Пишува: Зоран Милошески
Првенствено заради етничкиот состав на населението, резултатите од изборите во Маврово и Ростуше, Центар Жупа и Тетово можат, но не мора да бидат барометар за моменталната политичка клима во државата. Особено не за соодносот СДСМ:ВМРО-ДПМНЕ што, после катастрофалното десетмесечно владеење на градоначалниците на Мицкоски и проблематичниот рејтинг на Владата на Ковачевски предизвикан од влијанието на македонско-бугарскиот спор, ќе беше прилично интересно да се види.
Ако ВМРО-ДПМНЕ изборната кампања ја водеше на, за нив, традиционален и веќе виден начин, впечаток е дека како ретко кога, раководството на СДСМ ги напушти кабинетите на „Бихаќка“ и излезе на терен.
Им светна ли сијалицата на социјалдемократите за нималку розовата ситуација во која се наоѓаат? Станаа ли свесни што ќе изгубат ако го изгубат Маврово и Ростуше, или ако не го подобрат резултатот од ланските избори во Тетово? Си признаа ли пред огледало колку е очајна состојбата во најголемиот дел од Општинските организации, па го направија она коешто треба да го прават на сите избори, во секоја општина?
Власта е минлива и менлива категорија, па од тие причини не само што не е никаква трагедија да се загуби на избори, туку во одредени ситуации промените се и неопходни. Се разбира, под услов тие што ќе дојдат на власт да бидат подобри, или барем помалку лоши од претходните.
За жал, искуството од промената на власта на локално ниво после ланските избори покажа дека тоа не се случи и дека, генерално, претходната гарнитура на градоначалници, со сите свои мани беше неспоредливо подобра од онаа која сега раководи со општините. Тоа, со секој нов ден, се’ повеќе и повеќе ќе доаѓа до израз.
Не знам колку актуелното владино мнозинство го имаше ова предвид кога ја спремаше стратегијата за денешните избори. Ама ако ништо повеќе, сигурен сум дека им е кристално јасно оти секој нов лош резултат во нивното владеење, колку и да е ситен и наизглед безначаен, претставува камче во морето кое ја подига плимата на незадоволството на повисоко ниво. Можеби со голо око невидливо, ама значајно.
И потполно е неважно дали е народот во право и кога греши. За изборниот резултат на било кои избори, не можат да се обвинат граѓаните, најмалку, пак, да им се замери за тоа што најчесто гласаат „против“, а не „за“.
Од тие причини, ако не повлечат црвена линија и не направат радикален рез првенствено во внатрепартиското функционирање, нема да биде далеку денот кога Мицко и неговата братија од ВМРО-ДПМНЕ, ни криви ни должни, ќе седнат во „шампитата“ на „Илинденска“. А кога тие еднаш ќе заседнат, тешко стануваат.
Не само заради катастрофалните резултати на нивните градоначалници, туку и заради лошото функционирање на нивните општински комитети и очајната кадровска политика во која доминираат истите истрошени и девалвирани имиња од 11-годишното владеење на централно ниво, не памтам кога ВМРО-ДПМНЕ било полошо од сега.
Првиот кој ми паѓа на памет од низата извикани ликови, е Антонио Милошоски, важен шраф во за’рѓаната машинерија на Мицкоски.
Зарем треба да се навраќаме на неговите „заслуги“ за тридецениското тапкање во место на државата и да потсетиме што се’ се офајдил од неа? Очигледно дека треба.
Накратко: Преку прислушуваните разговори јавноста слушна како Милошоски нарачувал лустрација на судија, додека како еден од најревносните автори и непресушен извор на лажни вести, директно ги поткопува интересите на државата.
Антонио е осудено лице во Германија, а заради инволвираност во продажбата на објект во с.Ижишта, општина Македонски Брод, заедно со неговиот татко се обвинети во случајот „Моќник“.
Пред повеќе од една деценија медиумите пишуваа за државните станови со кои тој се стекнал, како и за авто-мото сојузите и разните други фирми кои членовите на неговото најтесно семејство ги купувале низ Кичево и државата.
Исто така, остана нејасно на кој начин неговиот поранешен дедо, татко на неговата екс сопруга, со плата на графички техничар, во елитната населба Бардовци изградил две куќи на површина 1.100 метри квадратни?
Исклучително интересни се информациите кои за Милошоски неодамна ги кажа Александар Диневски, екс разузнавач од Службата за државна безбедност и еден од основачите и потпретседател на Комисија за стратешки истражувања и организација (КСИО) при ВМРО-ДПМНЕ.
Тој го разобличи лажниот студентски штрајк со глад, одржан во далечната 1997 година пред македонското Собрание, во „Жена парк“, каде еден од протагонистите и „глумците“ беше и Антонио Милошоски.
Диневски ја откри и намерата на Милошоски да премине во Социјалистичката партија на Ѕинго заради тоа што, како што се пожалил, тешко живеел и не можел да состави крај со крај.
Конечно, Диневски го кажа она коешто е јавна тајна: дека под влијание на Доста Димоска, Димитров, Лепавцев и Миле Неделковски, Антонио Милошоски бил заврбуван и станал дел од бугарското крило во ВМРО-ДПМНЕ!
Ете така отприлика изгледаат „ударните тупаници“ на ДПМНЕ, кои без ронка срам и со образ ѓон, зборуваат за чесност, чест, морал, правда и патриотизам.
Другари и другарки од СДСМ, спремни ли сте ним да им ја предадате власта?