пченица од Украина и Русија би можеле едноставно да се префрлат на други понудувачи.
„Теоретската можност за сурогација не зборува за практичната можност да си го дозволиме тоа“, вели Фрик, мислејќи на неизмерно зголемените цени на светскиот пазар. Тие го прават купувањето поскапо и за државите и за потрошувачите. Високите транспортни трошоци за храна поради дополнителната енергетска криза, доведуваат до дополнително зголемување на цените. Оттука, релевантно е од каде доаѓа житото. Затоа, клучно за важноста на Украина како извозник на жито е не само нејзиниот удел во обемот на глобалната трговија, туку и нејзината географска локација. Ова ја објаснува важноста на Украина како снабдувач со жито, особено за земјите од Блискиот Исток, Северна Африка и Супсахарска Африка.
Кога ќе се погледнат само голите бројки на ФАО, од вид се губи уште еден важен аспект: Русија сега е најголемиот светски извозник на пченица, со удел на пазарот од речиси 20 проценти. „Се разбира, тоа исто така игра улога, бидејќи Русија може да го контролира својот извоз како што ѝ одговара“, вели Фрик.
Заклучок: Земјите не можат толку лесто да го компензираат отпаѓањето на украинскиот извоз на жито како што сугерираат бројките за производство, трговија и складирање. Особено затоа што високите транспортни трошоци за доставување од подалечните земји ги прават уште повисоки и онака зголемените трошоци за купување.
Тврдење: Русија не може да испорача жито поради западните санкции
Руската влада во неколку наврати соопшти дека е подготвена да даде придонес за надминување на кризата со храна – под услов Западот да ги укине санкциите против Русија. Санкциите, како што се вели, влијаат на осигурувањето на бродовите, плаќањата, пристапот на руските бродови до странските пристаништа и на странските бродови до руските пристаништа.
Меѓутоа, „земјоделските и прехранбените производи, вклучително и пченицата и вештачките ѓубрива“ се изземени од извозните санкции. ЕУ тоа уште еднаш експлицитно го потврди во одлуката од 21 јули – во пресрет на Договорот за жито во Истанбул. Конкретно, се наведува дека се дозволени трансакции неопходни за купување, увоз и транспорт. Покрај тоа, руските трговски бродови кои превезуваат земјоделски производи и прехранбени производи можат да продолжат да ги користат пристаништата во ЕУ.
„Сепак, Русија прави сѐ што може за во Африка да го поддржи сопствениот аргумент дека западните санкции се одговорни за несигурноста со храната“, нагласува директорот на ВФП, Фрик. „Впечаток е дека со цените на житарките се игра геополитичка игра.“ Оваа недела Лавров отпатува во неколку африкански земји, а во разговорите беше вклучена и темата – испорака на руско жито. Дали забраната за извоз на пченица воведена од Кремљ во март годинава е сè уште на сила, не е познато, исто како што нема информација и дали во изминатите неколку месеци навистина не се извезувало жито.
Заклучок: Санкциите против Русија не се насочени кон земјоделските производи, како што ЕУ експлицитно повторно појасни минатата недела. Не може да се разјасни дали санкциите во пракса имаат влијание врз обработката на плаќањата и осигурителните премии.