Во септември во училишните клупи можно е да седнат речиси 5.000 помалку првачиња во споредба со минатата година. Намалениот број на уписи ја отвора една од најважните дилеми за иднината на Северна Македонија: дали училиштата остануваат празни поради падот на наталитетот или поради иселувањето на младите семејства?
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, оценува дека една од причините е намалениот број новородени деца во 2020 година. Демографскиот експерт Дончо Герасимовски деновиве во разговор за ДВ предупреди дека ваквиот пад не може да се објасни само со наталитетот и дека иселувањето има сè поголемо влијание врз бројот на ученици.
Според првичните податоци на Министерството за образование и наука, неколку илјади деца кои треба да започнат настава во прво одделение сè уште не се запишани. Јаневска нагласува дека дел од родителите традиционално ги запишуваат децата кон крајот на август и во текот на септември.
„Дел од учениците што требаше да бидат запишани во мај и јуни сè уште не се запишани. Тоа е пракса и од претходните години. Дополнително, не сите училишта навреме ги внесуваат податоците во Е-дневникот“, изјави министерката во интервју за ТВ Сител.
Сепак, и покрај очекуваните дополнителни уписи, Јаневска во изјава на 6 август рече дека годинава ќе има значително помал број првачиња. „Според најновите податоци, годинава има околу 4.900 првачиња помалку од лани. Дури и ако се зголеми бројот на запишани деца во наредниот период, ќе имаме најмалку 3.000 првачиња помалку. Тој тренд го очекуваме и следната година“, рече таа.

Јаневска: Падот на наталитетот го намалува бројот на ученици
Министерката смета дека причините првенствено треба да се бараат во демографските движења и намалениот наталитет. Генерацијата која сега се запишува во прво одделение е родена во 2020 година, кога веќе биле видливи негативните демографски трендови.
„Статистичките податоци покажуваат дека наталитетот во тие години бележи пад. Тоа е една од причините за намалениот број ученици“, вели Јаневска. Таа додава дека бројот на средношколци и студенти исто така се намалува, што укажува дека проблемот не е ограничен само на основното образование.
Експерти: Не исчезнуваат само новороденчињата, исчезнуваат цели семејства
За демографскиот експерт и поранешен директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, објаснувањето со наталитетот не е доволно.
Според него, пад од речиси 5.000 првачиња за само една година е сериозен демографски аларм кој укажува дека државата продолжува да го губи младото население.
„Намалувањето на бројот на живородени деца влијае врз бројот на ученици, но не во мера која би објаснила пад од речиси 5.000 првачиња за само една година. Тоа покажува дека иселувањето има значително влијание врз овие бројки“, изјави деновиве Герасимовски за ДВ.
Тој потсетува дека Северна Македонија со години се соочува со негативен природен прираст, но и со заминување на млади семејства во странство, каде што нивните деца се раѓаат, растат и се школуваат. „Ова не е само статистика. Кога губите првачиња, губите идни ученици, идни студенти и идна работна сила“, предупредува Герасимовски.

Сè помалку ученици, сè повеќе празни училишта
Последиците веќе стануваат видливи на терен. Поради намалениот број ученици, Министерството најавува затворање на околу 20 подрачни училишта. Јаневска вели дека има училишта во кои наставата се одвива со само неколку деца.
„Имаме случаи на пет деца во пет различни одделенија. Тоа не е ниту образование ниту социјализација. Учениците мора да имаат можност да учат и да се развиваат во поголеми групи“, изјави министерката.
Таа посочи дека во 2021 и 2022 година биле затворени околу 20 училишта поради недостиг на ученици, а сличен процес ќе продолжи и оваа година. Најчесто станува збор за подрачни училишта со помалку од пет ученици.
Статистиката ја потврдува кризата
Податоците покажуваат дека бројот на првачиња опаѓа речиси секоја година. Во учебната 2018/2019 година имало повеќе од 22.100 првачиња, додека во учебната 2025/2026 година нивниот број паднал на 17.921.
Во последната деценија, според анализите на Центарот за граѓански комуникации, бројот на ученици во основното и средното образование е намален за околу 27.000.
Во меѓувреме, наталитетот продолжува да паѓа. Од 19.031 живородено дете во 2020 година, бројот се намалил на 16.061 во 2024 година. Но, според експертите, само овие бројки не можат целосно да го објаснат намалувањето на уписите.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место