дизел

Кој и како манипулирал со цените на дизелот

Корисниците на дизел во 2022 година плаќале за гориво повеќе отколку што требало. Истражувањата на НДР покажуваат како дизел индустријата благодарение на влијателна Служба за информирање за цените заработила милиони евра.

Кога возач со дизел автомобил во Германија оди на бензинска пумпа, од цревото најчесто тече дизел гориво од руско потекло. Иако ЕУ уште пред неколку месеци донесе одлука за стопирање на трговијата со руски дизел, ембаргото стапува на сила дури догодина. Но, ако се погледнат цените на дизелот на бензинските пумпи, се чини како ембаргото веќе да се применува. Според истражувањата на НДР, една причина за тоа е Информативната агенција за анализа и пресметка на цени, Платс (S&P Global Commodity Insights), со седиште во Лондон, која уште летоска ја пресмета цената на рускиот дизел според ценовниот модел за северозападна Европа. Со ова виртуелно понудата на руски дизел беше намелена, иако де факто во тоа време бил и сѐ уште е достапен на пазарот. Со оваа пракса Платс очигледно го поттикна наглото зголемување на цените на дизелот уште годинава, покажуваат истражувањата на НДР.

Индекси со „клучна улога“

Агенции како Платс на дневна база собираат информации од трговците со дизел и пресметуваат дневна цена по тон. Од ова формираат индекс за одреден регион. Овој индекс е важен ориентир за пазарот.

„Овие ценовни насоки се основа за сѐ што се увезува во Европа“, вели Кевин Шефер, раководител на Аргус во Германија, кој е конкурент на Платс. Учесниците на пазарот ги вклучија овие индекси директно во долгорочните договори за испорака. Поради тоа овие индекси одиграа „клучна улога“, вели Шефер, бидејќи тргувањето со дизел во основа се прави со годишни договори.

На пример, една бензинска пумпа склучува годишен договор за одредено количество дизел за следната година од некоја рафинерија или трговец на големо. Бидејќи цените често варираат во голема мера, во договорите не се однапред вклучени фиксни цени. Наместо тоа, продавачите и купувачите се договараат за сума која ја одредува независна Агенција за одредување цени, која се пресметува секојдневно. Во Германија за таа намена често се зема индексот на Платс.

Многу учесници на пазарот изненадени

Трговците со дизел кои секојдневно го користат ценовниот индекс, во разговор за политичкиот тв-магазин „Панорама 3“ на НДР ги потврдуваат овие наводи.

„Платс е убедливо најголемиот креатор на цени на нафтениот пазар“, потврдува еден трговец со нафта, кој сака да остане анонимен. Информациите за цената на дизелот се „многу важни и се користат на пазарот“, додава тој.

Промените на индексот на цената на дизелот од Платс, односно исфрлањето на рускиот дизел предвреме, изненади многу од учесниците на овој пазар.

„Вакво нешто во оваа мера до сега се нема случено,“ констатира еден друг трговец, кој исто така сака да остане анонимен. „Цените беа зголемени без да се земат предвид достапните количества од Русија“ вели овој трговец. Невообичаена е ненајдената промена на основата за пресметка на индексот среде годината, односно среде траењето на актуелните договори за испорака.

Платс на прашање на НДР потврди деке е направена промена на индексот за дизел на 1 јуни, наводно на барање на учесниците на пазарот. Промената на индексот е објавена и јавно. Дополнително се понудени нови информации за цени, во чија пресметка и понатаму е вклучен рускиот дизел. Нејасно е колку од трговците ги користат новите информации.

Поради големите количества дизел кои на дневна база се трошат во Германија, и мал пораст на цените има големи последици
Поради големите количества дизел кои на дневна база се трошат во Германија, и мал пораст на цените има големи последици

Последици кои се чувствуваат

Фактички, за порастот на цената на дизелот годинава има многу причини. Само дел од порастот на цените може да се објасни со променетиот индекс. Но, поради големите количества дизел кои на дневна база се трошат во Германија,и мал пораст на цените има големи последици. Бранши чиј бизнис модел е базиран на енергенси, како на пример шпедицијата, се доведени во тесно поради порастот на цените на дизелот.

Карстен Пфаф, сопственик на шпедицијата Пфаф во Хамбург, за неговите 55 возила троши околу 30 илјади литри дизел неделно. „Цените на дизелот екстремно нѐ оптоваруваат“, вели Пфаф. Тоа за него значи околу 100 илјади евра повисоки трошоци месечно. Пфаф може наглиот пораст малку да го амортизира со заштитни клаузули кои стојат во неговите договори за испорака, дел од порастот на цената може да префрли на клиентите. Но, сепак, повисоката цена на дизелот ја заострува и онака тензичната ситуација во шпедитерската бранша.

Трошоците се префрлаат на крајниот потрошувач

Истражувањата на НДР покажуваат дека промените на индексот од Платс веројатно предизвикале пораст на цената на дизелот во северозападна Европа која во браншата може да резултира со дополнителна добивка од повеќе стотици милиони евра. Платс вели дека не може да даде информации за дополнителни добивки и за такви прашања посочува на конкретните компании. Тие пак, на прашање на НДР во врска со добивките, најчесто се повикуваат на нивната деловна тајна.

Рафинериите се меѓу најголемите профитери, велат трговците
Рафинериите се меѓу најголемите профитери, велат трговците

Трговците кои разговараат со НДР, но сакаат да останат анонимни, сметаат дека најголемите профитери се во средината на синџирот: „Би рекол дека тоа се оние кои преработуваат сурови масла, рафинериите, производителите на готови производи и преработувачите”, вели еден трговец. Тие и натаму може да купуваат руски суровини по ниски цени и потоа да ги продаваат преработени по високи цени, кои очигледно ги плаќаат крајните потрошувачи. „Во идеален случај, успеваат разликата во цената во синџирот комплетно да ја префрлат на клиентот”, вели трговецот.

– повеќе: Автомобили: Се исплаќа ли да го претворите „дизелашот“ во електрично возило?

Прашања на нелојална конкуренција

Правникот и професор Кристијан Керстинг од Универзитетот Диселдорф во промената на индексот гледа спорни прашања од аспект на монопол, ако промената се должи на дејствија од повеќе нафтени компании. „Ако може да се утврди дека ова се случува по договор, тогаш од аспект на нелојална конкуренција се отвора голем знак прашалник”, вели Керстинг. Но, одговор на овие прашања може да даде само Антимонополската комисија, која пак не сакаше да се изјасни за НДР во однос на истрагата. Од таму само соопштија дека ги набљудуваат Агенциите за информирање за цените во рамки на една тековна истрага. Сѐ уште не се знае кога таа ќе биде завршена.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Трамп може да се кандидира и од затвор

Трамп може да се кандидира и од затвор

Ова никогаш не се случило во историјата на САД. Идниот кандидат и, можеби, претседател Доналд …