Пишува: Сотир Габелоски
Ако Србите ни’ се браќа, тогаш да земеме пример од нив и да ги копираме овде. Кој е следен?
Србија и српските граѓани се постојано во протести, маршеви и блокади. Неуморни се, а основите по кои демократски се бунтуваат се најразлични. Тоа зборува дека нешто е труло во државата Србија, а кај нас како е? Не е ли труло и кај нас? Е па, ајде да делуваме.
„Кој е следен“ е граѓанското движење кое започна после смртта на Фросина Кулакова, а иницијативата за организирање на протестните маршови и форумите дојде од студентите и младите. Ова движење покажа дека има критична маса и дека луѓето се свесни за сите штетни политики и нефункционирањето на системот. Конечно разбираме дека мора да се ангажираме за да видим промени.
Овие протести се против се’ и против секого. Против секое ниво на власт, против секоја партија, па дури и против самите нас кои некогаш сме биле неодговорни по било која основа. За да нема следен, овие протести треба да останат против секоја нефункционална општествена норма, а граѓанското движење на долг рок да остане надзор над се’ што работат институциите.
Но, да се вратам на Србија за да поентирам. Протестирањето и блокадите во соседната земја ги надминаа сите поделби и луѓето се обединети. За нив 2024-та беше напорна година затоа што протестираа за смртта на 15 луѓе во Нови Сад, протестираа против Рио Тинто, го штитеа мостот на Сава, блокираа општини и друго. Србите се во постојано дејствување и општествено делување. Неуморни се и на протестите не постои политичка партија, а сите оние муабети дека некој работи против српскиот претседател Александар Вучиќ засега се неаргументирани. Србија не запира!
Нашите драги соседи се вистински пример за цела Европа. Нас ни’ се најблиску и треба најсилно да делуваат на нашите општествени дејанија. Да се подучиме дека со излегувањето на избори не значи дека сме ја завршиле својата работа, напротив. Да бидеме смели и да побараме институциите да функционираат, без оглед кој е на власт. Да се помириме дека мора да сме општествено активни затоа што оние што ги бираме, оние што ги водат институциите и оние што треба да го бранат правото – не ги бива.
Да бидеме бунтовни додека сме сложни, а браќата Срби ќе ни’ помогнат во тоа.